Членството на Македонија во НАТО е во интерес на заедничката безбедност

sekerinska-katicМинистерката за одбрана на Република Македонија Радмила Шекеринска- Јанковска има широк  дијапазон на меѓународни активности во рамките на кои сесрдно и аргументирано се залага и ја афирмира неопходноста за најбрзо можно членство на Република Македонија во НАТО и во ЕУ. Во текот на месец септември таа учествуваше на Бледскиот стратегиски форум и имаше значајни средби во рамките на дводневната официјална посета на Р. Словенија

Делегација на Министерството за одбрана на Република Македонија, предводена од министерката за одбрана Радмила Шекеринска учествуваше на мошне значаен Стратегиски форум кој се одржа во почетокот на септември во Блед, Р. Словенија. Овој форум е водечка конференција во Централна и Југоисточна Европа на која се  разговара за актуелните проблеми во регионот и пошироко. Оваа година се дискутираше за промените и предизвиците во светот, за позицијата на Европската унија, за Западниот Балкан, човековите права во време на промени и дигиталната дипломатија. На Форумот учествуваат голем број шефови на држави и влади, министри, дипломати. Во мноштвото средби што ги оствари министерката Шеќеринска на маргините на Форумот, ги издвојуваме  средбата  со претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, со европратеничката Тања Фајон, со високата претставничка за надворешна и безбедносна  политика на ЕУ, Федерика Могерини.

Во Љубљана, министерката Шекеринска беше официјално примена од  министерката за одбрана на Република Словенија, Андреа Катич. Во разговорот беше потврдено дека  Словенија е подготвена директно да ја поддржи Република Македонија во процесот на реформи во одбраната и при изработката на клучните документи за развој на одбраната и вооружените сили, како Стратегискиот одбранбен преглед. Словенечката министерка изјави дека Словенија ќе ѝ  ја даде на Македонија истата поддршка која ѝ  ја даде на Црна Гора во процесот на пристапување кон НАТО. Таа додаде дека Словенија ќе ѝ  помогне на Македонија во изработката на сите реформски документи, особено на Стратегискиот одбранбен преглед. „Западниот Балкан за Словенија е приоритет и во тоа светло треба да се гледа поддршката што ја даваме за пристапувањата кон НАТО и ЕУ. Затоа нè радува што Македонија во ова кусо време успеа да ги подобри односите со соседите“, рече Катич. Министерката Катич ја поддржа соработката на регионален план, особено во контекст на Балканските медицински наменски сили и додаде дека ќе ја поддржи Македонија во нејзиното кандидирање како водечка земја (рамковна нација) во оваа организација, по истекот на мандатот на Србија.

Министерката Шекеринска порача дека мигрантската криза и проблемите со тероризмот покажуваат колку зависиме едни од други. „Безбедносните интереси на Словенија се бранат и во Македонија, безбедносните интереси на Европа се бранат и на Балканот. Затоа интересот на Македонија да стане членка на НАТО е и интерес на целиот регион, на Европа. Тоа е интерес на заедничката безбедност“, рече министерката. Таа додаде дека Македонија е исклучително посветена да ја оправда довербата на партнерите, вклучувајќи ја и Словенија, со исполнување на зацртаните реформи во планот „3-6-9“. Шекеринска го потенцираше значењето на словенечката поддршка во изработката на Стратегискиот одбранбен преглед, како клучен документ кој ја трасира траекторијата за реформи во доменот на одбраната. Министерката Шекеринска како пример за одличната одбранбена соработка ги наведе актуелните заеднички обуки на АРМ и вооружените сили на Словенија – обуката на припадниците на АРМ во Словенија, која е во тек, и планираната вежба, „Предизвик 17“ која ќе се реализира на „Криволак“ во октомври, заедно со 30-тина припадници на вооружените сили на Словенија. Македонско-словенечката одбранбена соработка вклучува и обуки и школувања на припадниците на АРМ во високите воени школи во Словенија. Земјите се дел и од поголем број регионални иницијативи, како Процесот на соработка во Југоисточна Европа (СЕДМ), Балканските медицински наменски сили, Форумот за безбедносна соработка и други. Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во Љубљана се сретна и со претседателот на Одделот за одбрана во словенечкиот Државен збор, Жан Махнич и со членовите на Собраниското тело за одбрана.

Во агендата на посетата министерката Шеќеринска ја посети и касарната во Церкље, каде што припадници на АРМ посетуваат обука за противвоздушна одбрана, која има цел да ја засили интеропребилноста помеѓу двете армии. При посетата на касарната пред министерката беше демонстриран дел од обуката, ракување со лесниот преносен ракетен систем „Игла“. Заедничкиот ангажман со вооружените сили на Словенија продолжува и во октомври, кога ќе биде  реализирана  вежбата „Предизвик 17“.

Форумот на Блед и дводневниот ангажман на министерката Шекеринска во Словенија е навистина афирмативна содржина која во секој случај може да ни ја олесни долго посакуваната цел, членството во НАТО и во ЕУ.

Митко Василевски

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail