„Штит” ви претставува Автомат „HK MP7А1“

MP7A1 presek sredenaСпоред категоризацијата на пешадиски оружја, „MP7А1“ припаѓа на класата автомати. Автоматот поседува компактни димензии, а неговото полнење со муниција се изведува со рамка за муниција преку неговиот пиштолски ракофат (по примерот на UZI). Оружјето работи на принципот позајмување на барутните гасови, каде притоа се остварува краток од на гасниот клип (по примерот на пушката HK G36). Инаку, автоматот дејствува од забравен затворач, а забравувањето се остварува со 6 брадавици кои се поставени на главата од затворачот. По испуканиот последен куршум затворачот останува во задна положба. Сандакот на „MP7А1“ е изработен од полимер, зајакнат со јаглени влакна, но на одредени критични точки поседува и челично зајакнување. Сите командни лостови од оружјето се поставени од двете страни на сандакот (селектор на стрелба, ослободувач на рамката за муниција, ослободувач на затворачот) и се лесно достапни. Лостот на селекторот за стрелба има 3 позиции: закочено (најгоре), единечна стрелба (средина) и рафална стрелба (најдоле). Покрај кочницата на селекторот за стрелба, механизмот на автоматот поседува уште две автоматски кочници. Рачката за репетирање е сместена на задниот горен дел од сандакот и е лесно достапна, независно дали корисникот е десничар или левичар. Инаку, при огнено дејство со автоматот, рачката за репетирање не се движи. На предниот долен дел од сандакот е поставен ракофат којшто се склопува. Штитникот на чкрапалото е направен со поголеми димензии, со цел корисникот да има лесен пристап до чкрапалото кога носи ракавици. По должината на целиот поклопец на сандакот е поставена една picatinny-шина, а по потреба на предните бочни страни од сандакот може да се постават дополнителни две мали picatinny-шини. На шините може да се постави различна опрема: колиматорски нишан, оптички нишан, ноќен нишан, ласерски нишан, тактичко светло и механични нишани на склопување со нишанска далечина до 200 m. Кундакот е телескопски, односно извлекувачки, со 3 позиции на приспособување на неговата должина според потребите на корисникот. По потреба кундакот може да се одвои од автоматот. „MP7А1“ и поседува тврдо хромирана полигонална цевка, на чиј преден дел е поставен разбивач на пламен, којшто лесно се отстранува. На автоматот може да се постави и придушувач на истрел кој ги поседува следните димензии: тежина 590 gr, должина 222 mm, дебелина 40 mm и широчина на позицијата за прикачување на придушувачот 44 mm. За потребите на „MP7А1“ се развиени 7 типови на муниција: „FMJ SX“, „Action SX“, „AP SX“, „Training SX“, „Frangible SX“, „Blank SX“ и „Drill“. Практично, стандардната муниција на „MP7А1“на далечина од 200 m успешно ја пробива стандардната балистичка заштита за војникот CRISAT, која е составена од 1,6 mm дебела титаниумска плоча и 20 слоеви на кевлар.
Оружјето лесно се расклопува и се скопува без алат и бара мало одржување поради добро осмислениот гасен механизам, а може да се носи на гради, на бутот од ногата и скриено под сако.
Ивица Дамески

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail