Галичка бајка

58_Galichnik-View-Northern-SlopeНа земјината топка постојат населени места кои се издвојуваат од останатите села и градови. На по малку необјаснив начин тие делуваат како да впиле чудна енергија и зрачат низ времето со луѓе и со збиднувања што ја бележат епохата или историјата воопшто. Во пазувите на планината Бистра, лежи едно такво исконско село – Галичник, синоним за автентичност, мајсторско копаничарство, уметност, преродбеништво, впечатливи традиционални битови обичаи и архитектура, но и на неверојатно вкусно сирење и кашкавал. За оние кои не го познаваат, Галичник е свет кој неизоставно мора да се открие, зашто во него духовноста и инспирацијата создале чудесни богатства. Галичник е изразито планинско село од збиен тип со најголема надморска височина меѓу реканските села од 1.200 до 1450 м.н.в. Околината му е карпеста, но и полна со шума, вода, планински реки, ливади, ледини и големи планини обраснати со трева за напасување на селскиот добиток, големите стада овци и коњи. Сместен е во западниот дел на планината Бистра, над него на северната страна се издига Говедарник, со врвот Меденица со 2.163 м.н.в., а на јужната страна се отвора кон Дебарското Езеро од каде по долината на Дрим и Радика допира медитеранска клима. Се смета за едно од најстарите села во мијачкиот предел. Познато е по „Галичката свадба“, што се одржува секоја година на селската слава – Петровден. За време на свадбата, се игра „Тешкото“ оро, што го симболизира надминувањето на тешкотиите во животот. Во минатото, економијата на Галичник се базирала на овчарството, додека многу луѓе биле праќани на печалба. Денес Галичник живее од мај до октомври кога во него престојуваат над 50 семејства. Галичник е туристичка атракција заради својата архитектура и природни убавини. Галичник е познат и по локалната традиционална архитектура, летната Галичка уметничка колонија, како и поради околната недопрена природа. Галичката носија, особено „женската галичка носија“, е една од најпознатите во Македонија. Белите клашнени облеки, украсени со црни гајтани, се главни одлики на „машката мијачка носија“. Се вели дека секој вистински Галичанец го посетува Галичник барем еднаш годишно. Патникот, пак, којшто еднаш го посетил, е веќе дел од галичката бајка. Р.Ш.  

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail