Терористички напади во западноевропските земји

Leytonstone stabbingНападот во Брисел
Нападите на 22.03.2016 г. беа серија на два координирани напади кои настанаа на локации, аеродромот и метрото во Брисел, кои се фреквентни и често посетувани од страна на европските граѓани. Во нападите загинале 33 лица и биле ранети преку 300 лица, но најголем успех на нападите е упатената психолошка пропаганда на терористите до населението во целиот свет, дека тие може да делуваат на секоја локација, па дури и во срцето на Европа, како резултат на коалиционото делување во Сирија. Исламската држава презела одговорност за нападите во Брисел, а веста ја објавиле преку агенцијата „Amak News“, која според „Russia today“ била поврзана со ИД.
Лицата кои го извеле нападот биле познати криминалци, осомничени за тероризам, и лица кои често патувале во азиските земји каде најчесто имале обука за изведување на неконвенционални напади, начин за набавка на оружје, на пари итн. Дури, некои од нив биле посочувани и од странските безбедносни структури за лица со постоечки безбедносен ризик. Тој факт бил еден од најголемите пропусти на белгиските безбедносни сили кои не овозможиле постојано следење на активностите на веќе осомничените лица.
И овој напад покажува дека тактиките и техниките на терористите ширум светот  се исти, со некои минимални промени. Повторно се обезбедува локација/стан каде што може безбедно да се оперира, односно, од каде што може да се врши набавка на прирачни материјали, да се подготвува експлозивната направа и од каде што би можеле да се изведат сите извидувања на теренот кој треба да биде цел на нападот. После извршување на нападот, на безбедната локација, се најдени голем број на елементи и хемиски смеси за подготовка на ИЕН и знаме на ИД. Од страна на жител во зградата било пријавувано дека се шири чуден мирис од страна на истоимениот стан, но таквата информација не била земена како доволно сериозна и полицијата не направила претрес во станот, со што уште еднаш се потврдува дека секоја информација треба да се анализира и сериозно да се зема предвид. Во контејнер, непосредно до безбедната локација, бил пронајден и преносен компјутер на кој постоеле и други можни локации за изведување на нападот, од кои една била зградата на премиерот, што наведува на фактот дека терористите внимателно вршеле „избор на цел“ и „извидување на цел“. Експлозивната направа која е употребена во нападот е позната како „nail bomb“, во која експлозивот се зајакнува со клинци кои го зголемуваат разурнувачкиот ефект кон живата сила. Таквите клинци играат улога на шрапнели од граната, со кои се постигнува поголем ефект и од самиот експлозив. Врз основа на изјавата дадена од страна на висок службеник за безбедност на ЕУ, во контакт со белгиската полиција дека, најверојатно, две пушки „Калашников» биле најдени во одделението за полетување на аеродромот „Завентем», дава до знаење дека терористите, како и во досегашните напади, имале цел да нанесат поголеми загуби во жива сила, а исто така размислувале и на последната скала од терористичкиот циклус „escaping“. што значи безбедно напуштање на местото на злочинот. Мал детал кој би можел да даде индиција за безбедносен ризик било носењето на ракавици од страна на двајца бомбаши-самоубијци, каде најверојатно ги криеле детонаторите за експлозивот. Забележување и пријавување на таквиот детаљ на безбедносните структури од страна на присутните на аеродромот би можело да игра значајна улога во правец на превенирање на нападот. Како дополнување на тактиката на терористичкото делување во текот на нападите во Брисел, која се појавувала и во минатото, е изведување на нападот во непосредна близина на значаен настан. Во овој случај, нападот настанал непосредно после одвивање на европските преговори на 17.03.2016 година со турските власти за разрешување на мигрантската криза, кои најверојатно не биле во прилог на терористите. Исто така, нападите се случиле само после неколку дена од лишувањето од слобода на Салах Абдеслам, на 18.03.2016 година, кој бил главното осомничено лице за нападите во Париз на 13.11.2015 година.
Мерки за редуцирање на последиците веднаш биле преземени и од Белгија и од многу други европски земји. Најпрвин координирано се настапило со евакуирање на повредените и загинатите од локациите на нападот, целосно бил затворен јавниот сообраќај и биле испразнети поголем број јавни места каде што би можеле да се случат терористички напади. Контролирани експлозии биле извршени во висина на метро-станицата. Биле изведувани погранични контроли од страна на белгиско-француските сили на локациите каде било проценето дека може да се изврши премин преку границата од Белгија кон Франција и обратно. Голем број земји, непосредно после нападот, ја зајакнале безбедноста на нивните аеродроми, железнички станици и јавни локации, додека некои земји презеле и поголеми рестриктивни безбедносни мерки, како на пример Израел, која ги прекинала летовите од Европа во следните неколку дена после нападот.

Нападот на неделниот весник „Charlie Hebdo“ во Париз
На 07.01.2015 г., околу 11.30 часот, двајца маскирани и вооружени лица со автоматски пушки и рачен фрлач на гранати, насилно влегле во зградата на неделниот весник „Charlie Hebdo“, каде извршиле убиство на 11 лица, а други 11 биле повредени.
Се смета дека основен мотив за извршување на нападот бил навредливите содржини кои произлегувале од неделниот весник, а се однесувале на карикатури против исламот и пророкот  Мухамед. Според поранешниот заменик-директор на ЦИА, поради наведените издавани содржини, главен мотив за нападот бил да се затвори неделниот весник. Таквиот податок беше потврден и од самата терористичка организација, преку дадена изјава дека истите се одговорни за нападот како акт за одмазда на навредите од страна на неделниот весник. Од страна на весникот „Sky News“, во согласност со издаденото видео за начинот на делување на терористите, било оценето дека се работи за лица кои се добро подготвени и обучени за употреба на пешадиски тактики. Тоа можело да се види од војничкиот начин на движење, меѓусебното покривање, употреба на единечна стрелба и отворање на оган со претходно нишанење, што се смета за професионална употреба на оружјето.
Безбедносните структури имале податоци за лицата кои ги извеле нападите над неделниот весник. Chérif Kouachi бил двапати и осудуван за тероризам, односно посредување при заминување на лица во борбите во Блискиот Исток. За вториот учесник во нападите, Saïd Kouachi , се располагало со податоци дека во периодот од 2009 до 2010г., го посетувал Јемен со поседување на виза како студент на институтот за арапски јазик. Од јеменски репортер биле добиени сознанија дека Saïd во Јемен се сретнал со терористот кој направи обид да се разнесе во воздухоплов во декември 2009 година. Во 2011г. Саид се обучувал со членовите на „Ал Каеда“ на Арапскиот Полуостров. Дополнително, од страна на САД биле отстапени податоци за изведување на тренинзи во терористички кампови на браќата-учесници во нападот. Француските власти ги следеле нивните постапки сè до пролетта 2014 г. кога браќата ги намалиле своите движења и илегални активности.
После нападот на дневниот весник, алармот за извршување на терористички акт бил на највисоко ниво, во кое биле вклучени дури и делови од француската војска за патролирање на клучната инфраструктура. Британските власти ги предупредиле своите граѓани да избегнуваат патување во Париз и според британските полициски сили за транспорт, поставиле дополните вооружени патроли на железничката станица во Лондон. Најголеми безбедносни мерки биле преземени од страна на САД, за заштита на сопствените институции во Париз. Данска, позната по цртаните филмови за Мухамед во 2005 г., ги обезбеди сите јавни медиуми. Шпанското министерство за внатрешни работи изјавило дека безбедносните мерки се зајакнати и дека размената на разузнавачки информации, кои се однесувале за подготовка на терористички активности со Франција, била интензивна. И Белгија презела превентивни мерки за весникот кој ги издавал цртаните филмови за Мухамед изработени во Данска.

Нападот на метрото во Англија
На 7 јули 2005 г. беа извршени серија координирани бомбашки самоубиствени терористички напади, а цел на нападите биле цивили во јавниот транспортен сервис во централен Лондон во утринските часови, во текот на најголемата гужва во Лондон. Четворица исламисти детонираа четири бомби, од кои три беа детонирани во возовите на лондонското метро во 08.50 часот, во временски интервал од 50 сек. и малку подоцна во 09.00 часот, додека последната бомба беше активирана во автобус на два ката. Во нападот беа убиени 52 лица, вклучувајќи ги и напаѓачите, а 700 лица беа ранети. Нападот се случил само еден ден после прогласување на Лондон за домаќин на Олимписките игри во 2012 г. Бомбашките напади на 7 јули 2005 г. во подоцнежниот период биле проследени и со други неуспешни обиди за самоубиствени напади. Тројца од бомбашите биле синови на пакистански емигранти, а четвртиот бил присвоен од Јамајка.
Експлозијата била направена во домашни услови од експлозивна направа, составена од домашно произведен органски перооксид, кој бил пакуван во ранец. Ранците за време на нападот најверојатно биле поставени на подот. Карактеристично за органскиот перооксид е што може лесно да се обработува и во домашни услови, иако не е толку стабилен. Нападите барале интензивни подготовки, како што се многубројни извидувања, учење за правење на експлозивна направа, добро познавање на безбедносниот систем во лондонското метро и можноста за реакција на спасувачките екипи, поради што нападот е направен на локации каде што е тешко да се укаже прва помош. Исто така, пред нападите биле потребно и локации за набавка на материјали за изработка на експлозивна направа.
Двајца од бомбашите-самоубијци снимиле видео во кое кажуваат зошто  извршуваат напади, истакнувајќи дека англиската Влада продолжува да го угнетува муслиманскиот народ насекаде во светот, а цивилното население кое ја поддржува таквата влада  за тоа треба и да страда. И, на крај, се закануваат дека додека не се престане со употреба на насилства (бомбардирања, затворања, мачења) од страна на западниот свет и тие ќе продолжат со таквиот начин на војување. Во видеото се величаaт и терористичките лидери и се преставуваат како херои. На 06.07.2006 г. беше објавена и втората преработена видеоснимка од страна на „Al Jazeera“ во која е вклучен и Ал Завахири како заменик на Осама. Во снимката се нагласува дека тоа е само почеток на извршување на серија на силни напади кои ќе продолжат и во иднина со сè посилен интензитет, сè додека не се повлечат коалиционите сили од Авганистан и во Ирак и сè додека не престане финансиската поддршка на Израел.
Иако немало официјално документирани предупредувања за извршување на бомбашкиот напад на 7 јули, може да се нагласат одредени индикатори со кои би можело да се направат соодветни предвидувања и навремени реакции.
Непосредно еден месец после нападите на железничката станиц аво Мадрид во 2004 г., исламски религиски авторитет даде изјава во португалски весник дека постои добро организирана терористичка група во Лондон т.н. „Европска Ал Каеда“, која е при крај со подготовките за извршување на голема операција, доколку западните влади не ги сменат нивните начини на водење на политиката.
На 17.11.2004г., на веб-сајтот на „News week“ била објавена вест дека американските авторитети имале докази дека терористите планирале напад во Лондон. На веб-страницата дополнително било нагласено дека ФБИ агентите во американската Амбасада, поради стравот од терористички напади, биле принудени да не патуваат со лондонското метро.
Во интервју направено од страна на германскиот магазин „Bildam Sonntag“ на 10.07.2005г., со Meir Dagan, директор на Израелската разузнавачка агенција „Мосад“, било напоменато дека Агенцијата во Лондон била алармирана за непосредниот напад во 08.43 наутро, шест минути пред да ја детонира првата бомба. Предупредувањето најверојатно било резултат од водењето истрага на порано случен терористички напад во Тел Авив, кој можел да биде поврзан со нападите во Лондон.

Драган Ристов

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail