Социјалните медиуми – најмоќната алатка на односите со јавноста

Hand drawing business strategy conceptsЕфективните односи со јавноста треба да имаат предвид два елементи: клучната порака и клучната публика. Единствено на тој начин може да се достигне целосна транспарентност и отвореност кон јавноста. Во тој контекст, пренесувањето на генералната порака за активностите на ентитетите, која е од јавен интерес, побарува колку што е можно поголема публика. Cоцијалните медиуми овозможуваат да се допре до што е можно повеќе граѓани

Социјалните медиуми се најдобриот стабилизатор. Тие му даваат глас и платформа за комуницирање на секој кој сака да биде дел од нив“, вели Ејми Џо Мартин, позната претприемничка, автор, мотивациски говорник и сопственик на „Digital Royalty“. Социјалните медиуми во корен го менуваат начинот на кој комуницираме. Тие се еден огромен балон кој непрекинато расте. Од аспект на односите со јавноста, чија основна цел секогаш и секаде е да информира, да комуницира и да ја унапредува транспарентноста на еден ентитет, без оглед дали станува збор за институција, организација или приватна компанија, социјалните медиуми истовремено се една исклучително „страшна“ алатка, но и алатка која не смееме да си дозволиме да ја игнорираме. Во суштина, социјалните медиуми во голема мера го променија начинот на кој работат односите со јавноста, како се тие организирани и како комуницираат со јавноста. Она што до пред дваесетина години беше еднонасочна комуникација, чија ефикасност и ефективност се утврдуваше единствено преку мерењето на јавното мислење на одредени интервали, денес прерасна во нешто сосема поинакво бидејќи односите со јавноста, преку овој балон наречен социјални медиуми, денес не практикува еднострано пренесување на информации до јавноста. Напротив, денес постои дигитален разговор, дијалог, односно двонасочна комуникација. Ќе се запрашате како. Едноставно, Министерството за одбрана „постира“ (во текстот ќе најдете поголем број на зборови кои се преземени од т.н. „дигитален англиски јазик“, за што се извинувам) една информација на официјалниот канал на најпознатата социјална мрежа во Република Македонија, Facebook, и во истиот момент добива повратна информација за тоа дали и во колкава мера лицата кои се дел од оваа мрежа и кои ја следат страницата на Министерството, им се допаѓа таа информација, дали истата ги заинтересирала во толкава мера што тие сакаат да остават свој личен коментар или сакаат да ја споделат на својот „дигитален ѕид“ за да им биде достапна и на своите „дигитални пријатели“. Тоа е одлично мерило за тоа дали информацијата допрела до клучната публика, дали била разбрана на начин на кој би требало да биде разбрана и кое е мислењето на клучната публика за истата таа информација.

Зошто социјалните медиуми се важни за односите со јавноста?
Ефективните односи со јавноста треба да имаат предвид два елементи: клучната порака и клучната публика. Единствено на тој начин институцијата или организацијата може да достигне целосна транспарентност и отвореност кон јавноста. Во тој контекст, пренесувањето на генералната порака за активностите на ентитетите (на пример Министерството за одбрана), која е од јавен интерес, побарува колку што е можно поголема публика. Одговорот на прашањето како може да се допре до што е можно повеќе граѓани е со помош на социјалните медиуми. Фактите покажуваат дека од околу 7,3 милијарди луѓе на планетата, 3,17 милијарди во еден момент се на интернет, а 2,3 милијарди се присутни на социјалните медиуми. Тоа е вкупниот број на лица во глобални рамки кои ви се достапни и на кои можете да им ја пренесете пораката. Сепак, тоа не значи дека со еден клик вие и институцијата можете да имате пристап до оваа огромна публика. Тоа зависи од бројот на лицата кои ве следат и нивната желба понатаму да ја пренесат информацијата која вие сте ја пласирале. Но, сепак, можноста е тука. Социјалните медиуми се единствените кои ви даваат потенцијален пристап до толкав број лица. Еден податок вели дека брзината на раст на овие медиуми воопшто не запира, и покрај тоа што околу една третина од светската популација е веќе дел од една или од повеќе социјални платформи. Имено, во 2015 година бројот на корисници на социјалните медиуми пораснал за цели 176 милиони лица, односно 12 нови лица пристапувале кон социјалните платформи на секоја секунда. Но, овој голем број на корисници има и своја „негативна“ страна. Доколку оние 2,3 милијарди се потенцијални членови на вашата публика, фактот дека на платформата „Tweeter“ дневно се пласираат околу 500 милиони т.н. твитови, а на Facebook, 55 милиони нови статуси, лесно може да се увиди дека станува збор за исклучително голем предизвик, вашиот статус или „твит“ да биде виден од што е можно поголема публика.
Со цел привлекување на што е можно поголем број лица како следбеници, секој корисник, а особено институциите од областа на одбраната, мора да се насочат и да се приспособат на јазикот, односно на речникот на социјалната платформа. Тие мора да бидат непосредни, да зборуваат во прво лице, а до некоја мера да бидат и забавни. Тоа, во никој случај не го намалува кредибилитетот на институцијата, туку напротив, дава до знаење дека истата може и знае да допре до секое лице, без оглед на старосната или половата група.
Во суштина, доколку се следат неколку базични правила (како она за речникот кој би се користел на социјалните медиуми), институцијата би требало да биде успешна во својата мисија. Во прилог на тоа одат неколку основни карактеристики на социјалните медиуми:
1. Тие се „заразни“. Сите ние, нашите профили на социјалните медиуми ги носиме со нас. Секаде. Секогаш. Тие се дел од нашите „паметни телефони“, тие се првото нешто што го гледаме на нашите интернет прелистувачи. Човекот е битие кое во својата срж ја има комуникацијата. Ние можеме да преживееме единствено поврзувајќи се со останатите и затоа социјалните медиуми се досега невиден катализатор на човековото комуницирање, отсекогаш биле и ќе останат важен, нераскинлив дел од секојдневието.
2. Тие се базирани на поединецот. Има неколку разлики помеѓу конгломератот кој го нарекуваме „традиционален медиум“ со т.н. Веб 2.0, односно социјалните медиуми. Можеби најважната разлика е фактот дека социјалните медиуми се базираат на поединецот, неговото размислување, неговиот интерес, неговите желби, неговите граници и неговата етика. Во комуникацијата на „Facebook“ или „Twitter“ не постои главен и одговорен уредник, не постои сопственичка структура која може да влијае на известувањето. Едноставно, таму сте вие и останатите 2,3 милијарди луѓе пред вас. Ништо повеќе и ништо помалку. Но, тоа претставува и исклучително важен ризик-фактор за кој ќе стане збор малку подолу во текстот. Во однос на оваа карактеристика се појавува и термин, т.н. „citizen journalism“, односно граѓанско новинарство, кое е ослободено од сите препреки на традиционалното новинарство, но затоа, пак, не е обврзано ниту од основните правила на новинарството како проверка на факти од минимум три извори, кодекс на новинари, новинарска етика и сл. Тоа во исто време носи информации кои не се пласирани преку контролни механизми, но и информации за кои може да се утврди дека се целосна шпекулација и невистина.
3. Социјалните медиуми се интерактивни. Оваа карактеристика ја споменавме и погоре. Тие се „алфа и омега“ на двонасочната комуникација. Корисниците во само еден момент и со само еден клик покажуваат дали одредена информација им се допаѓа, додека истата можат да ја коментираат и да ја пренесат на својот профил. Во случајот на „Twitter“, соодветниот „твит“ може да биде и „ретвитуван“, односно пренесен до вашите следбеници. Однеодамна, корисниците на платформата „Facebook“ можат да постават и своја реакција која се разликува од првичното „ми се допаѓа“, а тоа е да покажат „љубов“, да се „насмеат“, да бидат „зачудени“, „натажени“ или „лути“.
4. Социјалните медиуми се бесплатни. Отсекогаш биле и засекогаш ќе бидат. Во многубројните предавање во Регионалниот центар за односи со јавноста во Министерството за одбрана, учесниците неретко знаат да ја предизвикаат оваа карактеристика со тврдењето дека сепак плаќаме да бидеме поврзани на интернет. И, тоа е точно. Но, тоа е единствениот трошок, кој вклучува многу повеќе од пристапот до социјалните медиуми. Приклучувањето на која било од овие мрежи било и ќе биде бесплатно бидејќи, не заборавајте, тие се публика и за рекламирање на сè што можете да замислите, а тоа, секако, се наплатува од страна на компаниите.
5. Социјалните медиуми се молскавично брзи. Кај нив сè се случува сега. Во овој момент. Веќе следниот момент можете да најдете нова информација. И така во континуитет. Затоа, како дел од тимот за односи со јавноста на која било институција, организација или компанија, па и како личен корисник кој има нешто што сака да го каже пред своите пријатели или следбеници, вие морате да се истакнете од незамисливиот хаос наречен 500 милиони „твитови“ и 55 милиони „постови“ дневно. Морате да бидете уникатни, посебни, визибилни.
Кога зборуваме за социјалните медиуми и најпознатите платформи (Facebook, Twitter), мораме да ги споменеме и останатите елементи по кои тие се разликуваат од традиционалните медиуми како: опсегот, перманентноста на информацијата, фреквенцијата на нови информации итн.

Ризиците поврзани со социјалните медиуми
Социјалните медиуми, покрај својата позитивна улога во пренесувањето на информацијата до дефинираната клучна публика, со себе носат и поголем број ризици кои мора да се имаат предвид при нивното користење, особено од аспект на безбедносните институции. Првенствено тука станува збор за можноста за ширење на невистини и шпекулации на самиот официјален профил, во форма на коментари од следбениците, а секако предвид треба да се земе и речникот кој корисниците, односно следбениците можат да го користат. Токму затоа, во дескрипцијата на официјалниот профил на Министерството за одбрана, стои: „Ова е официјалната Facebook-страница на МОРМ – Министерството за одбрана на Република Македонија. Коментарите постирани од следбениците не мора да значи дека ги претставуваат официјалните ставови или политиката на институциите или на МОРМ“. Дополнително, во делот на генерални информации, јасно се истакнати правилата на користење, односно на споделување мислења. Тоа се насоки кои укажуваат на тоа што Министерството за одбрана дозволува, односно што ќе биде отстрането од страницата. Во генералната информација се вели дека Министерството ја поддржува дискусијата во секоја форма, дозволува неистомисленици да го кажат својот став, но нема да толерира говор на омраза, етнички или полово недозволени коментари, пцости и навреди, илегални активности, „спамови“ или постови кои се косат со законските прописи и слично. Дополнително, предвид мора да се земат и генералните ризици кои се поврзуваат со социјалните медиуми како заштитата на личните податоци, поставување на фотографии од корисници под 18 години (без дозвола и авторско право), поставување на информации кои се безбедносно сензитивни, алатката „geo-tagginig“ (особено на задача или во мисија) и слични активности.
Министерството за одбрана на Република Македонија активно користи три од најпознатите и најпосетените социјални медиуми во државата: Facebook, Twitter и YouTube. Во следното продолжение подетаљно ќе стане збор токму за начинот на употреба на овие социјални медиуми од страна на Министерството.

Иван Петрушевски

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail