Колешински водопад – допир со убавините

Kolesinskivodopad-Колешино е едно од најубавите села во Македонија. Се наоѓа на падините на живописната планина Беласица, на надморска височина од 630 m. Има околу 400 домаќинства со 1.300 жители, познати како вредни земјоделци и познати производители на бостан и кикиритки. Во непосредна близина на селото се наоѓа Колешинскиот Водопад кој е вистинска природна убавина и реткост. Оваа неизбежна туристичка атракција е дело на природата кое мора да го посетите. Колешинскиот Водопад се наоѓа на надморска височина од 610 метри на реката Баба во пазувите на планината Беласица, меѓу јаворова шума и камени гребени. Со височина од 15 m, се вбројува во највисоките водопади во Македонија, со широчина на падот од околу 6 m. Тој е тектонски водопад, создаден во гранитни камења. Спроти Колешинскиот Водопад, на оддалеченост од околу 100 метри, се наоѓаат уште неколку помали водопади распоредени во низа, високи од два до четири метри, кои припаѓаат на неговиот централен слив. Секој од нив има сопствена убавина по која се карактеризира. Овие водопади досега не оставиле рамнодушен ниту еден посетител. До Водопадот се пристигнува по шумските пешачки патеки кои завршуваат на врвот на ридот од каде што почнува водопадот. Покрај патеките има клупи за одмор, потоа овде е и дрвениот мост кој се наоѓа точно пред водопадот и овозможува поглед на целиот водопад и на прекрасната околина која делува смирувачки за секој посетител. Колешинскиот Водопад се восхитувачка глетка во секој париод од годината. Во лето мамат со зелената околина, пријатните температури и свежиот смирувачки воздух, додека, пак, во зима, со ледениот пејсаж и тишината. Одејќи по патеката, кога ќе застанеш кај малиот мост ќе се загледаш во кристално чистата вода во која речните ракови пливаат под површината. За момент се губиш во уметноста на природата која се буди напролет и заборавате на својата дестинација. Но, потоа ќе го слушнете звукот на водата што паѓа и погледнувате напред. Зад свиокот ќе го здогледате Колешинскиот Водопад, природната убавина за чија промоција е покрената широка медиумска кампања. Проектот „Колешински Водопад – допир со убавините” има цел да поттикне локален економски развој преку привлекување посетители. Овие природни убавини нудат незаборавни доживувања за сите оние што ја сакаат природата. Елена Видинска

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail