УТВРДУВАЊЕ НА СИЛИТЕ НА АНТАНТАТА КАЈ СОЛУН

ПОВЛЕКУВАЊЕТО НА СИЛИТЕ НА АНТАНТАТА ОД ВАРДАРСКИОТ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА ВО ДЕКЕМВРИ 1915 ГОДИНА

BASA-World_War_I,_Macedonian_FrontФранцуските единици уште на 11 ноември 1915 година го зазеле селото Брусница за да можат со 57. и 122. дивизија да отстапуваат кон Демир Капија. Француската армија се повлекувала организирајќи еластични одбранбени позиции. На исток од реката Вардар во реонот на Криволак одбрана организирала 114. бригада од 57. дивизија, а 113. бригада од истата дивизија се повлекла во Демир Капија за таму да организира одбранбена позиција. На запад од реката Вардар, 8. бригада од 122. дивизија во одбранбена позиција воспоставила врски со позициите во Криволак, а 243. бригада од истата дивизија се повлекла до Градец за таму да организира трета одбранбена позиција. Во екот на ноќта помеѓу 20 и 21 ноември 1915 година, 114. и 8. француска бригада без да бидат нападнати се повлекле кон Демир Капија. На тој начин тие го испразниле целиот реон од реката Црна до Криволак, а при повлекувањето ја разурнале железничката станица во Криволак.
На 21 ноември 1915 година бугарските единици ја достигнале линијата с. Петрово (6 км западно) – с. Бистренци – с. Градец (3 км северно), а делови од коњаничката дивизија тој ден го зазеле градот Битола. На 22 ноември гонењето продолжило кон Демир Капија, с. Удово, с. Петрово, с. Габрово, с. Иберли, с. Корешница, а вечерта ја достигнале линијата с. Радна и се водела борба за височинките кај с. Безвица, с. Прждево, с. Горна Драчевица и с. Војшанци. Првата македонска бригада се стационирала во селото Липа.
Повлекувањето на сојузничките сили продолжило и во наредните денови со почести спорадични судири. На 29 ноември 1915 година француско-британските сили се повлекле на грчка територија. Истиот ден бугарските единици го зазеле градот Гевгелија, с. Богданци, врвот Кала-тепе, градот Дојран, с. Хасанли, с. Курт-Хамзали и биле оддалечени 2-3 км од грчката граница. Им било наредено да  не го продолжат нападот на грчка територија. Во текот на дотогашните борбени дејства имало големи загуби, човечки и материјални, на двете страни но, сепак, загубите кај сојузничките сили биле поголеми. Во дипломатските преговори била донесена политичка одлука бугарските сили да не се приближуваат повеќе од 2 км до грчката граница. Во исто време се вршеле преговори меѓу Бугарија и Грција со посредство на Германија за склучување на воена конвенција, при што Германија на Грција  гарантирала предавање на Дојран, на Гевгелија и на јужна Албанија за Грција да не изврши напад врз Бугарија.
До 12 декември 1915 година, сите британски сили кои беа влезени во Србија, односно во вардарскиот дел на Македонија, се повлекле во Грција, односно во егејскиот дел на Македонија. Французите во целост ја поминале границата до вечерта истиот ден. Француските 57-та и 122-та дивизија ја држеле линијата преку с. Бујукли, с. Сеидели, с. Смол и на десниот брег на реката Вардар, селото Древенон. Инструкциите дадени на грчките гарнизони евидентно не биле еднообразни. Западно од реката Вардар тие се покажале сочувствителни и на француските офицери им давале информации за патиштата. Имено, еден од нивните офицери изјавил дека тие имаат наредби да ги спречат Бугарите доколку овие се обидат да ја преминат границата. Југоисточно од Дојранското Езеро, патролите на штотуку пристигнатиот Француски коњанички полк којшто го имал испратено генералот Сарај за да го покрива повлекувањето, бил спречен од грчката војска да ги извидува соседните села. Заедно со сојузничките сили во егејскиот дел на Македонија под грчка власт се повлекле и помал број српски сили, околу 1.500 војници од III повик од гарнизонот во Гевгелија.
Во исто време, притиснати од северната страна од австро-унгарските и од германските сили, српските сили организирано се повлекувале кон Косово, со цел да продолжат кон Солун. Меѓутоа, српските сили биле пресретнати од бугарската војска, па пробивањето што започнало на 18 октомври 1915 година на Косово не успеало. Поради тоа, српската Врховна команда била принудена со остатоците од својата војска да се повлекува преку албанските и црногорските планини кон Јадранското Море. Повлекувањето било мошне тешко бидејќи било зима, високи планини, снегови и виулици, тие биле гладни и недоволно облечени, попат напаѓани, убивани и ограбувани од албанските вооружени формации, па така за кусо време животите ги загубиле 72.000 српски војници. Од мобилизираните Македонци во редовната српска војска, 27.143 регрути ги поминале албанските планини (бројот на мртвите не се знае). Во резервата биле мобилизирани 8.000 души од Македонија. Од нив 2.000 ја поминале Албанија, а 6.000 души изгинале по албанските планини.
Од јужната страна бугарските единици  го пресекле отстапувањето на српската војска кон Солун, а потоа ги гонеле српските сили дури до Елбасан. На 11 декември 1915 година, бугарската Врховна команда објавила: „Во Македонија нема веќе ниту еден непријателски војник и татковината веќе е наполно обединета”.
На тој начин завршила експедицијата на сојузничките сили во вардарскиот дел на Македонија во 1915 година. Мисијата на сојузничките сили  не успеала во нејзината главна цел, но без сомнение таа сепак  олеснила на српската војска да се повлече, со тоа што ги ангажирала бугарските сили против себе. Со задржувањето на II бугарска армија, српската војска била спасена од комплетно опкружување и уништување. Таа помош за српската војска сојузниците ја платиле скапо, со многубројни човечки загуби. Вкупните загуби во 1915 година на Французите изнесувале 143 офицери и 4.882 војници. Британските загуби биле 33 офицери и 1.176 војници. Од друга страна, според сведоштвата од разни извори, загубите на бугарските единици биле многу поголеми. Покрај човечки, на двете страни имало и големи материјални загуби.
После повлекувањето во егејскиот дел на Македонија под грчка власт на Македонскиот фронт настанало затишје, централните сили се задржале пред границата со Грција, а сојузничките трупи пристапиле кон утврдувањето на позициите и организацијата на солунскиот логор. Помеѓу војските на централните сили во пиринскиот и вардарскиот дел на Македонија и војските на Антантата во егејскиот дел на Македонија, по должината на граничниот фронт биле распоредени грчките сили.
Фортификација на силите на Антантата кај Солун
Според процената на состојбата, сојуз­ничката команда на Антантата сметала дека е потребно во Македонија еден дел од единиците да формираат фронт по линијата на српско-грчката граница, а главнината на силите да се стационира во околината на Солун и да се подготвува за една стратегиска офанзива. Таквиот план произлегол од стратегиското значење на Солун и од целите на Антантата. Солун, како најголемо пристаниште во овој реон, со својата географска позиција лесно овозможувал безбедност против подморниците и транспорт на единиците кон север и кон исток. Трите пруги со широки колосеци, таа кон Цариград преку Дојран, кон Белград и таа кон Битола, давале невообичаена предност за голема воена иницијатива. Носечката сила на железницата била мала, но според процените на британскиот генералштаб, таа можела да биде доста зголемена под британска и француска контрола. Патната комуникација со вардарскиот дел на Македонија била многу полоша од онаа со железницата, но и за неа се правеле процени дека може биде подобрена. Французите, имено, доста ги подобриле патиштата во близина на Вардарската Долина со помош на локалното македонско население во периодот додека го држеле свиокот на реките Вардар и Црна, а Британците направиле слични работи во областа на Дојран.
Анализирајќи ја состојбата на сите фронтови, особено состојбата на Балканот, француската влада презела соодветни мерки. Генералот Сарај на 3 декември 1915 година добил наредба да започне со поставување фортификација во близина на Солун, на што грчките власти остро се спротивставувале. Бил извршен притисок од страна на француските дипломати во Атина, грчката влада да им дозволи на сојузниците да ги утврдат позициите за одбрана на Солун; грчките трупи да го евакуираат градот Солун; да се воспостави неутрална зона јужно од Дојран на едно или на друго крило на сојузничката линија на повлекувањето и Грците да го предадат утврдувањето Кара Бурун и батеријата на устието на Вардар, која го покривала влезот на патиштата кон Солун. Овие барања  биле проследени преку потполковникот Палис до Атина. По делумното прифаќање на овие барања од страна на Грција, Французите и Британците започнале да ги уредуваат одбранбените позиции.
Според барањата на генералот Сарај и во согласнот со договорот помеѓу сојузниците и грчката влада, сојузничките сили можеле да ги организираат своите позиции на поширокиот простор од Орфанскиот Залив до Дојранското Езеро. Оваа територија природно се состоела од планински венец – Бешик Даг, почнувајќи од заливот, продолжувајки северозапоадно со венецот на Круша Планина, потоа линијата одела по големиот канал по којшто продолжува Тахинското Езеро – долината на реката Струма – Бутковското Езеро и Бутковската Река, потоа по реката Хоџа линијата завршува западно со влевањето на оваа река во Дојранското Езеро. На сојузничките сили им било забрането да се движат надвор од оваа територија. Во рамките на одредената зона сојузничките сили изработиле кампови за своите единици.
Британските единици се утврдувале на 10 км од Солун кон Лагадина. Француските сили го имале следниот распоред: 57-та дивизија од двете страни на реката Галик, а 156-та и 122-та дивизија покрај реката Вардар. Британците поставиле долги линии со цела серија од утврдени пунктови. Французите имале пунктови за одделенија, водови и чети поврзани за логистичка поддршка. Тие, исто така, биле поставени во повеќе линии. При крајот на 1915 година кампот веќе бил солидно утврден. Во Солунскиот камп сојузниците во декември 1915 година располагале со пет британски дивизии (10., 22., 26., 27. и 28.), со три француски дивизии (57., 122., 156.) и четвртата мешана француска дивизија која била во формирање, со неколку илјади српски војници кои се повлекле од вардарскиот дел на Македонија заедно со сојузниците, или вкупно околу 200.000 војници на Антантата со 358 француски и 350 британски топови. За два месеци формирани се позиции во три линии на отпор, обезбедени со пречки од бодликава жица  во широчина од 10 м и со 30 батерии тешка артилерија. Првата линија, која претставувала своевиден мостобран за заштита на солунското пристаниште одела од Орфанскиот Залив – Бешичко Езеро – Лагадинско Езеро – Ајватли – Даутли – Градобор – Доганци – Кајали. На запад позициите се потпираа врз мочуришното земјиште помеѓу Вардар и Бистрица, а на истокот врз тешко проодното земјиште помеѓу езерата и морето. Првата и втората линија на одбраната биле длабоко и цврсто утврдени, а третата била само обележана. Меѓу трите линии на одбраната биле изградени комуникациски ровови за да можат да послужат и за борба. Кај Килиндер и Карасули бил истурен по еден извидничко-заштитнички одред на француската коњаница. Британските сили ги запоседнале позициите за одбрана на фронтот од Орфанскиот Залив до патот Солун – Серес, додека француската Источна војска била распоредена од с. Даутли до с. Караоглу на левиот брег на Вардар. За одбрана на устието на Вардар биле уредени неколку бротчиња вооружени со митралези. Во солунското пристаниште биле распоредени 6 крстосувачи подготвени за евентуална одбрана на градот, како и во случај на сомнително однесување на грчките сили. И во Орфанскиот Залив бил распореден крстосувач кој го штител десното крило на британските сили.
Граничната линија, која во исто време била и линија на фронтот, ја обезбедувале грчките сили, но вршеле и улога на двојни шпиони. Тие им пренесувале податоци и на централните сили и на силите на Антантата. За распоредот и состојбата на сојузниците ги известувале бугарските команди, а за состојбите кај бугарските единици ги известувале сојузничките команди. Во Македонија под грчка власт во овој период биле распоредени 9 грчки дивизии (5 во околина на Солун, 3 источно од Струма и 1 во Лерин), или околу 120.000 грчки војници, а се подготвувале да дојдат во Солун и единиците на грчката војска од Пиреј и Патрас. Во случај на отстапување од Македонија, сојузниците би ја имале речиси целата грчка војска зад „грбот“ (вкупно Грција имала мобилизирано 240.000 војници).
Со организирањето на одбраната меѓу Орфанскиот Залив и Вардар биле затворени правците по долината на Вардар и Струма, но правецот Битола – Солун останал незаштитен. Бидејќи во ова време не постоеле услови за офанзива на сојузничките сили во Македонија, овие утврдени позиции овозможувале одбрана на Солун и заштита на евентуалното евакуирање на сојузниците од Македонија.  Под закрила на неутралноста на Грција сојузничките сили останале до март 1916 година, кога биле упатени на граничниот фронт.

д-р Александар Стојчев

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail