Последното шоу на СС – Операцијата „ДАБ“ – Спасувањето на Бенито Мусолини

ss12 септември 1943 година. Студеното есенско утро тукушто започнало да ги покажува првите сончеви зраци врз планинскиот масив Гран Сасо на Апенинските Планини во Италија. Во мала рамнина, сместена во пазувите на планинскиот масив, се наоѓа скијачки центар каде доминира хотелот „Кампо императоре“. Во тој момент, многу мал број луѓе знаеле дека токму во тој хотел има еден особено важен гостин. Добро чуван од италијанските воено-полициски сили, „карабињери“, на првиот кат се наоѓал Бенито Мусолини, творецот на италијанскиот фашизам и идеолошкиот сојузник на Адолф Хитлер. Во тоа време сојузничките сили ја започнале европската кампања и извршиле инвазија на Сицилија, па на Хитлер очајно му биле потребни војнички, пред сè пропагандни победи. Но, на хоризонтот, сè до 25 јули 1943 г., немало на повидок ниту шанса за некоја позначајна победа која би го променила текот на војната. Неколку недели од почетокот на англо-американската инвазија врз Сицилија, и бомбардирањето на Рим, италијанскиот Голем фашистички совет донел одлука дотогашниот диктатор Бенито Мусолини да биде уапсен. По наредба на италијанскиот крал, Виктор Емануел, Мусолини бил преместуван од едно до друго место низ Италија за да не биде лоциран од страна на германските воени сили кои биле стационирани во Италија. Власта била префрлена во рацете на маршалот, Пиетро Бадоглио, кој требал да започне преговори за мир и сојузништво со сојузничките сили. Шансата на Хитлер Гермaнската разузнавачка служба, како дел од управата за империска безбедност, започнала со интензивна потрага по локацијата на Мусолини. Хитлер издал директна наредба тој да биде пронајден пред да им биде предаден на сојузниците. Мусолини требало да се пронајде и да се киднапира од рацете на своите чувари, и од таа операција да се подготви пропаганден материјал кој повторно ќе ја вивне натчовечката моќ на германската армија и нејзината способност. И, навистина, за краток период германските единици за електронско извидување стационирани во Италија пресретнале мошне активен радиосообраќај помеѓу хотелот „Кампо императоре“ и Рим. Во пораките постојано се говорело за некоја важна личност во хотелот. Шансата е добиена, па Хитлер издал директна наредба: Мусолини да биде грабнат пред носот на сојузниците! Задачата му била доделена на човекот кој имал репутација на „најопасен човек во Европа“ – мајорот на СС, Ото Скорцени. Командант на целата операција бил генералот Курт Студент, командант на воздушно-десантните единици при военото воздухопловство на германската армија. Планирање На 10 септември 1943 г., мајорот Скорцени извршил воздушно извидување на областа над планинскиот масив. Со него биле неговиот аѓутант и неколку планери од военото возздухопловство. Планирањето на операцијата веднаш започнало. Главни планери биле мајорот Хералд Мос, командант на првиот Баталјон од Седмиот полк на падобранските сили, Скорцени и неколку пилоти на воздухопловството. Планот на крајот требало да биде одобрен од генералот Студент, командантот на германските падобранци.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail