Улогата на жените за време на конфликти и во време на мир

Во еден од претходните броеви на магазинот „Штит“ беше направен краток осврт на историјата на активизамот на жените во спроведувањето на правата на жените и родовата интеграција во меѓународните закони и мировните мандати.  Во овој  број на „Штит“ ќе бидат пренесени неколку видувања во врска со родовите дискурси кои се обработени во литературата во однос на улогата на жените за време на конфликти и процесите на градење на мир

Security Council meeting on Women and peace and  securityИстражувањата покажуваат дека е постигнат одреден напредок во родовата еднаквост и вклучувањето на женскиот персонал во мировните компоненти. Клучните прашања се однесуваат на недостаток во учеството на жените на лидерски позиции и ограничувањето во делокругот на работата на мировниците. Главните импликации се сомнежите во стапката на промените кои се случиле од спроведувањето на Резолуцијата 1325, со оглед на нивната бавност, и  степенот на вистинските промени кои може да се случат без драстично менување на општествените структури и постојниот глобален систем

Постојната литература за родот и конфликтот се занимава со тоа дали жените се намерно исклучени од политичките процеси и донесување на одлуки. На пример, во 2010 година само 19 отсто од сите пратеници во светот биле жени, што претставува извесно зголемување во однос на родовата програмска квота во владините институции. Слично на тоа, Обединетите нации (ОН) покажаа дека само шест од вкупно 33 специјални претставници на Советот за безбедност се жени; дека жените заземаат само 25 отсто високо ниво од сите места во Секретаријатот на ОН, дека од страна на ОН никогаш нема назначено жена како главен посредник и дека досега сите избрани генерални секретари биле мажи. Литературата, исто така, укажува на загриженост во користење на женските тела на политизиран начин. Како значајни пречки за вклучување на жените во процесите на донесување одлуки можат да се набројат стереотипните ставови, неподготвеноста на мажите да ја делат власта, да се натпреваруваат во семејните одговорности, како и несоодветното образование и обука (Porter, 2003, стр. 248). И покрај фактот дека жените се активни во иницијативите за градење на мирот, тие имаат тенденција речиси воопшто да не бидат официјални мировни преговарачи (Porter, 2003). Кога станува збор за градење мир и постконфликтна реконструкција, тешко може да се идентификуваат жени кои би можеле да придонесат за градење на мировните процеси, а тоа се должи на фактот дека жените главно дејствуваат на ниво на база, што значи дека е потешко за ОН и меѓувладините тела да ги забележат нивните напори (Gizelis, 2009).

Родовата литература е фокусирана на голем број прашања во врска со женските улоги во општеството. Таа се осврнува на односите меѓу мажите и жените и на социјалните структури кои произлегуваат  од овие односи. Литературата, исто така, гледа како се одржуваат постојните разлики помеѓу мажите и жените и нивното спроведување преку политички системи, јавниот дискурс, распределба на родовата улога и маргинализација на жените. Ова се должи и на фактот дека учеството на жените во мировните преговори и во лидерски позиции сè уште е прилично ограничено. Потребна е дебата за влијанието на придонесот на жените во решавањето на конфликти и на мировните процеси во различни општествени контексти.

Истражувањето на родот и на мировните мисии се фокусира на широк спектар на теми, вклучувајќи го и влијанието на родот во главните текови, ограничувањата на работата на мировниците, како и мировници како сторители на сексуално и родово насилство. Сексуалните насилства врз жените за време на вооружени конфликти често биле под влијание на системските злосторства кои се случуваат (Swaine, 2015). Жените се повеќе склони да станат жртви на трговија со луѓе во земјите кои минуваат низ воено насилство, природни катастрофи или економски кризи (ENLOE, 2014). Се верува дека криминалот извршен од страна на мировниците во земјите-домаќини врз жените и децата може да се намали со зголемувањето на присуството на женскиот персонал. Многу често некои воени лица за време на мировните активности извршуваат злосторства врз цивилите. На пример, откриено е дека мировниците често се одговорни за силување и сексуални напади врз жените и децата во земјата-домаќин, каде што истите се имаат заразено од ХИВ и СИДА. Исто така, некои мировници, биле вклучени во олеснувањето на трговијата со луѓе и во нелегалната проституција. Помеѓу јануари 2004 и ноември 2006 година, по истрагата од страна на ОН, дома биле вратени 144 мировници кои се обвинети за експлоатација или злоупотреба (Bridgers and Horsfall, 2009).

Кент, пак, наведува дека и покрај фактот дека мировниците имаат кодекси на однесување и политичка толеранција до кои треба да се придржуваат, сексуалната злоупотреба и експлоатација продолжува да се случуваат со зголемена фреквенција и покрај ограничените корективни мерки, а сторителите на семејното насилство не се казнуваат. Земјите каде што имало обвинувања за сексуален напад од страна на мировниците се Демократската Република Конго, Бурунди, Босна и Херцеговина, Мозамбик, Косово, Либерија, Хаити и Камбоџа (Kent, 2005). Неказнивоста што преовладува се должи на фактот дека многу мисии немаат капацитет да го следат нивниот персонал, а тоа доведува до нецелосно известување и следење на случаи каде мировниците и хуманитарните работници ја злоупотребуваат својата позиција на моќ. Во анализите за родот  во рамките на човековите права и насилството врз жените, Kelly (2005), тврди дека еден од недостатоците во родовото интегрирање на политиката на ОН е нивниот неуспех да се реализира реториката во практиката.

Мери Ринџова

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail