Стратегија за борба против индивидуалниот тероризам

DV1853214Во изминатите неколку години, индивидуалните терористи таканаречени „осамени волци“ како да отворија ново поглавје во тероризмот. Во декември 2015 година во Сан Бернандино – САД, вооружени маж и жена убија 14, а ранија 17 лица. Во јуни 2016 година, во геј клуб во Орландо – САД, вооружен маж уби 50, а рани 53 лица. Во јули 2016 година, на прославата на денот на Бастилја во Ница – Франција, едно лице управувајќи камион насочен во толпа луѓе уби 86, а рани 434 лица. Нападите извршени во САД и Франција, беа поддржани од терористичката организација „Исламска држава“ – ИД, но очигледно е дека сторителите ги планирале и извршиле операциите сами без насоки од „горе“

Традиционално, аналитичарите ги дефинираа „осамените волци“ како терористи, кои не се дел од група или под контрола на некоја терористичка организација. Во реалноста, дел од овие индивидуални терористи навистина дејствуваат сами, а важно е да се нагласи дека оние кои дејствуваат без надворешно водство претставуваат различни закана за која има потреба од различен политичко – безбедносен одговор, во однос на оние кои се режирани од јадрото на одредена терористичка група. Терористичките напади извршени од „осамените волци“ во изминатите децении се во постојан пораст. ИД ја прифаќа оваа тактика која очигледно е проследена со успех кој инспирира и мотивира. Без разлика што оваа терористичка тактика обично не предизвикува масовни жртви, таа има несекојдневно големи политичко, безбедносно и психолошко влијание. И во САД и во Европа, се разгорува исламофобијата, се изолираат муслиманските заедници, а авторитетот на популистичките демагози расте. И покрај тоа што индивидуалните напади тешко може да се превенираат, западните демократии сепак преземаат одредени мерки за откривање и подготовка за дејствување во вакви случаи. Првата мерка е изолирање на одреден индикативен поединец. Понатаму, треба да се прават напори за создавање добри односи помеѓу муслиманските заедници и безбедносните служби. Безбедносните служби треба да ги следат и да се инфилтрираат во екстремистичките социјалните медиуми и мрежи, да ги идентификуваат потенцијалните индивидуални терористи и да ја попречат нивната комуникација. Најважно од сè, е да се дискредитира идеологијата која е прифатена од страна на „осамените волци“. Сепак, сите овие мерки не можат да стават крај на заканата, туку само ќе ја намалат. Невозможно e да се запре секој насилен поединец кој има намера да употреби милитантни терористички тактики.

Безбедносните служби треба да ги следат и да се инфилтрираат во екстремистичките социјалните медиуми и мрежи, да ги идентификуваат потенцијалните
индивидуални терористи и да ја попречат нивната комуникација. Најважно од сè,  е да се дискредитира идеологијата која е прифатена од страна на „осамените волци“. Сепак, сите  овие мерки не можат да стават крај на заканата, туку само ќе ја намалат. Невозможно e да се запре секој насилен поединец кој има намера да употреби милитантни терористички тактики

Индивидуалните терористи и терористичките организации
Доколку одредена екстремистичка организација е инволвирана во мотивирање и организирање на индивидуален поединец, тоа значи дека тој поединец е премногу слаб за да може самостојно да организира и извршува терористички напад. Терористичките групи со цврсто воспоставена команда и контрола, во минатото се докажа дека се лесен плен за инфилтрација на безбедносните служби, нивно заробување и уништување, додека мали групи и поединци кои работат самостојно се многу потешки за следење. Од оваа причина, индивидуалните џихадистички борци се поттикнувани од „Ал Каеда“ и ИД, за извршување на напади. Терористичките организации се свесни дека ќе имаат огромни загуби доколку директно се соочат со силите на западните сојузници и затоа се потпираат на самостојно организирани терористички операции извршени од страна на поединци или мали групи. Според извршени истражувања во период од 1970 година до 2010 година, бројот на напади извршени од осамени поединци, по децении, во САД се зголемува за 45 %, а повеќе од 400 % во 14 други развиени земји. Во 2015 година и 2016 година заедно, во Европа и САД се извршени двојно повеќе успешни индивидуални терористички напади, во споредба со периодот од 2011 – 2014 година. Меѓутоа, безбедносните експерти постојано прават напори за да се направат прецизни процени и прецизни бројки и да се постави јасна дистинкција помеѓу „осамените волци“ и координираните напаѓачи. Кога станува збор за индивидуален извршител или припадник на одредена терористичка група, постои голем спектар на можности, бидејќи истрагата ќе докаже дали се работи за индивидуален поединец или сепак, ќе препознаеме основани врски со одредена терористичка организација. На пример, нападите во Париз од 2015 година, во коишто терористите убија 130 лица, ги изврши релативно голема мрежа на поврзани поединци кои оперирале во Белгија и Франција. Многу од овие лица биле обучувани од ИД во Сирија, како и раководството на групата кое ја координирало операцијата. Меѓутоа, на другиот крај на спектарот се наоѓа некој како Американецот Теодор Качински, кој во периодот помеѓу 1978 – 1995 година, водел терористичка бомбашка кампања. Тој испратл 16 писма-бомби до авиокомпании и универзитет и убил 3, а ранил 23 лица. Качински живеел сам и немал врски со која било терористичка група и сам ја изработувал својата агенда.

Каква стратегија е потребна
Зголемувањето на нападите извршени од „осамени волци“ е поттикнато и управувано како дел од тактиката на ИД. ИД најмногу е фокусирана за дејство на територијата на Ирак и на Сирија, но од 2014 година повикува на напади и на територијата на западните сојузници. На почетокот на 2016 година, ИД објави дека и најмалата акција извршена во срцето на западните демократии е поважна од најголемата извршена во Сирија и во Ирак. Оваа промена настана поради нивната намалена способност за извршување на големи операции. Причина за ова се координираните напади од страна на Коалицијата за борба против тероризмот, недостатокот на финансиски ресурси и намалената способност за регрутација и обука. На ИД ѝ се потребни победи кои ќе бидат инспирација за регрутирање на нови регрути и одржување на моралот кај постојниот кадар. Дел од овие победи можат да ги обезбедат терористичките напади реализирани од индивидуални терористи во срцето на Европа и на територијата на САД. Новите технологии, исто така, придонесоа за појавата на индивидуалните терористи. Интернетот и социјалните медиуми го овозможија тоа. Денес и мали новоформирани екстремистички организации, можат да ги шират своите идеи глобално. Друг загрижувачки момент е што овие напади полека претставуваат тренд и пример за насилство, а посебно ги мотивираат лицата кои немаат средства, можност па дури и желба за да се приклучат на терористичка организација, а сепак, имаат начин да го изразат својот гнев. Од извршените анализи на досегашните извршени индивидуални терористички напади, се смета дека извршителите не се долгогодишни следбеници на екстремистички и милитантни идеи. Напротив, тоа се луѓе кои се во потрага на смислата на животот, притоа наоѓајќи ја преку извршување на спектакуларно насилство во име на одредено движење, без да губат време за да се придружат на одредена терористичка организација кое е проследено со ризици. За безбедносните служби е навистина голем проблем да ги запрат индивидуалните терористи и покрај преземените мерки за следење на комуникациите, идентификација и локација на нивните соработници. Меѓутоа, индивидуалните терористи претходно во минатото имаат остварено врски со одредени терористички лидери или ќелии со кои многу ретко или воопшто не комуницираат. Исто така тие претставуваат „евтина работна сила“, недоволно се обучени, сами се финансираат, а одредена терористичка организација „бесплатно“ ја користи нивната услуга. Конечно, „осамените волци“ внесуваат немир и паника кај луѓето, бидејќи тие можат да нападнат секаде и во секое време. Со нападите од 11 септември, се удри по симболите на американската воена и политичка моќ, финансиите. Меѓутоа, масакрот во еден ноќен клуб или јавни службени простории, од друга страна, предизвика многу поголем психолошки притисок – заканата е се поблиску до дома. И покрај овие предности, повеќето терористички организации стојат настрана од „осамените волци“, бидејќи често нивните планирани терористички активности не успеваат. Повеќето реализирани напади од индивидуални терористи, пред да бидат неутрализирано од безбедносните служби или поминуваат со мал број на жртви или воопшто немаат ефект.

На почетокот на 2016 година, ИД објави дека и најмалата акција извршена во срцето на западните демократии е поважна од најголемата извршена во Сирија и во Ирак. Оваа промена настана поради нивната намалена способност за извршување на големи операции. Причина за ова се координираните напади од страна на Коалицијата за борба против тероризмот, недостатокот на финансиски ресурси и намалената способност за регрутација и обука

Нападите најчесто не се реализираат, бидејќи сторителите се недоволно обучени. Доколку извршителот на терористичкиот акт има претходно борбено или терористичко искуство, шансите за смртоносен исход се сигурни. Необучените милитанти и неуспешните терористички напади, предизвикуваат пад на рејтингот и штета по угледот на терористичките организации. Меѓутоа и покрај сè, ИД ги прифаќа и охрабрува насилствата предизвикани од индивидуални терористи. Нападите извршени од „осамени волци“, имаат големо влијание во САД и во Европа. Тие ја поттикнуваат исламофобијата, ги нарушуваат добрите односи помеѓу муслиманите и немуслиманите, се закануваат на либералната демократија. Според информациите на ФБИ, злосторствата против муслиманите во САД во 2015 година за разлика од 2014 година, се зголемени за 67 %. Во Европа, бегалците се соочени со слична реакција. 59 % од Европејците стравуваат дека присуството на бегалци ќе ја зголеми веројатноста од терористички напади во ЕУ. Доказ за тоа се настаните по нападите во Париз во 2015 година. Јавното мислење ја осудуваше муслиманската заедница, која се повлекуваше во себе и ја губеше довербата во спроведување на законот. Четири месеци по нападите, мрежа составена од пријателите, семејството и криминалци, му помогна на еден од извршителите – Салах Абдеслам, да избегне голема меѓународна потера, за притоа да се крие во родниот град Моленбек во Белгија. Групи како „Ал Каеда“ и ИД, често ја потенцираат дискриминацијата, непријателската реторика и одлуките како што е забраната на француската влада за носење на исламски превез на јавни места, како доказ дека Западот е во војна со исламот. Во меѓувреме, западните демагози го експлоатираат стравот од муслиманите, со цел во јавноста да ја поткопаат довербата во владата, повикувајќи за преземање на екстремни безбедносни мерки, отфрлање на бегалците кои се обидуваат да се спасат од војна и насилство, и да ги свртат општествата против религиозните малцинства, особено муслиманите. Во САД, исламофобијата е подгреана со антиимигрантската политика на новата администрација. Современите демократии можат да преземат мерки за превенирање на заканата, но не можат целосно да ја неутрализираат. Можеби еден од најдобрите начини е да се задржат „осамените волци“ и понатаму да бидат осамени: да се попречат во комуницирањето со потенцијалните конспиратори. Властите мора да се фокусираат на собирање на разузнавачки информации и апсења на осомничените лидери на терористичките ќелии. Ако екстремистичките лидери не можат да стигнат до потенцијалните следбеници, тие не можат да обучат терористи или да ги организираат во групи доволно големи за да реализираат напади. Треба да се ограничи легитимната употреба на експлозив и полуавтоматско оружје. За жал, преземање на законски мерки за контролата на вооружувањето во контекст на борбата против тероризмот, не е ефективно. Разузнавачките служби треба инвазивно да работат за да се идентификуваат „осамените волци“. Борбата против глобалната порака на ИД е исто така многу важна, иако е исклучително тешко. Со овие мерки ќе се намали собирањето на финансиски средства и регрутирање на групата. Во пракса, напорите кои ги преземаат западните демократии често се комплицирани, премногу внимателни и на крај неефикасни. Најдобар сојузник во оваа борба се поранешните регрути,припадници на екстремистичките организации, кои јавно зборуваат за убиствата и условите во областите под контрола на ИД. Една од најефективните мерки е градење на поддршка во рамките на муслиманските заедници за официјалните напори за борба против тероризмот. Ако некоја заедница има добри односи со полицијата и остатокот од општеството, ќе има помалку разбирање за екстремистичката идеологија, а ќе имаат поголем поттик за отфрлање на истата од нивната средина. Односите со муслиманската заедница треба да се сведат на повеќе од само борбата против тероризмот. Потребно е тероризмот како закана да се постави во поширок контекст на јавната безбедност, што е многу поефикасно отколку да се изолира во муслиманската заедница, која е во постојан страв од исламофобијата. Сепак, и доколку се преземат сите мерки, нема да ги запрат сите индивидуални терористички напади. Но, овие мерки ќе овозможат спроведување на законот, апсење на сомнителните лица и намалување на смртноста од овие напади кои не се превенирани, а со тоа овој феномен во целост ќе биде помалку опасен.

д-р Ненад Танески

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail