Интервју со Олег Шчербак, амбасадор на Руската Федерација во Република Македонија – Реализирање на заеднички проекти

scherbiak_1Македонија и Русија, иако по територија и по број на жители се мошне различни, сепак се историски поврзани, што многупати било потврдено во минатото. Денес руско-македонската соработка е разновидна и се остварува на многу полиња, иако има простор за проширување на соработката, вклучувајќи ја военотехничката соработка во областа на одбраната. Токму тоа беше повод за интервјуто со неговата екселенција, Олег Шчербак, амбасадор на Русија во Република Македонија. Какви се Вашите импресии од Македонија и од луѓето во Македонија? – Импресиите се исклучително позитивни. Имате извонредна, прекрасна земја. Пред сè, мислам на фасцинантната природа чијашто убавина и недопреност ме восхитува и ме полни со енергија, независно од временските прилики и годишното време. Во жешкиот летен ден тоа е ладовината на Охридското Езеро и свежината на планинскиот воздух од националниот парк Галичица, во есенските утра тоа е експлозија на бои во горите на мавровските планини. Во планините на националниот парк Пелистер можеме да уживаме дури и во вистинска руска зима којашто често овде ни недостасува. Посебно чувство ме зафаќа мене како Словен кога, разгледувајќи ги знаменитостите на Охрид, сфаќам дека овде, уште пред 1150 години, Свети Климент и другите следбеници на светите рамноапостолски браќа Кирил и Методиј ја создаваа нашата заедничка кирилица. Согласно на преданието, но и на научната традиција, токму во декември 2012 година го одбележавме јубилејниот датум кој навистина значи многу за сите Словени. Имам впечаток дека овде за јубилејот се зборува многу помалку отколку, да речеме, кај нас, во Русија, иако токму Македонија со право ја нарекуваме „лулката на словенската писменост“. Од моите останати набљудувања како нешто поинтересно би го истакнал и уникатниот спој на западната и источната цивилизација, својствен за вашата земја и за нејзината култура, тесната коегзистенција на христијанството и исламот. Чинам дека тоа создава еден многу посебен, неповторлив амбиент. Што се однесува до луѓето, би рекол дека секојпат при средбите со нив ме радува нивната отвореност, едноставноста во комуникацијата и многу позитивната прецепција на реалноста. Ми се чини дека од Македонците можеме да учиме како да не очајуваме, да не потклекнуваме, без оглед на сите искушенија. Кои се Вашите први асоцијации кога ќе се спомене Република Македонија? – Би сакал веднаш да истакнам дека моите први асоцијации, како човек кој веќе две години работи во Македонија, сигурно нема да бидат исти како на некој што само има слушнато за вашата земја. И моите асоцијации се исто толку разновидни, како што е разновидна и самата Македонија. Како православен христијанин и претставник на земја во којашто поголемиот дел од населението е православно по вероисповед, не можам а да не се сетам на овдешните големи христијански светињи, пред сè на Охрид, нашиот заеднички словенски Ерусалим, како и на многубројните светци што ни ги даде оваа земја. Како дипломат, секако ќе се потсетам и на самопрегорната работа овде на моите претходници – руските претставници, пред сè, на императорскиот конзул во Битола, Александар Аркадиевич Ростковски, блескав млад дипломат кого Руската Империја на крајот на XIX век го испратила во Македонија за да ги штити правата на христијанското население. Тој совесно ја извршил својата мисија, иако, како што знаете, тоа го платил со сопствениот живот. Секако, ќе се потсетам и на прекрасната природа на Македонија за којашто веќе зборував. Како државјанин на Русија не можам а да не се сетам и на сродноста на нашите култури и на јазикот. Списокот може уште да се продолжи. …повеќе во печатеното издание

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail