„Beretta M9“

Независно што првите верзии на пиштолот „Beretta 92“  имале одредени технички проблеми, понатамошното усовршување помогнало да се отстранат недостатоците, односно да се развие одличната борбена верзија „Beretta FS“ (M9), која се карактеризира со одличен квалитет на производство и ергономски дизајн, лесен начин на расклопување и одржување, добра прецизност, лесно достапни двострани команди, голема издржливост и сигурност на работа (при едно тестирање биле испукани 17.500 куршуми без ни еден застој). „Beretta M9“ припаѓа на групата полуавтоматски оружја, со принцип на работа кратко повлекување на цевката каде забравувањето се остварува со паѓање на блокот по примерот на пиштолот „Walther P-38“. Пиштолот поседува DA/SA механизам на дејство, а ударната игла е блокирана со сигурносна чивија се додека чкрапалото не е повлечено до крај. Се користи при борбени дејства на мали далечини до 50м, а најдобите резултати со него се постигнуваат до далечина од 30м. Сите лостови на управувачките команди од пиштолот се изработени ергономски и се лесно достапни, овозможуваќи лесно ракување со десната или левата рака. Лостот за расклопување на пиштолот, утврдувачот/ ослободувачот на навлаката и копчето за ослободување на рамката за муниција се поставени од левата страна на рамот. Beretta 92 FS(M9)По потреба копчето за ослободување на рамката за муниција може да се постави од десната страна на рамот. Од десната страна на рамот е поставено копчето за расклопување на пиштолот. На крајот од навлаката од двете бочни страни се поставени лостови кои имаат двојна улога и тоа како мануелна кочница и декокер, даваќи можност за полесно ракување со пиштолот. Отворената навлака од пиштолот е изработена од многу квалитетен челик, а рамот се изработува од прецизно обработенa алуминиумска легура. На навлаката се поставени предниот и задниот механички нишан со можност за корекција по правец и на нив се поставени три бели трициумски точки наменети за нишанење при слаба видливост. Предниот дел од извлекувачот на куршуми (поставен на бочниот дел од навлаката) има улога и на индикатор на куршум во цевката, кој може да се напипа кога во цевката има куршум или визуелно да се провери дали извлекувачот е испакнат. Вториот начин за утврдување дали механизмот на пиштолот е запнат (репетиран) или има куршим во цевата е преку надворешниот удирач на ударната игла. Инаку при испукување на последниот куршум навлаката останува во задна положба.

Облогите на ракофатот стандарно се изработуваат од анатомски обликуван многу издржлив полимер или од дрво. Стандардната рамка за муниција е дворедна со капацитет од 15 куршуми, но развиени се и рамки за муниција со капацитет од 10 и 20 куршуми. На задниот дел од рамката за муниција има кружни отвори со цел лесно утврдување на бројчаната состојба на куршумите. Цевката е тврдо хромирана што ѝ дава голема издржливост и многу мала потреба за одржување, а во неа има 6 жлебови со десен чекор на ротација од 250мм. Површинската заштита на челичните делови од пиштолот се остварува со брунирање, а алуминиумските делови се анодизирани црни. Расклопувањето на пиштолот за чистење е доста едноставно и се изведува без алат. Пред расклопувањето се вади рамката за муниција од пиштолот и се проверува дали е празен, односно дали во цевката има куршум. Потоа се притиска копчето за расклопување на пиштолот (позиционирано од десната страна на рамот),  а лостот за расклопување (поставен од левата страна на рамот) се ротира за 90° надоле и навлаката се повлекува нанапред за да се одвои од рамот. Од навлаката прво се вади повратната пружина со водиштето на повратната пружина, а потоа се вади цевката. Со оваа процедура е завршено основното расклопување на пиштолот. Склопувањето на пиштолот се изведува по обратен редослед. Главни делови на пиштолот се: рам, механизмот за окинување, навлака со преден и заден механички нишан и затворач со ударна игла, цевка со забравувачки блок, повратна пружина и водиште на повратната пружина и рамка за муниција.

Oд пиштолот „Beretta M9“ се развиени следните верзии: „М9А1“ опремна со пикатини шина за поставување на тактичко светло или ласерски нишан, М9А2 (само како концепт) и М9А3 кој поседува повеќе модификации и тоа рамка за муниција со капацитет од 17 куршуми, пикатини шина, земјени бои на пиштолот, потенок ракофат, нова едноделна облога на ракофатот, можност за замена на механичките нишани и друго.

Ивица Дамески

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail