Градот на поезијата

59_1Ако за Македонија велиме дека е рај даден од природата и лулка на културата, тогаш без сомнеж едно од многуте места кои ги оправдуваат овие нејзини епитети е и градот Струга. Овој прекрасен град е распослан на Струшкото Поле и е „заштитен” од грамадната убавица, планината Јабланица. Среде градот минува волшебниот Црн Дрим, кој токму до ова место го „носат” брановите на Охридското Езеро кои го заплискуваат карпестото струшко крајбрежје. Струга е град на пејзажи и град на контрасти, град кој претставува палета на најразлични природни богатства. Секако, овој град сам по себе е културно наследство со најразлични белези на народите кои низ историјата живееле во овие краишта, за што и денес сведочи разноообразниот демографски профил на населението во Струга, што претставува пример за меѓуетнички соживот и толеранција. Со својата атрактивна местоположба Струга претставува одлична туристичка локација, а долгиот песочен брег кој е во непосредна близина на градот нуди можност за неограничен развој на туризмот (доказ за ова се многуте хотели по струшкото крајбрежје). Главната туристичка атракција во градот е реката Црн Дрим која како змија се пробива низ езерото и се излива од него токму на портите на градот. На оваа река има голем број мостови со амбиент и елеганција како и во најпопуларните шеталишта во големите европски градови. Според легендата, во средниот век, во Струшкиот крај по долината на Дрим имало над 100 мостови. Во околината на Струга има голем број цркви и манастири (поголемиот број пештерски), кои вреди да се посетат и да се почувствува од близу допирот и спојот на природната чистина со мистичноста и светоста на она што го создале и оставиле нашите предци. Еден од поубавите е манастирот „Св. Богородица“ во село Калишта, кое е во непосредна близина на градот. Струга со Јабланица од зад грб остава можност за сите алпинисти и ентузијасти кои би се впуштиле во марш да добијат прекрасна панорама на Охридското Езеро и градовите Охрид и Струга како на тепсија. Во градот Струга централна манифестација се „Струшките вечери на поезијата” кои се одржуваат секоја година, а постојат во чест на браќата Миладиновци кои живееле и се по потекло од овој град. Струга е и домаќин на летниот меѓународен турнир во ракомет. Со сите овие знаменитости и уште голем број други, како и со гостољубивоста и љубезноста на населението, Струга претставува авантура која не смеете да ја пропуштите. Климент Ѓоргоски  

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail