Соработка помеѓу ЕУ и НАТО во проектирањето стабилност за Западен Балкан

И оваа година, традиционално, по петти пат, Алумни-асоцијацијата на Центарот „Џорџ Маршал“ од Република Македонија, со поддршка на Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ Маршал“ од Германија,  Одделот за јавна дипломатија на НАТО, Одбранбениот колеџ на НАТО од Рим и Министерството за одбрана на Република Македонија, организираше безбедносен форум на кој свои излагања имаа голем број реномирани експерти и професори, а активни учесници на Форумот беа голем број претставници од одбранбено-безбедносните институции на земјите од  Западен Балкан

DSC_3255Алумни асоцијацијата на Центарот „Џорџ Маршал“ од Република Македонија важи за една од најактивните во регионот, а меѓу многуте активности кои се реализираат од страна на македонската алумни-асоцијација, секако, е и организацијата на повеќедневен меѓународен безбедносен форум, на кој учествуваат голем број еминентни стручњаци, професори и експерти  и на кој се дебатира на актуелни теми од сферата на безбедноста и одбраната, а кои имаат влијание врз земјите од регионот и нивната безбедност и соработка

Центарот „Џорџ Маршал“, веројатно, е една од водечките институции која со години наназад придонесува за натамошно унапредување на регионалната соработка во областа на одбраната и безбедноста. Едукацијата што Центарот со години ја обезбедува за претставници од државните институции се рефлектира во импозантната бројка на дипломирани кадри на овој колеџ од голем број држави. Целта на „Џорџ Маршал“  алумни-асоцијациите е да ги ефектуираат позитивните промени во сопствените држави кои промовираат стабилност и безбедност и да придонесат во разрешување на прашањата од одбраната, безбедноста и надворешната политика. Комплементарното влијание на алумни-асоцијациите секако дека има свој посебен повратен ефект, не само за матичните држави туку и за регионот во целина.  Алумни-асоцијациите остануваат независни, непрофитни ентитети и намената и структурата на секоја од нив е определена исклучиво од волјата на нивното интерно членство.

Оваа година Форумот за безбедност насловен како „Соработка помеѓу ЕУ и НАТО во проектирањето стабилност за Западен Балкан“ се одржа во Охрид во периодот од 25 до 29 август. Во фокусот на Форумот беше соработката помеѓу НАТО и ЕУ во однос на проектирање на стабилност во земјите од Западен Балкан. На Форумот беа присутни учесници од голем број држави од регионот на Западен Балкан и пошироко. Форумот го отвори проф. д-р Стојан Славески, претседател на „Џорџ Маршал“- алумни-асоцијацијата од Република Македонија, а свои обраќања и предавања во текот на Форумот имаа високи претставници и предавачи од американската Амбасада во Скопје, Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ Маршал“, предавачи од НАТО-колеџот од Рим, од НАТО-канцеларијата за врски во Скопје, како и претставници на регионални и глобални асоцијации и организации како АТА и ГЛОБСЕК.

На свеченото отворање на Форумот свои обраќања имаа директорот на  Алумни-асоцијацијата „Џорџ Маршал“ од Република Македонија, проф. д-р Стојан Славески, шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, морнаричкиот капетан Горазд Бартол и полковникот Тимоти Бјукен, висок претставник за одбрана од Амбасадата на САД во Скопје.  Прв излагач на темата со целосно предавање  на првиот панел беше Марк Лејти, долгогодишен известувач и новинар на ББС од повеќе кризни подрачја во светот, шеф на STRATCOM SHAPE програмата и  директен учесник  во преговорите за време на конфликтот во Македонија во 2001 како медиумски советник на Лордот Овенс и на претседателот Борис Трајковски. Тој кон темата се осврна од аспект на потребата за креирање и имплементација на соодветна стратегиска комуникација која ќе се спротивстави на сите негативни и тенденциозни медиумски влијанија во регионот и ќе придонесе кон создавање на една кредибилна и позитивна медиумска приказна и перцепција  за НАТО и ЕУ и земјите од Западен Балкан.

 Инаку, работниот дел на Форумот беше поделен на повеќе панели на значајни теми поврзани со главната тема. На панелот насловен како „Заканите од хибридното војување: шанса за НАТО и ЕУ да дејствуваат заеднички“, свои излагања имаа Џејсон Вајсмен од АТА, Брисел, проф. д-р Стево Пендаровски, пратеник во Собранието на Република Македонија и Јан Кингел од Институтот GLOBSEC. Еден панел беше во врска со кризниот менаџмент на НАТО и ЕУ во земјите од Западен Балкан преку национални перспективи, а посебен панел беше  на тема во врска со илегалната миграција и соработката на НАТО и ЕУ на овој план. На овој панел  излагање имаше шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, морнаричкиот капетан Горазд Бартол и пензионираниот генерал од НАТО колеџот во Рим, Џузепе Морабито, кои преку конкретни анализи и елаборации презентираа кои се механизмите на НАТО и на ЕУ во однос на проблемот со илегалната имиграција и што се презема за подобрување на состојбите.

Од Министерството за одбрана на Република Македонија со свое излагање на Форумот учествуваше заменикот-министер за одбрана д-р Беким Максути. Неговото излагање на Форумот беше во рамките  на панелот посветен на „НАТО и ЕУ придонесот во регионалната соработка“. Тој во своето излагање се осврна на придонесот на Република Македонија кон НАТО и ЕУ, воедно потенцирајќи ја определбата на Р. Македонија кон колективното членство како врвен приоритет на државата. Тој се задржа на придонесот на припадниците на АРМ во мировните мисии, а се осврна и на значењето и придобивките од зајакнувањето на добрососедските односи и регионалната соработка помеѓу земјите од Регионот, особено во сферата на одбраната и безбедноста. На овој панел со свои излагања учествуваа и професорите Себастиан вон Муншов и Пол Дунај од Европскиот центар „Џорџ Маршал“ за безбедносни студии од Германија.

Сите заклучоци и препораки произлезени од плодната дебата која се разви на овој значаен безбедносен форум ќе бидат преточени во соодветни препораки кои ќе бидат доставени до релевантните авторитети.

д-р Жанет Ристоска

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail