Фактографија и уметност

Војната како начин за решавања за недоразбирањата меѓу луѓето претставува едно сеопшто зло кое, за жал, до денес сè уште не е надминато и претставува извор на големи човечки страдања. Oсвен фактите кои се присутни во делата на историчарите, за војните дознаваме и од делата на уметниците. Бројни се делата на книжевните класици и модерни автори во кои се раскажува и прикажува страдањето на луѓето во големите и мали војни. Бројни се и сликарите кои на свој начин, преку цртежот и бојата, го овековечиле ужасот на војната. Со појавата на фотографијата, се појави и жанрот на воената фотографија. Фотографите со своите фотоапарати ги следеа војниците и ги фотографираа битките, колоните страдалници, бегалци, ранети, загинати….сиот пустош и безумие на војната… Минатата година имавме можност во Воениот музеј да ја разгледаме поставката со фотографии од фотографот Мерл ле Вој од САД, којшто фотографирал на овие простори за време на Првата светска војна. Деновиве, пак, имавме несекојдневна можност да ги видиме сите фотографирани топографски карти и фотографии направени од фотографите во редовите на италијанската војска за време на Првата светска војна, која војувала и на овие простори. И од двете страни, и од сојузничкиот фотограф и од Италијанците, за навек се забележани и страдањето и голготата на народот кој живеел на овие простори, на Македонецот кој присилно војувал и за едните и за другите, гинел и страдал во Големата војна. Овие фотографии имаат непроценлива фактографска, историска, а секако и длабока уметничка експресивна вредност. Светот и денес се соочува со безброј конфликти во кои е присутно страдањето на луѓето. Бегалската криза не ја одмина ниту нашата држава. Случувањата на нашата јужна граница, освен што беа во фокусот на дејствувањето на институциите кои се грижеа за регулирањето на овој масовен егзодус, привлекоа и голем број новинари и фоторепортери кои известуваа за сите случувања. А, некои од фотографиите навистина се со силен емотивен набој и уметнички пораки. Па, така, и првонаградената фотографија на Конкурсот за најдобра новинарска фотографија во Р. Македонија е направена токму на нашата јужна граница. Фоторепортерката на „Дневник“, Маја Златевска, на свој начин, преку објективот на фотоапаратот, го прикажа моментот на очај, изгубеност и страдање на детето кое бега од војната. Оваа фотографија ќе остане трајно сведоштво, но воедно и апел, да се престане со конфликтите и војните во кои страдаат најневините.

д-р Жанет Ристоска

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail