„Тринити“ – како духот излезе од шишето

„Тринити“ е кодното име на тестирањето на првата атомска  бомба направена во светот, а е дадено како асоцијација на тројството Господ, Синот и Светиот дух. 16 јули 1945 година е денот кога започнува нова трка во вооружувањето помеѓу големите сили во светот, ден кога САД ја покажаа својата супериорност и својата моќ. Од тој ден стана јасно дека светот и човештвото нема да бидат како порано, ден кога започнува нова – атомска ера во светот. Само девет дена подоцна, на 25 јули 1945 г. ќе биде донесена одлука да се фрлат атомски бомби на Хирошима и Нагасаки во Јапонија. Потоа сè стана историја…

The first atomic explosion, July 16, 1945, Trinity Site, New Mexico;July 1945Од ударниот бран бил направен кратер длабок 1,5 метар и широк околу 9 метри. Во непосредната околина на експлозијата,  пустинскиот песок, кој во голема мера содржел  силикати, се стопил и се претворил во ниско радиоактивно светлозелено стакло наречено тринитит.  За време на детонацијата околните планини, една до две секунди биле осветлени со таква светлост која што Опенхајмер, еден од водечките научници во тимот, ќе ја нарече како  одеднаш да светнале илјада сонца на небото

Секоја чест за научниците кои својот дел од проектот го одработиле одлично, меѓутоа тука веќе надоаѓаат другите емоции, чувства и размислувања дека сето тоа, целокупниот проект, сите вложени средства, генијалните истражувања и изуми на научниците се насочени кон една цел – создавање на оружје за масовно уништување

Развојот  на нуклеарното оружје започнал во 30-ите години од минатиот век како резултат на научните и политичките случувања во светот, и поради тоа следната деценија научниците направиле огромен напредок во сферата на природата на атомите и постоењето на нуклеарната фисија. Со воените настани во Европа и напредокот на нацистичка Германија се појавил страв од германски проект за создавање на нуклеарно оружје како теоретски изводлив и поради тоа владите на САД и Велика Британија ги поддржале проектите за создавање на нуклеарно оружје. Во раните утрински часови на 16 јули 1945 година во  05:29 часот Армијата на САД во пустина во Ново Мексико, САД го изврши првиот тест на атомска бомба (А–бомба) во светот, како дел од проектот „Менхетен”. Областа во која е извршена нуклеарната проба се наоѓа на околу 56 километри југоисточно од Сокоро, во Ново Мексико и во неа имало ранч со помошни простории, кои што научниците ги искористиле како лабораторија за тестирање на компоненти за бомбите. За потребите на проектот бил изграден камп, во кој за време на тестирањето имало 425 луѓе. Изработени биле засолништа на околу 10 километри северно, источно и западно, додека останатите набљудувачи биле поставени на далечина од околу 20 километри од центарот на експлозијата. За да се направи таков тест, на научниците им било потребно да најдат далечна, ненаселена и изолирана област, рамна област без планини и извишувања која се карактеризира со малку ветер, со цел да се намалат радиоактивните последици и секундарните ефекти од експлозијата. Севкупно осум места биле земени во предвид за проектот и тоа во: Ново Мексико, Колорадо, Тексас и Јужна Калифорнија. Од добиените анализи и резултати од направените испитувања на 7 септември 1944 година било одлучено за местото каде ќе биде извршена првата атомска проба.  Местото каде е извршена првата проба на А-бомба е прогласено за Национално историско обележје во 1965.

Планирањето на тестирањето му било доделено на Кенет Баинбриџ – професор по физика од Харвард во март 1944 г., кој заедно со други експерти ја сочинувал т.н. група Е-9 за развој на експлозиви. По извршената реорганизација во август 1944 година групата Е-9 била преименувана во група Х-2. Пред да го направат првото тестирање на атомска бомба,  научниците имале само една  шанса да направат проба со детонација на околу 100 тони експлозив со цел да извршат калибрирање и тестирање на инструментите, како и  проверка на процедурите и плановите. На 7 мај, во 04:37 часот е извршена проба со конвенционална експлозија при што се создала огнена топка видлива од местото на настанот дури на 97 километри. Со оваа проба се откриле технолошки, научни, но и практични проблеми за детектиранњето на ефектите од експлозијата. За самата проба биле користени повеќе од 100 возила, меѓутоа се покажало дека за нуклеарниот тест ќе им требаат повеќе возила, подобри патишта, радија и повеќе телефонски линии.

Илјада сонца на небото

За време на детонацијата на научниците им било потребно да имаат добра видливост, слаб ветер, мала влажност и западен ветер на поголема надморска височина. Според метеоролозите, најдобри временски услови се очекувале во период помеѓу 18 и 21 јули, меѓутоа тогашниот претседател на САД Хари Труман сакал тестот да биде спроведен пред конференцијата во Потсдам, Германија, која била закажана за 16 јули. Затоа тестот бил закажан за 16 јули, датум кога сите компоненти од бомбата ќе им бидат достапни на научниците. Тестот бил закажан за 04:00 часот на 16 јули, меѓутоа заради неповолните временски услови (дожд и грмотевици) за кратко бил одложен. Научниците стравувале дека грмотевиците можат предвремено да ја предизвикаат детонацијата, а стравување имало дека со дождот би се зголемила опасноста од разнесување на радиоактивните материјали.  Во 04:45 и 05:10 часот биле добиени поволни временски извештаи, и е одлучено да се изведе експериментот. Во 05:29 часот е извршена детонација на првата атомска бомба и во тоа понеделничко утро започнува нуклеарната ера на човештвото. Мерните инструменти покажале дека детонацијата  ослободила енергија еднаква на 20 килотони ТНТ (84 ТЈ). Од ударниот бран бил направен кратер длабок 1,5 метар и широк околу 9 метри. Во непосредната околина на експлозијата,  пустинскиот песок, кој во голема мера содржел  силикати, се стопил и се претворил во ниско радиоактивно светлозелено стакло наречено тринитит.  За време на детонацијата околните планини, една до две секунди биле осветлени со таква светлост која што Опенхајмер, еден од водечките научници во тимот, ќе ја нарече како  одеднаш да светнале илјада сонца на небото. Боите на осветлувањето се менувале од виолетова, во зелена за на крајот да биде бела. Ударниот бран стигнал до набљудувачите после 40 секунди од детонацијата и се почувствувал на далечина дури и до 160 км. Облакот во облик на печурка достигнал височина од околу 12 км. Целиот настан бил набљудуван и од воздух со користење на два авиони „В-29“.  Од тој момент станало јасно дека светот повеќе нема да биде како порано. Светот  веќе никогаш нема да биде ист, духот излезе од шишето. Веднаш биле упатени два тенка од типот „Шерман“  кон кратерот за да земат примероци од почвата за да биде извршена анализа, која што подоцна покажала дека детонацијата била со јачина еквивалентна на експлозија на  9,9 килотони ТНТ (41 ТЈ). Беџевите кои набљудувачите ги носеле, а кои служеле за мерење на  радијацијата покажале дека ниту еден од набљудувачите  не бил изложен на повеќе од 0,9mGy меѓутоа треба да се каже дека сите тие биле навреме евакуирани пред радиоактивниот облак да стигне до нив. Самата експлозија се покажала поефикасна од предвидените очекувања, додека кратерот бил многу повеќе радиоактивен поради формирањето на тринитит. Од собраните податоци и направените анализи, научниците подоцна пресметале дека за бомбардирање на Хирошима и постигнување на најразорни ефекти детонацијата на бомбата треба да биде изведена на 575 метри над тлото.

Армија на САД неколку недели пред да го направи првиот нуклеарен тест имала однапред подготвено соопштение за јавноста со цел настанот да остане во тајност. Била пласирана информација дека се случила голема експлозија на магацин во воздухопловната база „Аламогордо“, дека нема загинати и повредени и дека е причинета незначителна материјална штета. Но, вистинските резултати од извршениот тест биле проследени до престедателот на САД Хари Труман кој во тој момент се наоѓал на Конференција во Потсдам. Труман во втората седмица од Конференцијата, лично без преведувач, му соопштил на Сталин дека САД имаат ново оружје со невообичаено голема разорна моќ. Само девет дена подоцна, на 25 јули 1945 г. ќе биде донесена одлука да се фрлат атомски бомби на Хирошима и Нагасаки во Јапонија. Потоа сè стана историја.

Посета на местото каде се тестираше првата атомска бомба

Во септември 1953 година на околу 650 луѓе за прв пат им е дозволено да го посетат местото каде е извршена нулеарната проба, меѓутоа и седумдесетина години после тестот зрачењето на место е околу околу десет пати поголемо. Износот на радиоактивно зрачење кој се добива за време на едночасовна посета на локацијата е околу поливина од целокупната изложеност на радијација која возрасен човек во САД ја добива во просечен ден од медицински и природни извори. На 21 декември 1965 година целата област од околу 20 800 хектари е прогласена за Национално историско место, а на 15 октомври 1966 година е запишано во Националниот регистар на историски места во САД. По повод одбележување на 50 години од извршениот тест на 16 јули 1995 година е направена посебна посета на местото од страна на група од 5000 посетители. Локацијата е дозволена за посети еднаш или два пати во годината. Многу од луѓето сметаат дека со тестирањето и детонацијата на првата атомска бомба се стави крај на Втората светска војна. Чувството за време на посетата на местото каде за прв пат во светот е извршено тестирање на атомска бомба  не може да се опише со еден збор. Едоставно од една страна се емоциите дека се наоѓаш на едно несекојдневно место, место кое малкумина го имаат посетено и кое може да се посети еднаш или два пати во годината, место каде  научниците во тоа време го достигнале својот научно-истражувачки врв спроведувајќи го првиот нуклеарен тест. Секоја чест за научниците кои својот дел од проектот го одработиле одлично, меѓутоа тука веќе надоаѓаат другите емоции, чувства и размислувања дека сето тоа, целокупниот проект, сите вложени средства, генијалните истражувања и изуми на научниците се насочени кон една цел – создавање на оружје за масовно уништување. Оружје кое може да го уништи човештвото, да остави несогледливи траги на целокупниот жив свет и на природата со катастрофални последици. Гледајќи го споменикот „Trinity Site“, се запрашав: „Зарем мораше оваа да се случи“? „Целокупниот вложен напор, спроведените истражувања и потрошени парични средства, а крајниот резултат е да се создаде оружје кое може да го уништи човештвото“? Само неколку седмици после првата експлозија на А-бомба, Армијата на САД и практично ќе фрли А-бомби  врз Хирошима и Нагасаки – Јапонија во август 1945 година со што се стави крај на Втората светска војна на Далечниот Исток. Последиците од употребата на нуклеарните бомби во Јапонија се страшни и се чувствуваат и денеска, а ќе се чувствуваат и многу години и во иднина. Во тоа време Армијата на САД оправданоста за употреба на нуклеарните бомби врз Јапонија ја образложи со фактот дека со употреба на нуклеарните бомби многу бргу ќе биде ставен крај на војната со Јапонија, која е позната по своите фанатични и воинствени војници и дека во спротивно војната би траела многу подолго, а тоа значи и многу повеќе жртви кај Американците. Но, фрлањето на бомбите, можеби сепак беше одмазда за Перл Харбур.

Искрено се надевам и посакувам  дека светските нуклеарни сили САД, Русија и останатите држави кои располагаат со ваков вид на оружје и нивните лидери ќе имаат разум никогаш повеќе да  не ги употребат нивните нуклеарни арсенали. Сведоци сме во блиското минато колку радијацијата од нуклеарните постојки  може да биде опасна со хавариите кои се случија во нуклеарните централи во  Чернобил (Украина), 1986 и во Фукушима Даичи (Јапонија), 2011 и несогледливите последици врз околината и живиот свет од тие хаварии.

 Марјан Кировски

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail