Докажани победници и во војна и во мир – Психолошките операции и нивното влијание врз процесот на донесување воена одлука и волјата за борба на непријателот

misija1Психолошките операции или PSYOPS се планирани операции со кои кон слушателите се пренесуваат претходно избрани информации преку разни начини на комуникација и други методи, за да се влијае врз нивните емоции, перцепции, мотиви, цели, резонирања и врз нивните групни и индивидуални однесувања. Во воена смисла, моќта во PSYOPS е во тоа што може да ја деградира непријателската способност за водење или за одржување на воените операции. Тие можат да го нарушат или да го блокираат процесот на донесување воена одлука и волјата за борба на непријателот. На таков начин војната побрзо ќе се доведе до самиот крај, со помалку жртви од двете страни. Психолошките операции се докажани победници, и во војна и во мир, и се едни од најстарите оружја на човечкиот арсенал. Овие операции преставуваат многу значајна несмртоносна алатка во системот за заштита на силите. Се поистоветуваат со употребата на војници и со борбената моќ во текот на војната. Еден од најраните примери за употреба на психолошки операции се гледа во војните на Александар Македонски. Александар оставал војници на освоените простории за да ги бранат од непријателот. Со таквиот начин на војување, по одредено време, Александар забележал дека неговата армија е многу развлечена и ослабена, што можело да доведе до губење на понатамошните битки. Поради тоа, тој наредил да се изработат неколку џиновски оклопни елеци и шлемови. Кога неговата војска се повлекувала, во текот на ноќта ја оставала зад себе џиновската воена опрема. Таквата џиновска опрема, комбинирана со гласините на патниците за суровоста на Aлександровата војска, ширеле доволно сомнеж и страв кај непријателот, поради што се одлучило понатаму да не се гони армијата на Александар. Од страна на реномирани воени авторитети, PSYOPS се нагласува како основна и единствена алатка за постигнување воена победа во денешно време. Американскиот пензиониран генерал со четири sвезди, Мек-Кристал, е еден од тие. Тој, конвенционалниот начин на војување го споредува со бикот кој несебично и со цела сила го напаѓа матадорот. На таквиот напад матадорот со континуирани провокации со црвеното платно го изнемоштува бикот, за на крај да го онеспособи и да го убие. Според Мек-Кристал, не секогаш силата го дава очекуваниот резултат. Поради многуте примери во минатото, денес воените авторитети во светот му даваат значаен акцент на PSYOPS како специјално борбено средство. Неопходно е воените команданти да ги употребуваат психолошките операции во своите мисии и да извршуваат одбрана од таквите напади од непријателска страна доколку настојуваат мисијата да ја извршат со помалку загуби во жива сила и во материјални средства. Начела и принципи Влијанието и ефектот на PSYOPS врз целта треба постојано да се оценува и да се анализира за да се увиди дали е во насока на постигнување на конвенционално поставените цели. Доколку има потреба, се прават соодветни приспособувања насочени кон исполнување на мисијата. Основно во постигнување на PSYOPS-ефектот би било разбирање на мотивите на популацијата врз која се делува. Разбирањето на мотивите придонесува за правилен избор на темите за изработка на психолошки продукт и за правилен избор на медиуми кои се веродостојни и достапни за целта на која се делува. Рано интегрирање и координација. PSYOPS треба да биде целосно и навремено инкорпориран во планирачкиот процес за извршувањето на операцијата и постојано да се координира со другите елементи на системот за да се увиди дали ги поддржува целите на командантите. …повеќе во печатеното издание

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail