Тежок митралез „ДШК 38“

Основна намена на тешкиот митралез „ДШК 38“ е неутрализирање или уништување на пешадија, митралески гнезда (отпорни точки), непријателки позиции наменети за противоклопна борба, воени неоклопени и лесно оклопени возила и воени летала на мала височина. Оружјето се користи или се користело во сите родови на армиите. Mитралезот„ ДШК 38“ работи на принципот на позајмување на барутни гасови, а дејствува од отворен затворач. Цевката на митралезот поседува должина од 1070мм и тежина од 11,2 кг. Внатрешно цевката поседува 8 жлебови со десен чекор на ротација, чијшто круг се затвора на 890 мм. За да се обезбеди нејзино ладење скоро по целата нејзина должина се направени ребра наменети за воздушно ладење. На предниот дел од цевката е поставена гасна кочница/ распрскувач на пламен. Под цевката се наоѓа гасната комора и гасниот цилинер со гасниот клип (гасниот клип е споен со носачот на затворачот). Гасната комора поседува 3 вентили (отвори) за регулирање на протокот на барутни гасови. Полнењето со реденик за муниција се изведува од левата страна на сандакот од митралезот, додека внесувањето на муницијата (куршумот во лежиштето на цевката) се изведува преку ротирачки барабан кој е поставен на горниот дел од сандакот. Врз барабанот е поставен полукружен заштитен поклопец. Барабанот поседува 6 лежишта за куршуми, а при дејство се ротира во правец на стрелките од часовникот. Репетирањето на митралезот може да се изврши преку мал цилиндричен дел (кој се наоѓа од десната страна на носачот на затворачот) во кој се внесува задниот дел од чаурата на куршумот (во улога на репетирачка рачка). По секое испукување на куршум, малиот цилиндричен дел кој е во склоп на носачот на затворачот се придвижува наназад, притоа придвижуваќи ја и шепата за 60º наназад (шепата е поставена десно, надворешно од сандакот) преку чиј заден дел се извршува ротација на барабанот за една позиција. Откако ќе се испука куршумот, чаурата се извлекува и исфрла надолу преку посебен отвор од носачот на затворачот. Од десната долна страна на сандакот е поставен командниот лост на кочницата, кој има 2 позиции: СТОП (за закочено) и ОГАН (за рафална стрелба).На митралезот се вградени преден и заден механички нишан кои можат да се подесуваат. Задниот нишан поседува нишанска далечина на подесување од 100 М до 3500 М (со поделци на секои 100 м). На митралезот може да се постави и колиматорскиот нишан К-8Т наменет за дејство по летала или специјализиран механички нишан за дејство по летала. На верзијата ДШКМ се поставува колиматорскиот нишан К-10Т, а по потреба може да се постави и оптички нишан. За полнење се користи метален реденик со капацитет од 50 куршуми. Тежината на редникот и металната кутија изнесува 11 кг. Се користат повеќе модели на куршуми и тоа: Б-30 со пробојно зрно, Б-32 со пробојно запалливо зрно, БЗТ-44 со пробојно запалливо обележувачко зрно и други. Проектилот на куршумот Б-32 на далечина од 500 м (под агол од 90º) може да пробие челична хомогена плоча со дебелина од 15 мм, а на далечина од 100 м плоча од 20 мм.
Пешадискиот митралез „ДШК 38“ се користи од универзалниот статив „Колесников“ кој поседува 2 тркала, штит и 3 ногалки. Кога митралезот се користи против летала, штитот и двете тркала се отстрануваат, а трите ногалки од стативот се рашируваат, овозможувајќи дејство од 360º, а по вертикала дејство од -34º до +84º. При дејство по летала на горниот дел од сандакот се поставува посебен цевчест кундак со два потпирачи за рамениците со цел подобра амортизација од големото трзнување на митралезот при стрелба. Овој статив поседува и рачка со која се репетира митралезот, бидејќи митралезот не поседува класична вградена рачка за репетирање. Преминувањето од маршевска во борбена позиција се изведува за време од 50 секунди.
Верзии на „ДШК 38“ се: „ДШКМ“, „ДШКМТ“, „ДШКС“, кинеската верзија „Type 54“ и други.
Ивица Дамески

Објаснување на пресек сликата
Пресек на „ДШК 38“
1.Гасна кочница/ распрскувач на пламен
2.Преден механички нишан
3.Мушица на преден механички нишан
4.Цевка со калибар 12,7 мм
5.Поклопец на приемникот (ротирачки барабан)
6.Ударна игла
7.Заден механички нишан
8.Затворач
9.Сандак
10.Удирач
11.Заден поклопец на сандакот
12.Амортизер
13.Држач на кутијата за муниција
14.Механизам за движење по елевација
15.Универзален статив („Колесников“)
16.Цевка од гасниот повратен механизам
17.Повратна пружина
18.Гасен клип

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail