ТЕМЕЛ НА МАКЕДОНСКАТА ДРЖАВА И ВОЈСКА

ПРВОТО ЗАСЕДАНИЕ НА АНТИФАШИСТИЧКОТО СОБРАНИЕ НА НАРОДНОТО ОСЛОБОДУВАЊЕ (АСНОМ)

MANIFESTOT I PE;ATOT NA ASNOMСуштинското значење на чинот на одржувањето на АСНОМ се гледа во триумфот на тригодишната антифашистичка борба на македонскиот народ, етничките заедници и југословенските народи, која беше основниот темел на кој се базираа аспирациите на тогашното југословенско и македонско воено и политичко раководство како идни претставници на новата Југославија, односно новата Македонија во состав на нова Југославија.
Многу труд и енергија требаше да се вложи низ вековната национална историја, па југословенските народи да ги сфатат стремежите и националните цели на македонскиот народ, изразени преку Илинденското востание, Крушевската република и Крушевскиот манифест и останатите клучни прогласи и манифести во децениите кои следат потоа.
Антифашистичката војна на југо­словен­ските народи до одржувањето на Првото, а особено на Второто заседание на АВНОЈ, се развива под паролата на јасната идна перспектива на идниот статус на македонскиот народ, што, пак ,овозможуваше вклучување на широк слој на антифашистичките борци.
Во соласност со таквата федеративна пос­тавеност на Југославија како сојузна држава, во тоа време основни органи и носители на власта станаа републичките антифашистички собранија, а во тоа време во Македонија бил Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ.
Одлуките донесени на заседанијата на АВНОЈ и на АСНОМ се израз на самостојна волја на македонскиот народ кој суверено одлучува за својата иднина и државотворен развој. Со нив прв пат во својата милениумска историја, македонскиот народ ја конституира својата држава Македонија како рамноправна членка на сојузната држава Југославија.
Манифестот на ГШ на НОВ и ПОМ од октомври 1943 година, кој според својата содржина има програмски карактер за на­тамошниот развој на антифашистиката борба на македонскиот народ, етничките заедници и за местото и улогата на Македонија во општојугословенската антифашистичка војна на сите југословенски народи. Притоа се истакнува фактот дека македонскиот народ веќе создал своја војска како составен дел на НОВЈ, која го гарантира реализирањето на поставените цели. Работата на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ, со проширувањето од април 1944 година, добила нови димензии и карактеристики и може да се каже дека функционирал како влада. Резултат од речиси едногодишното постоење и делување на Иницијативниот одбор било одржувањето на Првото заседание на АСНОМ. За работата на Иницијативниот одбор може да се заклучи дека само по однос на прашањето за обединувањето на Македонија бил недоследен и неединствен.
Првото заседание на АСНОМ било одржано на 2 август 1944 година во просториите на манастирот „Св. отец Прохор Пчински“, северно од Куманово. Непосредно пред почетокот на заседанието од избраните 115 делегати, пристигнати биле 60 делегати. Оние кои не можеле да присуствуваат испратиле свои ополномоштени лица. На Првото заседание на АСНОМ имало делегати од вардарскиот, пиринскиот и егејскиот дел на Македонија и од Бујановац и од Прешево.
На Заседанието биле донесени 9 државно-конститутивни акти. Значењето на документите било различно, но подеднакво значајно за конституирањето на македонската држава. Освен тоа, на Првото заседание на АСНОМ бил избран и Президиум (Претседателство) на АСНОМ, составено од претседател, двајца потпретседатели, двајца секретари и 17 повереници. За претседател на Президиумот бил избран Методија Андонов-Ченто.
Од заседанието биле упатени Манифест и Проглас до македонскиот народ, во кои биле соопштени резултатите и истите обврзувале на понатамошно ангажирање за остварување на договореното.
Одржувањето на Првото заседание на АСНОМ е значаен датум во историјата на македонскиот народ. Ова заседание, кое беше олицетворување на одлуките на АВОНОЈ со важност на целата територија на Југославија, покажа пред светската јавност каде е местото на македонскиот народ во идната организација на современите нации на 20 век.
Првото заседание на АСНОМ, неспорно има врвно место во националната историја на македонскиот народ. Но, неговото значење не се исцрпува само со создавањето на неопходни услови за национален сестран и слободен развој кој кулминира со озаконувањето на сопствената држава.
Начелата на АСНОМ прокламираа процеси од траен карактер, започнати уште пред Илинден 1903 година и продолжени по асномскиот Илинден во 1944 година. Оттука, очигледно е дека македонската држава, конституирана во 1944 година, со одлуките донесени на Првото заседание на АСНОМ, претставува остварување на вековните идеали и на идеалите на илинденската епопеја и Крушевската Република.
Тоа беа документи од особена историска важност, бидејќи за прв пат во историјата на македонскиот народ се донесени државно-правни акти со кои се потврдува државноста и правото на образование на мајчин македонски јазик.
Големиот Февруарски поход, изведен од единиците на НОВ и ПОМ, и борбите во Пролетната непријателска офанзива, односно контраофанзива во 1944 година, во историјата на тактиката и стратегијата на војувањето во Втората светска војна претставува пробен тест на македонското воено и политичко раководство за успешно раководење со операциите за конечното ослободување на Македонија. Низ овие операции, единиците на НОВ и ПОМ, не само што успешно ја одбранија постоечката туку ослободија и нова територија која стана база за натамошни воени дејства во наредниот период.
Тука, на слободната територија на коз­јачкиот масив, на 2 август 1944 година, бе­ше одржано и Првото заседание на АСНОМ во манастирот „Св. отец Прохор Пчињски“. Ценејќи го и одобрувајќи го целокупниот дотогашен ангажман на ГШ на НОВ и ПОМ, Првото заседание на АСНОМ со една од своите први одлу-ки и решенија им оддаде признание и благодарност на ГШ и на Македонската народноослободителна војска и партизански одреди.
Веќе на 6 август 1944 година, во согласност со првата административна поделба на територијата на Македонија од страна на Президиумот на АСНОМ, следува нова, втора по ред военотериторијална поделба на Македонија од страна на ГШ на НОВ и ПОМ на четири оперативни зони. Во тоа време вооружената борба зема интензивен замав и станува масоовна борба, благодарејќи, пред сè, на големиот прилив на нови борци, особено на млади луѓе. Започнува процесот на зголемување на македонските единици на НОВ и ПОМ и формирање на дивизии.
Предвидувајќи ја капитулацијата на Буга­рија, ГШ на НОВ и ПОМ изврши организациски подготовки за разоружување на бугарската окупаторска војска со цел масовна вооружената борба. Втората по ред воено-територијална поделба на територијата на Македонија се совпаѓаше со првата административната поделба на територијата на Македонија која ја изврши Президиумот на АСНОМ. Новите четири воени ОЗ беа: Првата беше Скопската ОЗ, втора, Битолска ОЗ, трета, Брегалничко-струмичка ОЗ и четврта беше Дебарско-кичевската ОЗ.
Силен поттик за развојот на македонската војска во овој период даде одр-жувањето на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година во манастирот „Св.отец Прохор Пчињски“. Тоа доведе до формирање на четвртите по големина воени единици, дивизиите. Токму поради тоа ГШ на НОВ и ПОМ, уште на 24 август 1944 година, побара од ВШ на НОВЈ нови формациски броеви за ново-формираните МНОД и за оние кои беа во тек на формирање. На 26 август 1944 година, ВШ на НОВЈ одговори на ова барање и ги додели новите формациски броеви во рамките на НОВ и ПОЈ, на МНОД, кои во иднина ќе ги носат броевите 41. и 42. МНОД на НОВЈ.
По капитулацијата на Бугарија и брзиот прилив на нови но сè уште непрекалени борци, особено по 15-дневните борби за ослободувањето на Прилеп, низ кои поми­наа речиси сите македонски единици кои делуваа западно од реката Вардар, се почувствува потреба за напуштање на фронталната борба за освојување на овој град, за да се добие време за воена реорганизација и утврдување на новата воена стратегија во наредните борби. За таа цел ГШ на НОВ и ПОМ донесе наредба за стационирање на македонските единици на поширок простор во близина на комуникациите за да можеле да ја насочат својата борба по сообраќајниците и железничките линии.
Сите претходни борби придонесоа единиците на НОВ и ПОМ да стекнат извонредно полезно воено искуство, кое ќе биде применето во наредниот период во операциите за освојување на градовите и за конечно ослободување на Македонија, кога речиси секој град мораше да се заземе со водење на улични борби.
Капитулацијата на Бугарија во септември 1944 година, ГШ на НОВ и ПОМ ја дочека со засилен раст на формирање нови бригади и дивизии. Овој процес уште повеќе се забрза во текот на наредните месеци. Како што растеше интензитетот на вооружената борба, така стануваа масивни и воените единици, чиј број во наредниот период квалитативно, но и квантитативно брзо се зголемуваше.

Проф. д-р Марјан Димитријевски
Генерaл Борис Стојаноски

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail