Развивање пријателство – Од дневникот на Афрдита Волина, претседавач на Клубот на сопругите на офицерите при Врховната команда во Норфолк

34_2SACT Officers’ Partners’ Club (SOPC) е клуб на сопругите на офицерите при Врховната команда за трансформација во Норфолк. Тоа е непрофитна меѓународна организација која овозможува полесно адаптирање и интегрирање на сопругите на НАТО-офицерите во новата животна средина (http://www.sopc.us/). Клубот е формиран во 1984 година и оттогаш па досега функционира беспрекорно. Претседател на Клубот по автоматизам е сопругата на командантот на Врховната команда за трансформација, во моментот Мадам Агнес Паломерос, додека претседавачот се избира секоја година со предлог и гласање од страна на Бордот кој е сочинет од националните претставнички на земјите-членки и партнери на НАТО. Оваа година имав чест да бидам предложена од страна на италијанската претставничка и со силна поддршка на претставничките на Велика Британија, Германија, Франција, Белгија, посебно на Хрватска и на Словенија, бев избрана за претседавач на SOPC. Првпат се случува претседавач да биде претставник на земја-партнер на НАТО. Заедно со мене работаат мојата заменичка која ќе ме наследи во 2014 година, и 9 носителки на должности и нивните асистентки: секретар, веб-мастер, благајник, новинар, фотограф, бенефиции, резервации, членство и социјални активности. Сите овие дами доаѓаат од различни земји, меѓутоа, доброволно работаат за постигнување на целта: развивање пријателство и собирање пари за донации. Постојат голем број активности управувани од страна на Клубот каде стари и нови пријатели се среќаваат, се забавуваат и доживуваат различни култури, а пред сè помагаат во одржување на клубот, а и за реализација на поставените цели. Клубот организира месечни ручеци, почнувајќи од септември па сè до мај, обично секоја втора среда во месецот, во еден прекрасен ресторан наречен „Norfolk Yacht and Country Club“. Различни земји се домаќини на ручеците, со исклучок на првиот ручек на сезоната – септември, каде сопругите на генералите на Командата ги обезбедуваат подароците за лотарија, додека во месецот јануари домаќинки на ручекот се националните претставнички на земјите-членки и партнери на НАТО. Ова е преубав момент, се собираме во некој дом сите заедно (28 членки на НАТО и 5 претставнички од партнерските земји), и секоја од нас носи поклони со симболика од својата земја и ги мешаме. Со нив полниме 10 кошнички кои се наменуваат за лотарија. Ова го правиме со голема љубов, и секоја од нас се обидува да донесе што повеќе и да ги украсиме кошничките што поубаво… Останатите ручеци се организираат секој посебно од страна на некоја земја. Тие имаат задача да организираат програма, да обезбедат подароци за лотарија и индивидуални подароци за секоја учесничка на ручекот, и на тој начин ја промовираат својата држава, својата култура и традиции. Парите собрани преку продажба на картите за лотарија целосно се наменети за добротворни организации. Додека ручеците овозможуваат запознавање со различни држави и со нивните традиции, помалите клубови – околу дваесетина, кои функционираат во состав на организацијата, овозможуваат поблиско запознавање и создавање пријателства меѓу дамите. Постојат јазични клубови (англиски, француски, шпански, германски); спортски клубови: (куглање, тенис, јавање); игри (бриџ, махџонг) и други клубови од генерален интерес: (Клуб на книгата, „Бон апетит“, италијанско готвење, турско готвење, градинарство итн.). Речиси 70% од клубовите се организираат во домовите на членките на клубот со ротација. …повеќе во печатеното издание

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail