„Dragoon Guardian 17“ – Високо ниво на интероперабилност

Заедничката вежба на АРМ и Армијата на САД во Европа  „Dragoon Guardian 17“ е резултат на меѓусебната воена соработка на АРМ и Армијата на САД во Европа. Цел на вежбата беше подобрување на интероперабилноста на АРМ со НАТО стандардите, зајакнување на постојното партнерство со САД како и демонстрација на можностите на вооружените сили на двете армии за помош и поддршка на цивилното општество

На вежбата  „Dragoon Guardian 17“, која се одржа во Република Македонија, поточно на терените на АП „Криволак“,   учествуваа деведесетина припадници на АРМ од Инженерискиот баталјон од составот на Првата механизирана пешадиска бригада  и околу тристотина припадници на  „2 Cavalry Regiment“ (2CR)  на Армијата на САД во Европа  (USAREUR). На вежбата  учествуваа и припадници од другите единици на АРМ за пружање на логистичка поддршка и воено полициско обезбедување. Целта на вежбата беше да се  подобри интероперабилноста на АРМ со НАТО стандардите, зајакнување на постојното партнерство со САД, како и демонстрација на можностите на вооружените сили на двете армии за помош и поддршка на цивилното општество. Дел од обуката која се изведуваше за време на вежбата беше фокусирана на брзото и ефикасно изведување на  деконтаминација на теренот. Воедно, припадниците при заедничката работа и активности имаа можност  да се запознаат со  личното вооружување  на двете армии и изведување на гаѓања. Значаен дел од вежбата веше и инженериската изработка на полетувачко-слетувачкана патека за беспилотно летало, а најголем интерес и внимание привлече  чистењето на рути од импровизирани експлозивни направи со помош на специјалното возило „Бафало“, кое беше довезено за потребите на вежбата.

Преку оваа голема и значајна вежба се придонесе за подобрување на степенот на борбена подготвеност и интероперабилноста на двете армии, како и способностите за ефективна соработка помеѓу составите за обука со цел подобрување на нивната способност за учество во НАТО-предводени операции. Заедничкото работење придонесе за квалитетна  размена на знаења и искуства, како и развивање на можностите и способностите на персоналот за учество во мировни операции. Исто така вежбата беше планирана преку интерактивна соработка и презентација на дел од опремата во повеќе градови во Македонија да ги развива и подобри техниките на цивилно-воената соработка како значаен сегмент од процесот на планирање и изведување на мировни операции. Така, во текот на вежбата граѓаните на Куманово, Скопје, Велес, Штип, Струга и Струмицаа имаа можност да се запознаат со опремата и задачите на војниците, нивниот начин на живот, работните обврски и секојдневието.

На свеченоста во Куманово, на која беа презентирани и дел од возилата на АРМ и вооружените сили на САД кои се дел од вежбата, беше присутна и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која по тој повод истакна дека со оваа вежба се зајакнува билатералната соработка со САД. „Гледајќи ја амбициозната програма, која е плод на заедничка работа на припадниците на АРМ и на вооружените сили на САД, уверена сум дека оваа голема вежба ќе биде одлична можност за зајакнување на подготвеноста на нашите единици и ќе ја приближи АРМ кон високите критериуми на нашите партнери, САД“, рече министерката пред присутните во Куманово.

На Отворениот ден на вежбата, кој се одржа на АП„Криволак“, покрај многубројните гости и претставници на медиумите беа присутни и премиерот Зоран Заев,  министерката за одбрана Радмила Шекеринска и началникот на генералштабот на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски.  „Навистина е големо задоволството кога ќе видите нашата армија да учествува со Армијата на САД на вежбовни активности кои навистина се имплементираат насекаде во светот, каде нашите војници заедно со војниците на САД и војниците од земјите од ЕУ се грижат за севкупниот мир во светот и чуваат така драгоцено нешто коешто се вика слобода“ – истакна премиерот премиерот Зоран Заев во таа прилика. Заев истакна дека му претставува посебно задоволство што војниците на АРМ учествувајќи на вежбите го отвораат и патот на Република Македонија кон полноправното членство во НАТО. Во Криволак, како што кажа премиерот, во иднина може да се развива инфраструктура за тренинг на македонските војници кои учествуваат во мисиите. „Затоа Владата заедно со Парламентот размислува за унапредување на севкупниот буџет на нашата армија којашто и тоа како е многу важна прво за нас, но и за нашата севкупна подготвеност во мисиите и мировните мисии коишто армијата насекаде ги одржува во светот“ – додаде премиерот Заев.  Заев изрази задоволство што вежбата се случува пред посетата на потпретседателот на САД Мајк Пенс на регионот. „Ова само потврдува колку сме посветени кон интеграциите во НАТО. Јас ќе ја искористам приликата сигурно со потпретседателот да поразговарам за нашите идни планови, но да продолжам да ја барам поддршката од САД, како и од другите земји членки на НАТО навистина конечно Република Македонија да го направи тој долгоочекуван чекор – полноправно членство во НАТО“ рече премиерот. Според амбасадорот на САД Џес Бејли оваа вежба го покажува военото партнерство во акција каде американските и македонските војници работат на специфични воени вежби.Ова докажува дека нашите војници освен за акција се спремни и за хуманитарни акции. Оваа вежба не започна од овде од Криволак. Со серии на тренинзи започна во Германија каде што го правеа истото што и овде, потоа во Романија, Бугарија и Македонија. Ова е долг процес, но ова е тоа за што работат нашите воени партнерства. Овој вид активности можат да помогнат да се унапредат македонските аспирации за придружување кон НАТО“ -рече Бејли.

Да се надеваме дека оваа активност, како и многуте претходно и оние планирани во иднина, ефикасно ќе придонесат за што поскоро зачленување на Република Македонија во НАТО.

Кристина Илиевска

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail