Мустафа-пашина џамија

Macedonia-Skopje-Mustafa-Pasa-MosqueМустафа-пашината џамија е еден од најубавите исламски споменици во Скопје, кој е сместен на возвишението спроти Скопското Кале. Подигната е врз темелите на старата црква „Св. Марина“, од страна на угледниот великодостојник во Османлиското Царство – Мустафа Паша, во 1492 година. Мустафа Паша бил везир на султаните Бајазит II (1481-1512) и Селим I (1512-1520) и извршувал високи државни функции во Отоманската Империја. Неговото име сè уште стои врежано на плочата над влезната врата во храмот. Во Скопје, од сопствени средства, изградил џамија и месџид, а во џамијата, имарет и станбени објекти во кои живееле духовните лица. Градбата на џамијата е карактеристичен претставник на раната цариградска архитектура. Нејзината основа е квадратна и е покриена со купола, чиј пречник изнесува 16,3 m. Куполата била изградена на тромпи коишто се украсени со арабески на кои од левата страна се наоѓаат мотиви насликани од времето на изградбата на џамијата, додека од десната страна мотивите се понови и без некоја посебна уметничка вредност. Објектот е ѕидан со клепан камен и два реда тули. Влезот во џамијата е преку тремот, којшто е изработен од бел мермер, а пред него се наоѓаат четири мермерни столбови кои се поврзани со полукружни лакови. Целиот овој дел е покриен со три мали куполи. Минарето високо 47 m е издигнато на северниот дел од џамијата и е изградено од клепан бигор. Во внатрешноста на џамијата се наоѓа молитвениот простор, на чијшто југоисточен дел е сместен михработ, од кој оџата го чита Куранот, а десно од михработ се наоѓа говорница (мимбер), од која се читаат молитвите. Во кружниот простор со арабеси, на исток и на запад се запишани имињата на Мухамед и Алах, додека на југ и на север, оние на халифите: Евубекир, Омер, Осман и Али. Веднаш над влезната врата се наоѓа галерија (мехвил). Денес комплексот на Мустафа-пашината џамија го сочинуваат џамијата, турбето на Мустафа-паша, саркофагот на неговата ќерка Уми, шадрванот, неколку надгробни нишани, како и остатоци од некогашните имарет и медреса. Кристина Илиевска

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail