Божествена кадилница и благослов – Карпест говор во Прилепско и Мариово

Svetecot-RasimbegovmostДуховна мудрост, благост, ревност и копнеж често осамнува на фреската која е печат на карпа. Во срцето на природата, фрескоживописот, надополнет со карпестата уметност, е ретка и податлива појава која воодушевува. Исклесани и нацртани остатоци од фрески на карпесто тло се патеводители низ животот. Како отсечено парче од духовен колач, фреските се живи сведоци во Прилепско и Мариовско за култното минато на овој крај. Иако стручњаците велат дека немаат некоја посебна уметничка вредност зашто се подложни на атмосферски влијанија, сепак, остава без здив кристално чистата порака за верба во Бог, верба во себе и во животот. Тие се редок излив на духовен набој на творецот, а не заталкана мисла без дно. Обично од нив ѕиркаат религиозни теми и најчест мотив се светци чии имиња ги носат блиските цркви или манастирски комплекси. И кога дождот ќе им ги размачка очите или ќе им ја уништи облеката на ликовите кои се насликани, сепак фреските дишат со уникатната порака која ја кријат во себе. Но, институциите немаат поголем интерес да ги обележат, да ги заштитат и да ги реставрираат, односно да ги освежат сликите кои обично се работени со водни бои на свеж малтер или во случајов на карпи. Во околината на Прилеп има десетина. Траги од фрескоживопис има на 50-60 метри од манастирот „Свети Архангел Михаил” и кај карпата наречена „Слонот на Марковите Кули“. Таму осамнале две фрески. Богородица со Исус залегнала на карпа под Бела Чешма на патот кон манастирот „Богородица”, односно „Трескавец“, а на 150-160 метри лево имало уште една фреска. Атарот на село Дабница криел седум метри висока карпа т.н. Црква, со насликан светец „Свети Архангел”. Постарите кажуваат дека тука се собирале мештаните, разговарале, правеле разни ритуали и помен за мртвите. На карпите околу ова село имало безброј крстови обележани со вар или со бела боја. Карпа што прилега на мал елегантен шаренолик брод се издигнала во подножјето на Селечка Планина во близина на с. Селце. Тоа е сакрална карпа која наликува на остаток од пештера во чија внатрешност се насликани „Свети Димитрија” и „Свети Никола”. Карпата е оградена со ниска камена ограда. И околината на село Зрзе и Мариово, посебно кај село Зовик, има богата карпеста уметност. Се верува дека и Светецот кај Расимбегов мост – Мариово некогаш криел во себе уникатна фреска со мајката Богородица. Сега на тоа место има карпеста камара со икона во неа. Обично, карпите, како живи цркви, шират душокорисен збор покрај тоа што се уникатен украс на блиското село, населба или град. Тренчо Димитриески во книгата „Древна цивилизација” забележал интересна приказна поврзана со фрескоживописот. Во комунизмот, некој човек, неверник, пукал во фреска на карпа на која бил насликан светец. Набрзо потоа ослепел и умрел. Васе Митреска  

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail