Стратегија и тактика на нерегуларното војување

picture-0991Стратегијата за водење нерегуларно војување е тешко да се дефинира на начин со кој ќе може да биде дел од одредена доктрина и ќе може да се користи во военото планирање

Некои аналитичари тврдат дека дејствата во нерегуларното војување имаат голема важност само доколку создадат психолошка реакција кај противникот и дека во својата основа ова војување е борба за постепено уништување на противникот. Со оглед на тоа дека герилцките сили најчесто се помалку бројни и инфериорни по моќност, тие имаат потреба од големо познавање и разбирање за традициите и културата на својот противник за да постигнат ефект на изненадување и надмудрување

Тврдењето на Клаузевиц дека „војната е продолжеток на политиката со други средства“ од аналитичарите на нерегуларното војување е парафразирано како „бунтовништвото е примена на политиката на партија, во одредена земја, со сите можни средства“. Важно е да се напомене дека лидерите на нерегуларните војувања, водени најповеќе од своите лични искустава, имале стратегии кои помалку или повеќе се разликувале, но сите имале еден ист заеднички фактор. Тоа е фактот дека не постојат јасно исцртани и остри граници помеѓу неопходните предуслови потребни за постигнување на успешен резултат во нерегуларното војување. Еве како некои од најпознатите лидери и борци размислувале за стратегијата и водењето на нерегуларно војување.             Мао Це Тунг навел неколку очигледни основи: приморај го противникот да се рашири на просторот, напаѓај го на слабите места, избегнувај отворена борба освен кога имаш надмоќна сила итн. Неговиот приод кон стратегијата е единствен и се разликува од пристапот на останатите по следното: односот помеѓу нападот и одбраната на тактичко и стратегиско ниво, по трите фази (стратегиска одбрана, изедначеност, стратегиски напад), и доминантно влијание на политиката и воените дејства во поддршка на стратегијата. За разлика од другите теоретичари, тој тврдел дека без оглед на тоа колку се деструктивни и успешни, тактичките акции сами по себе не се доволни за протерување на непријателот од одредена територија.            Еден од следбениците на Мао, генералот Гиап, на стратегијата ѝ приоѓа со многу мала разлика. Тој за време на школувањето ја прифаќа идеологијата за победа над посилниот непријател, но не ја прифаќа целосно формулата на Мао според која треба да се користат тактики на „удри и бегај“ во руралните средини и дека борбата не треба да се насочува кон урбаните места. Различно, Гиап верувал дека кампањата на нерегуларното војување треба да се води истовремено и во руралните и во урбаните места.

            Фидел Кастро и Че Гевара, ја извојувале најмалку веројатната победа во историјата. Со неколку стотини борци наспроти десетилјадна војска тие не би успеале без правилна стратегија и поддршка од народот. Познато е дека кубанската војска под раководство на претседателот Батиста не била во најдобра форма и била составена од регрути кои не сакале да се борат. Режимот на Батиста веќе бил непопуларен меѓу народот кога се појавиле Кастро и Гевара, и тоа е моментот кога овие генијални борци успеале во својата стратегија. Тие ги комбинирале нападите со мал интезитет, најчесто раководени од Че, и големите напори за влијание на јавното мнение водени од Кастро кој пожал голема способност дури и неуспешна воена акција да претвори во пропагандна победа. Слична стратегија коже да се препознае и во дејството на Ал-Каеда, која има експерти во користењето на медиумите и интернетот во пропагандни цели.

            Т.Е. Лоренс бил британски воен разузнавач кој работел со армијата на Арабија против Турците во 1916 година. Неговата стратегија била да поведе нерегуларно војување и да ги напаѓа слабите точки на железничката пруга која ги снабдувала Турците и настојувал да избегне отворена борба. Тој верувал дека надмоќноста во големата подвижност на арабиската армија која се движела со камили ќе победи над способноста на Турците да се одбранат. Бунтовниците ќе ги присилат Турците да се бранат од „фантоми“, да им ја поткопат безбедноста и да генерираат што повеќе цели за Арапите. Лоренс бил успешен во вклучувањето на технологијата и пустинската мудрост во своите маневри.

            Независно кој приод одредена земја ќе го примени во својата одбранбена стратегија  или која комбинација на некои други земји била функционална, важно е да се истакне една многу важна изрека на Мао Це Тунг која гласи: герилците имаат потреба од стратегија. Историјата обезбедува примери и покажува дека ниту една од нерегуларните стратегии не била перфектна туку или нешто им недостасувало или не биле применети кога тоа било потребно. Од тие причини потребно е да се истакнат некои важни карактеристики кои треба да се земат во предвид кога се зборува за нерегуларното војување на тактичко и стратегиско ниво.

Јавното мнение е многу важно. За време на американската револуција, бунтовниците го манипулирале локалното население на ефективен начин и успеале да намалат предноста на противникот. Јавното мнение исто така одиграло одлучна улога во англиската и историјата на САД, во востаниjата против Отоманската Империја, и во поново време во Либан каде што „Хезболах“ многу вешто го користи ова ново оружје. Слично, „освојувањето на срцата и умот“ била девизата на познатиот противбунтовник Џералд Темплер во Малаја која истакнува дека локалната поддршка на населението може да има одлучувачки ефекти врз резултатот на конфликтот. Во Ирак, борбата против бунтовниците ја води генералот Петреас кој верувал во девизта „насоченост кон населението“.

Надворешната или странската поддршка е исто така фактор кој треба да се земе предвид во нерегуларното војување. Оваа поддршка е многу значајна во повеќе области. Вооружените сили на третата страна можат да го приземјат и оптоварат напаѓачот, како што француските сили го демонстрирале тоа со своите континуирани напади против британската армија во американската револуција. Третата страна може да им пружи материјална поддршка на бунтовниците за да се смени текот на борбите во нивна корист. Така на пример муџахедините можеа да се справат со супериорноста на советските сили во воздушниот простор само откако ги добија ракетите „Стингер“ од ЦИА. Можеби не толку значајна како претходно наведените две,  пасивната поддршка може значајно да им помогне на бунтовничките сили, на пример со давањето на простор за маневар и слободно движење, или како во случај на соседна земја која воопшто не ги поддржува противниците на бунтовничкото движење. Следен многу значаен факт е дека на бунтовниците не им е потребна и неопходна победа во одлучувачка битка за да ги остварат своите стратегиски цели. Некои аналитичари тврдат дека дејствата во нерегуларното војување имаат голема важност само доколку создадат психолошка реакција кај противникот и дека во својата основа ова војување е борба за постепено уништување на противникот. Со оглед на тоа дека герилцките сили најчесто се помалку бројни и инфериорни по моќност, тие имаат потреба од големо познавање и разбирање за традициите и културата на својот противник за да постигнат ефект на изненадување и надмудрување. Без добро познавање на противникот герилците нема да можат да постигнат тактичка предност која е стратегиски  значајна и според Мао Це Тунг и покрај тоа што елементот на изненадување  постои и во конвенционалното војување, приликите за негово постигнување ги има многу повеќе во герилските борби. Во ова војување брзината е исто така многу значајна. Слично на изненадувањето постојат и други фактори кои имаат значајна улога во нерегуларното војување, но главната разлика е тоа што во герилското војување нема простор и многу шанси за извршување на одредени акции повеќе од еднаш. Така, герилските борци мора да бидат посебно вешти во користењето на своите вештини и способности како што Арапите ја користеле својата специјална мобилност низ бескрајните пустински предели за да ги изненадат и надмудрат турците. Според аналитичарите суштината на тајните операции се состои во одговорот на прашањето кој кого го изолира од материјален и психолошки аспект.

Можеби и најважно, исклучително моќна алатка во рацете на герилските групи се различните системи на комуникација и медиумите. Тие не претставуваат само средства за влијание и креирање на јавното мислење, туку се користат за мобилизација на поддржувачите, организирање на бази за финансиска поддршка, регрутација на нови членови, извршување на пропагандни активности, дистрибуција на материјали за обука, создавање на логистички системи итн. И покрај тоа што тероризмот во својата современа и меѓународна интерпретација не претставува типичен метод на нерегуларно војување, факт е дека терористичките организации многу вешто ги користат медиумите. Бин Ладен бил убеден дека „војната во медиумите“ е еден од најважните методи за промоција на џихадизмот и опфаќа 90 проценти од подготовката на нападите.

М-р Атанас Пановски

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail