ШТО ПОСЛЕ ПОРАЗОТ НА „ИСЛАМСКАТА ДРЖАВА“ – МИР ИЛИ ЕРА НА НОВИ КОНФЛИКТИ НА БЛИСКИОТ ИСТОК

Mideast IraqИсламската држава се наоѓа пред својот пораз. Мосул, најголемиот град кој беше под нејзина контрола, речиси целосно е ослободен, а силите предводени од курдските сили напредуваат во офанзивата на градот Рака. Очигледно во блиска иднина, доаѓа тежок период. Ослободените територии ќе отворат ново поглавје и прашања за иднина на Блискиот Исток

И покрај тоа што е пред пораз, „Исламската држава“ ќе продолжи да постои. Реструктуираната организација која не контролира територија претставува нов безбедносен предизвик. Воено, групата ќе премине кон герилско војување, вклучително и напади врз цивили во густо населените подрачја во Ирак. За разлика од минатото, за надокнадување на ресурсите ќе се префрли на криминално-мафијашки тактики, како на пример перење на пари од навидум легални бизниси

Поразот на Исламската држава ќе отвори сериозни прашања со кои ќе се соочат западните сојузници. Кој ќе го заземе местото на просторот на кој оперираше џихадистичката група? Новата коалиција составена од Иран-Хезболах-шиитската милиција и Русија, јасно ставија до знаење дека за нив тоа не претставува „проблем“. Меѓутоа, повеќе од очекувано е дека САД нема немо да стојат и да набљудуваат, бидејќи таквиот развој на настаните ќе ја зацврсти антиамериканската коалиција, ќе ја зголеми заканата кон Јордан и  Израел, и ќе го остави Иран да биде доминантна сила во поголемиот дел од регионот. Конфликтот во Сирија ја уништи можноста за лесно консолидирање на земјата. Но, во еден среден рок и Западните сојузници и Русија мора да сфатат дека е неопходна меѓусебна почит и компромис, со цел остварување на заедничките интереси, сведување на насилството на минимум кое ќе обезбедни враќање на бегалците дома.

Сепак и најоптимистичкто сценарио, во кое ИД е поразена и ја губи контролата над „државата“, таа ќе продолжи да постои како терористичка група, а во секој случај „Ал Каеда“ и другите џихадски групи нема да исчезнат. Се наметнува нов проблем: Како да се  продолжи против сунитските џихадистите кои продолжуваат да им се закануваат на Западните сојузници? Јасно е дека шиитската доминација во регионот ќе ги засили овие сунитски групи, нивното регрутирање дома и во далечните сунитски земји. Сето ова води кон заклучок дека поразот на ИД нема да стави крај на вмешаноста на Западните сојузници во конфликтите на Блискиот Исток и всушност може да доведе до нивно зголемување. Најверојатно нема да има повторување на војните во Ирак, но во базите и флотите во регионот ќе се концентрира голема воена моќ. Сè додека Иран се обидува да доминира во целиот регион и сунитските џихадисти ги напаѓаат САД и Европа, уделот на Западните сојузници во политиката на моќта на Блискиот Исток нема да се намали.

Како загубата на територијата на ИД ќе влијаат на транснационалниот сунитски џихад?

Можно е да се случи радикална трансформација во балансот на силите помеѓу џихадистичките групи. Доколку штетата што ќе ја претрпи „Исламската држава“ биде голема, „Ал каеда“ повторно ќе се искачи како неспорен лидер на глобалното џихад движење. Не е за отфрлање и можноста за надминување на разликите помеѓу двете групи и воспоставување на реконсилијација заради одржување на милитантната исламистичка идеологија.

„Ал каеда“ е сè уште силна, еластична и водена од разумна стратегија за придобивање на популацијата и искористување на локалните конфликти за остварување на сопствените цели. „Ал каеда“ сè уште има контрола врз мрежата на филијали од Северна Африка до Индија. Но, неодамна го загуби својот најсилен и најуспешен приврзаник, сирискиот фронт на „Ал нусра“ (сега познат како „Хајат тахрирал шам“), кој се сметаше за олицетворение на стратегијата за освојување на срцата и умот на населението. Две години претходно „Ал каеда“ ја загуби поддршката од нејзината поранешна филијала во Ирак, која продолжи да се ребрендира и го објави „Калифатот“. Очигледни се и намалените терористички способности на „Ал каеда“, а Завахири продолжува да дава бројни изјави дека нападите на Западните сојузници останува негов главен приоритет. Но, ако погледнеме назад низ годините, „Исламската држава“ останува далеку поспособна во овој поглед.

Помирувањето на џихадистите е исто така тешка задача, уште потешка од онаа за триумфот на „Ал каеда“. Нивото на нетрпеливост помеѓу следбениците на „Исламската држава“ и „Ал каеда“ не смее да се потцени. „Ал каеда“, приврзаниците на ИД ги опишува како „екстремисти“, „хариџити“ и „такфири“ (неверници). Оваа поделба е едноставно непремостлива, поради теолошките и стратешките разлики во светот на џихадистите со децении наназад.

По Мосул, ирачката армија ќе мора да ги исчисти упориштата на ИД во блиските градови Тал Афар и Хавија, градови што беа опкружени со шиитски милиции и курдски сили поддржани од Иран. Ирачката служба за борба против тероризмот, ќе има водечка улога во тие борби, како што има во Мосул и други населени места. За многумина Ирачани, уништувањето на минарето „Ал Хабба“ во Мосул, го симболизира поразот на т.н. „Исламска држава“ во Ирак. Под ова минаре, во џамијата „Ал Нури“, Абу Бакрал Багдади го прогласи својот „калифат”, а сега тој е уништен од страна на џихадистичката организација во пресрет на напредокот на ирачките безбедносни сили.

И покрај тоа што е пред пораз, „Исламската држава“ ќе продолжи да постои. Реструктуираната организација која не контролира територија претставува нов безбедносен предизвик. Воено, групата ќе премине кон герилско војување, вклучително и напади врз цивили во густо населените подрачја во Ирак. За разлика од минатото, за надокнадување на ресурсите ќе се префрли на криминално-мафијашки тактики, како на пример перење на пари од навидум легални бизниси.

Во Багдад, внатрешно-шиитската борба за власт помеѓу сегашниот премиер Хајдер ал Абади, и поранешниот премиер Нури ал Малики и шиитскиот свештеник Муктада ал Садр може да ескалира. Исто така и Техеран работи на зајакнување на врските со својот сојузник, поранешниот премиер Малики и високите лидери на Народните мобилизациски сили.

За Ирак да ги надмине овие предизвици, мора да ги зајакне локалните и федералните државни институции за борба против моќните милитантни недржавни актери и да постигне компромис за поделба на локалната власт. Само тогаш државата ќе може да се насочи кон решавање на причините за подемот на „Исламската држава“, а моменталните воени победи да ги преточиво долгорочни политички договори кои ќе ги решаваат конфликтите и ќе обезбедат мир за Ирак.

Д-р Ненад Танески

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail