Место само за најдобрите – Свечена заклетва на питомците-студенти од првиот циклус на студии во учебната 2013/2014 година

28zakletva„Вашиот избор покажа дека во АРМ има место само за најдобрите меѓу најдобрите, а тоа сте вие. Убеден сум дека вашите семејства се гордеат со вас и со вашиот избор да бидете идни офицери во служба на Армијата“, им порача министерот за одбрана на РМ, Талат Џафери, на питомците од 17.класа студенти од првиот циклус на студии во учебната 2013/2014 година во Воената академија. На свеченоста во Воената академија на РМ по повод свечената заклетва на питомците-студенти од првиот циклус на студии во учебната 2013/2014 година, покрај другите, присуствуваа и началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески, заменик-министерот за одбрана Емил Димитриев, државниот секретар Сашо Стефаноски и деканот на Воената академија, полковникот Орце Поповски, како и роднини и пријатели на питомците. „Во наредните четири години, преку практична и теоретска настава според светските стандарди ќе се здобиете со современи знаења од воената професија, односно чекор по чекор вашите професори ќе ве воведуваат и ќе ви ги откриваат вештините на командувањето. Цврсто сум уверен дека со посветеност, напорна работа и несомнена дисциплина, ќе успеете да ги реализирате сите поставени задачи за време на вашето образование на Воената академија“, нагласи министерот Џафери. „Во јули оваа година, како министер за одбрана ја имав честа да ја промовирам 13-тата класа на високоедуцирани и мотивирани потпоручници на Воената академија или прва класа по рестартирањето на Академијата во 2009 година. После четири години и вие ќе бидете промовирани во потпоручници, со што ќе започне вашиот професионален работен ангажман во Армијата на Република Македонија, во Армијата на Босна и Херцеговина, во Косовските безбедносни сили на Република Косово и во Армијата на Црна Гора“, додаде министерот Џафери. Министерот Џафери се осврна и на позицијата на Армијата на Република Македонија, која од 2002 година придонесува во меѓународните мировни операции, укажувајќи на тоа дека обврска на идните офицери е достојно да ја претставуваат армијата, дома, во НАТО, во ЕУ и во ООН-операциите, односно секаде каде што ќе се укаже прилика за најдобри амбасадори на мирот на Република Македонија. На свеченоста се обрати и деканот на Воената академија, полковникот Орце Поповски, кој потсети дека пред питомците стојат тешки денови во кои професорите ќе бараат знаење, а командирите дисциплина. „За да успеете ќе морате неизмерно да се трудите и да имате само една цел – да станете одлични офицери и лидери“, посочи деканот Поповски. Свечена заклетва дадоа 31 питомец, од кои 26 од Република Македонија, по двајца од Црна Гора и од Косово, како и еден од Босна и Херцеговина. Р.Ш.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail