„ACHZARIT HAPC“ – Израелски тешки оклопни транспортери

Оклопниот транспортер познат како „Achzarit“ е оклопен транспортер кој се заснова на руските модели на тенкови „Т-55/Т-54“ кои се заробени во текот на Арапско – израелските војни.

Првите тешки оклопни транспортери беа оперативни во 1989 година, и брзо потоа се испратени во Јужен Либан. Тие беа доделени на бригадата Голани од IDF, која оперираше на подрачјето на границите со Либан и во западниот брег и на бригадата Гивати. Некои беа дел и од операцијата „Виножито“ (Rainbow) во Рафах во втората Интифада (востание на Палестинците против Израелците) и во војната во Газа. Во последните години започнаа да влегуваат во областите Јудеја, Самарија и во Газа. Во 2005 година одредени модели на „ Achzarit“ транспортерите беа ажурирани да се употребуваат како амбулантни возила
Војната во Либан им покажа на Израелските одбранбени сили дека стандардните транспортери како „М113“ тешко може да издржат напад со РПГ без дополнителна оклопна заштита, како и напади со цела палета на рачни направи од третата генерација употребувани од страна на „Хезболах“. Самата „Меркава“ често се употребуваше како импровизација на тежок оклопен транспортер благодарение на задниот пристап и пространата внатрешност на тенкот, но тоа не беше оптимално. Од друга страна пак, имаше богатство на запленети поранешни сириски, јордански и египетски тенкови „Т-55/Т-54“ во складиштата, заробени во текот на неколкуте војни во 1967 и 1973 година, многу од нив беа напуштени од арапските посади. Многу други армии би ги отфрлиле овие возила како отпадно железо, но штедливите Израелски одбранбени сили (IDF) пронајдоа поинакво решение. Пополнети со ново вооружување, мотори како и противпожарна контрола тие ги пополнија резервните бригади со овие возила. Почнувајќи од 1987 година околу 276 тенкови „Т-55“ се обновени со отстранување на куполата и изградба на оддел за 10 војници. Дел од нив беа претворени во тенкови „Тиран“, но до есента 1980 година истите покажаа мала вредност за модерното војувалиште и во најдобар случај беа користени како резервни борбени тенкови. Така се дојде до идеја да се претвори целата флота на заробени тенкови во тешки оклопни транспортери за да се исполни улогата која е очекувана за нив за борба во урбана средина. Ова беше целосна конверзија и секако првиот тежок оклопен транспортер од ваков вид во светот, кој ги инспирираше српскиот „VIU-55 Munja“ и руските „BTR-T и BMTP“. Ова возило Израелците го нарекоа „Achzarit“ (Посада еден).

Одлуката за претворање во тешки транспортери е донесена во 1986 година, а работата започна во дизајнерското биро на корпусот на артилеријата на Израелските одбранбени сили, што доведе до првиот прототип во 1988 година кој беше тестиран и прифатен за употреба. Во текот на годините следеа 250 конверзии на овој тип транспортери за служба во Либан. Моторот и менувачот се изменети, оригиналниот горен дел на шасијата во потполност е отстранет, вклучувајќи ја и куполата, долниот дел исто така е изменет (лежиштето на моторот, суспензијата, електричната инсталација итн). Има дополнителни оклопни плочи, подобрено маневрирање и ракување. Оригиналниот советски дизел мотор со ладење на вода е заменет со нов модерен и компактен и многу снажен „NIMDA 650-hp“ мотор (прва серија) од израелско производство кој беше преместен во задниот лев дел. Оригиналниот погон и торзионите шипки очигледно останаа непроменети. Во централниот дел беше направен оддел за сместување на војниците, со странична влезна врата од десната страна. Просторот беше доволно голем за седум целосно опремени војници, додека останатиот дел го сочинуваат возачот, нишанџијата на митралезот и командирот на возилото (кој во опција може да има стаклена купола отпорна на куршуми над неговиот отвор) на предната страна. Поклопецот на возачот опфаќа, како и обично, 3 перископи кои го покриваат фронталниот лак. Бидејќи заштитата беше најважна, таа ја зазеде формата на новиот оклоп со благ наклон на предната страна, како и дебел страничен оклоп изработен од ERA модули вметнати во прегради, делови на композитниот оклоп со дебелина до 200 мм. Заштитата на кровот е зголемена со целосен пакет на ERA (експлозивно реактивен оклоп) тули, Вооружувањето опфаќа 4 митралези 7,62 мм од кои 3 митралези испукуваат од внатре и еден митралез 7,62 мм е далечински управуван „Rafael Overhead Weapon Station (OWS)“ како и фрлач на димни гранати производство на Израелските одбранбени сили. Последниот митралез може да биде заменет со подобрената варијанта 12,7 мм далечински управувана вооружена станица „Samson Remote Controlled Weapon Station“. Главна разлика помеѓу првата варијанта и варијантата „Achzarit Mk.2“ вклучува и нов дизел мотор „ Detroit Diesel 8V92TA 850 hp NIMDA“ поврзан со надоградената трансмисија „Allison XTG-411-5“ и секако, надградбата на оклопот. Благодарение на новиот мотор брзината на оклопното возило сега е 65 км/ч, поради соодносот на снагата и тежината 19 хп/т. Истовремено специјализирани за урбана борба се појавија и „Aquarium и Doghouse“ варијантите на овој тежок оклопен транспортер. Овој нов мотор може да се инсталира без да се прават промени во моторниот оддел или на самото возило. Тоа обезбедува излезна моќ од 720 бхп, со што се обезбедува поголема моќ на оклопниот транспортер да оперира на линијата на фронтот со новоите современите борбени тенкови како што се „Меркава“ Мк3 и Мк 4. Моторот може да се снабдува со воздух од одделот на посадата или од моторниот оддел со помош на пред – чистачот опремен со вентилатор за евакуација на прашината. Возилото е опционално опремено со целосно автоматизиран, електронски контролиран „XTG411-6-N“ систем за трансмисија. Возачот, командирот и нишанџијата седат на предната страна на возилото. Во делот за сместување на пешадијата сместени се седум војници на една клупа и има 4 поединечни места на преклопување. Во задниот лев дел на одделот за сместување на војниците е поставена обложена клупа, на крајот од неа има седиште кое може да се закачи. Три поединечни седишта на преклоп се поставени во десната страна од одделот за сместување на војници. Возачот и нишанџијата имаат перископи за набљудување. Командирот има отвор во форма на подигната позиција на чадор. Вака подигнатата купола обезбедува надземна заштита, а нуди и целосна визија. Возилото исто така е обезбедено со дневно ноќни погледи.

Оклопниот транспортер „Achzarit“ може да ги преживее проектилите од типот (HEAT – high explosive anti-tank) и (KE – kinetic energy) проектилите кои се способни да ги уништат конвенционалните пешадиски борбени возила. Предниот лак на возилото може да издржи повторени удари од гранати со калибар 125 мм. Задната страна на возилото е заштитена со оклопни решетки. Околу 14 тони од возилото се состои од напреден додатен оклоп кој обезбедува високо ниво на заштита. Возилото исто така е обезбедено со NBC (нуклеарна, биолошка и хемиска) заштита и автоматски систем за сузбивање на пожар.
Останати спецификаци на ова оклопно возило се следни: должина: 6,2 метри;широчина: 3,6 метри;висина: 2 метри; тежина 44 тони (подготвено за борба);посада: 3+7 лица (возач, нишанџија, командир и 7 војници);мотор: „ Detroit Diesel 8V92TA 850 hp (630 kw) 19 hp/tonne“; автономија на опсег: 600 км; вооружување: 3 х 7,62 мм лесни митралези (вклучувајчи еден со Rafael далечински управувана станица);оклоп: максимум 200 мм RHA, композитен ERA; максимална брзина на пат:55 км/ч; совладување на наклон од 60%;совладување на страничен наклон 40%;совладување на ров: 2,7 м; совладување на вертикална препрека: 0,8 м.совладување на водени препреки: 1,4 м (без подготовка); совладување на водени препреки: 4 м (со подготовка).

Останати варијанти на „Achzarit“: „Achzarit Ambulance“, тешко амбулантно оклопно возило на кое внатрешноста е прилагодена за да го максимизира бројот на лица за згрижување и носење; „Achzarit Aquarium“, опремен е со затворени стаклени прозори отпорни на куршуми (како кај американскиот TUSK) со отвор одозгора; „Achzarit Doghouse Sports“, е затворена „куќа“ направена од 7 прозори отпорни на куршуми и оклопна плоча отпозади за борба во урбана средина; „Achzarit RCWS-30“, експериментална конверзија на израелските одбранбени сили, опремена со автоматски топ 30 mm поставен на кровот развиен од страна на „Rafael“; „Achzarit HATAP An ARV/EFV“, конверзија опремена со дополнителен капацитет за товар, чекрк и дозерско сечиво.

Идриз Идризоски

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail