Ширењето на милитантниот исламизам на Балканот

rtr2d39dЗападноевропските земји развиле повеќе дефиниции што укажуваат на сериозноста на радикализацијата на муслиманската популација. Дефиницијата што изворно потекнува од Данската разузнавачка служба (Politiets Efterretningstjeneste – PET), претставува најчесто употребувана дефиниција од страна на академската заедница во Европа за дефинирање на насилниот радикализам

Вооружените конфликти кои на крајот од XX век го започнаа дезинтеграциониот процес на балканските народи и резултираа во состојба на изразите етничка и верска поделеност која максимално беше експлоатирана од страна на глобалните милитантно-исламистички организации. По успешното етаблирање во балканското мултиетничко општество, милитантните исламисти инсталираа силна човечка и материјална инфраструктура која, политичката определба на балканските народи за учество во глобалната коалиција за борба против тероризмот ја искористи како адут во насока на ширење на милитантно-исламистичката идеологија.
Фактот дека милитантните исламисти се присутни и интегрирани во општеството, ја шокира јавноста и неминовно ја наметна потребата од детаљно истражување на факторите кои муслиманите од Балканскиот Полуостров ги доведуваат во состојба на неотповиклива решителност за употреба на сила во функција на идеологијата на милитантниот исламизам. Во тој контекст се поставува прашањето: Која е главната причина поради која муслиманската популација од Балканскиот Полуостров се радикализира до степен на употреба на насилство, дури и по цена на жртвување на сопствениот живот? За да се даде конкретен одговор на поставеното прашање, најнапред потребно е да се дефинира поимот радикализација, а потоа да се моделираат процесните фази кои се во функција на милитантно-исламистичката идеологија на Балканскиот Полуостров.
Кон крајот на првата и почетокот на втората деценија од XXI век, радикализацијата не само што стана топ тема за националната и на регионалната безбедносна политика на земјите од европскиот континент, туку таа беше предмет на голем број научни истражувања чиишто заклучоци се фокусирани на насилните и ненасилните методи како два клучни центри на гравитација во процесот на радикализација. Кај насилната радикализација, фокусот е ставен на активната потрага или прифаќањето на употребата на сила и насилство во функција на остварување на целта. Кај ненасилната радикализација акцентот е ставен на активностите насочени кон потрага и прифаќање на далекусежни промени во општеството кои можат, но и не мора да претставуваат закана за демократијата или да користат насилство за остварување на целите.  Со цел да се добие целосна слика за процесот на радикализација, неопходна е детаљна анализа на причините што ја иницираат, најпрво ненасилната а потоа и насилната радикализација. Таа анализа е неопходна бидејќи треба да даде одговор на прашањето: Што е тоа што некои радикали ги мотивира да применат насилни методи, за разлика од другите кои применуваат ненасилни методи во функција на остварување на целите?
За разлика од поголемиот дел од балканските земји, западноевропските земји развиле повеќе дефиниции што укажуваат на сериозноста на радикализацијата на муслиманската популација. Дефиницијата што изворно потекнува од Данската разузнавачка служба (Politiets Efterretningstjeneste – PET), претставува најчесто употребувана дефиниција од страна на академската заедница во Европа за дефинирање на насилниот радикализам. Според неа, радикализмот е „процес во кој поединецот во сè поголема мера прифаќа употреба на недемократски и насилни средства, вклучително и тероризам, во обидот да постигне одредена политичка или идеолошка цел“.  За разлика од насилниот, како репер за дефинирањето на ненасилниот радикализам, најчесто се користи дефиницијата на Холандската разузнавачка служба (Algemene Inlichtingen – en Veiligheidsdienst – AIVD). Според неа, радикализмот е „потрага по и/или поддршка на далекусежни промени во општеството што можат да го загрозат демократскиот правен поредок, и вклучуваат употреба на недемократски методи кои можат да му наштетат на функционирањето на демократскиот правен поредок“.  Доколку се направи компарација на двете дефиниции, може да се констатираат одредени разлики. Имено, дефиницијата на Данската разузнавачка служба ја потенцира активноста преземена за остварување одредена политичка или друга цел, во случајот волјата за употреба на насилство, додека пак, дефиницијата на Холандската разузнавачка служба тежиштето го става на недемократските намери на радикалите кои може, но и не мора да бидат проследени со насилство. Со оглед на фактот дека пет/седум од вкупно единаесетте држави на Балканскиот Полуостров се членки на ЕУ/НАТО, од особена важност за предметното истражување е да се наведе и официјалната дефиницијата на ЕУ за процесот на радикализација. Според Европската комисија, насилната радикализација се дефинира како „феномен што ги соединува мислењата, ставовите и идеите на луѓето кои би можеле да доведат до акти на тероризам“.
Врз основа на анализата на презентираните дефиниции, може да се констатира дека радикализацијата претставува постепен процес, и без разлика може да се случи многу бргу, нема конкретно дефиниран почетна или крајна состојба. Всушност, радикализацијата повеќе претставува индивидуален развој кој е инициран од уникатна комбинација на причинско-последични фактори што предизвикуваат драстична промена во ставовите и однесувањето на поединците.
Процес на радикализација
Процесот на радикализација на муслиманската популација на Балканскиот Полуостров не може и не смее да се разгледува како резултат само на една причина, без разлика на тоа колку таа е независна или конкретна. Менталното растројство, верскиот фанатизам, економската и социјалната состојба се само дел од причините кон кои е насочено мнозинството од академската заедница која се занимава со истражување на овој феномен. Меѓутоа, причините кои младите муслимани може да ги мотивираат на употреба на насилство не се доволно јасни и истовремено содржат карактеристики што се заеднички за целокупната популација која се соочува со слични ситуации на многу поразличен начин.  Затоа, објаснувањата базирани врз погоре наведените причини можат да содржат одредена вистина, но не се доволно конкретни и практично употребливи во насока на попречување на радикализацијата на муслиманската популација. На пример, доколку се земе предвид дека претежно младата муслиманска популација е инволвирана во процесот на радикализација, следи констатацијата дека и старосната структура би можела да се разгледува како една од потенцијалните причини.
Фрустрацијата (од животот, социјалната изолација, владината или политиката на Западот и сл.) и влијанието на духовните/религиозните лидери, претставуваат клучни елементи во процесот на радикализација на младите муслимани. Сепак, поради тоа што создавањето слика за себе е една од заедничките карактеристики на радикалите, се чини дека радикализацијата има повеќе конекции со психолошката отколку со социјалната или економската димензија. Типичен пример претставува пронаоѓањето и поврзувањето на поединците со нивните истомисленици со кои заедно поминуваат низ серија од настани и фази кои можат да резултираат во насилен радикализам. Како и да е, на крај, само одреден број индивидуи ја достигнуваат фазата на насилниот радикализам, додека другите се откажуваат во текот на фазите на процесот на радикализација.
Врз основа на досегашните истражувања од страна на академската заедница и методите на работа на разузнавачко-безбедносните служби на современите држави,  дефинирани се четири различни фази кои се целосно апликативни во моделирање на процесот на радикализација на муслиманската популација во земјите од Балканскиот Полуостров (Табела 1).
Првата фаза се состои од голем број основни фактори кои муслиманите ги чинат приемчиви и подложни на екстремизам, непосредно пред отпочнувањето на процесот на радикализација. Идентитетска криза, дискриминацијата, отуѓувањето и неправдата, животната средина, соседството, семејството, личните трауми и недостатокот од јавна дебата за милитантниот исламизам се најчестите причини кои муслиманите на Балканот ги прават потенцијални радикалисти. Џамиите, интернетот, училиштата, како и дневната интеракција како резултат на професионалните и општествените обврски, служат како локации, односно настани каде што младите муслимани имаат можност да се запознаат со процесот на радикализација. Основните фактори не даваат конкретно појаснување на причината поради која бројот на муслиманите кои се радикализираат е многу помал од бројот на оние што не го искусиле или се откажале за време на процесот на радикализација. Сепак, тие служат како основни мерливи параметри, карактеристични за голем број поединци кои поминале низ фазите од процесот на радикализација и биле инволвирани во милитантниот исламизам.
Втората фаза од процесот на радикализација се состои од три форми на трансформација на религиозниот идентитет или однесување. Секоја од формите на трансформација, дадени во табелата, се базираат на индивидуалните фактори како резултат од личните фрустрации од животот, домашната или меѓународната политика. Во оваа фаза, поединците започнуваат со потрагата по нов идентитет базиран на религијата, сè повеќе се интересираат и го истражуваат радикалниот исламизам, се поистоветуваат со неговите следбеници. Навлегувајќи сè подлабоко во процесот, поединците започнуваат со постојано присуство во џамиите или останати локации каде се проповеда исламистичката идеологија. Притоа, величењето на џихадот, меѓународната политика кон муслиманскиот свет и влијанието на верските лидери се клучните активатори кои понатаму ветуваат личен  прогрес кон третата фаза од процесот на радикализација.
Во третата фаза доаѓа до целосно убедување и индоктринација на поединецот во радикалните исламски структури. Најкритичниот сегмент од оваа фаза е моментот на целосно прифаќање на идеологијата на милитантниот исламизам и личното убедување дека употребата на сила против „неверниците“ е оправдана од идеолошката цел на милитантниот исламизам. Патувањето во странство заради верска или воена обука, поврзувањето со одредена група/организација, како и формирањето локални кампови за обука, претставуваат катализатори што дополнително го олеснуваат процесот на радикализација.
Понатаму, доколку се спореди средината во која се одвива процесот од третата фаза, со средината во првата и втората фаза, може да се констатира голема промена. Замената на јавните објекти со локации и објекти кои гарантираат поголема приватност се одличен индикатор што укажува на фактот дека поединците или групата преземаат превентивни мерки за безбеден и сигурен премин во последната фаза од процесот.
Планирањето, подготовката и извршувањето на дејства на претходно селектирани цели со употреба на оружје и експлозивни средства, ги претставуваат основните карактеристики на четвртата и најкритична фаза од процесот на радикализација. Суштината на оваа фаза, која може да трае и најкратко, се состои од фактот дека секој член на групата се обврзува на употреба на сила и насилство. Интензивираната обука, моралот, зајакнувањето на меѓусебната доверба и изразената безбедносна култура ја отсликува нивната посветеност и лојалност на крајната идеолошка цел на милитантниот исламизам.
Од анализата на процесот на трансформација може да се заклучи дека радикализацијата е процес што не може да се објасни на едноставен начин, бидејќи квантитетот и разновидноста се основните карактеристики на факторите кои доведуваат до нејзина појава.  Како што веќе беше констатирано, не постои стандарден профил според кој може да се донесе заклучок дека одредено лице има склоност кон радикализација. Религијата и незадоволството од политиката на западните сојузници кон муслиманскиот свет, во втората деценија од XXI век се покажаа како клучни фактори коишто доведоа до употреба на сила од страна на милитантните исламисти на Балканот.

Ненад Танески

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail