Соработката се продлабочува и се интензивира

DSC_3311Во септември, во официјална посета на Република Македонија беше министерот за одбрана на Република Бугарија, Красимир Каракачанов. Тој во рамките на посетата оствари средба со министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска. Во разговорите беше констатирано дека се продлабочува и се интензивира соработката во областа на одбраната што, пред сè, се согледува преку конкретните иницијативи и спроведување на планот на соработка договорен на експертско ниво. „Билатералниот договор којшто го потпишаа Република Македонија и Република Бугарија нема да остане само на зборови. И тој договор и она што се случуваше по потпишувањето на договорот, покажува дека двете држави Македонија и Бугарија, се свесни дека само преку добрососедство нашиот регион може да оди напред. Само преку развивање на добрососедски односи можеме да ја гарантираме нашата заедничка безбедност и можеме да го гарантираме напредокот на нашите две држави“, рече министерката Шекеринска и се заблагодари што Република Бугарија „сериозно застана во одбрана и во промовирање на нашата крупна стратешка цел, а тоа е членството во НАТО“. Министерот Каракачанов потенцираше дека договорот што беше потпишан на 1 август веќе почнува да станува иницијатива. „Убедени сме дека дека стабилноста во регионот зависи од добрососедските односи. Меѓу Бугарија и Македонија никогаш немало злонамерна и заткулисна политика. Само со чесни односи може да има повеќе стабилност и ред на Балканот. Бугарија го поддржува државното единство и територијалниот интегритет на Република Македонија. Нашата позиција е да ѝ помогнеме на Македонија да стане членка на НАТО“, рече Каракачанов.

Во рамките на посетата министерката за одбрана Шекеринска и министерот за одбрана на Р. Бугарија Каракачанов заеднички го посетија Полкот за специјални операции на АРМ. За време на посетата делегацијата беше брифирана за самата единица, нејзината структура и за досегашните стекнати искуства. Посетата продолжи со тактичко технички збор каде беше презентиран дел од опремата и вооружувањето кое се користи во единицата, а беа организирани и методско показни вежби на повеќенаменска алпинистичка кула, контролна точка, куќа за гаѓање и боречки вештини.

 Одбранбената соработка меѓу двете министерства ќе се реализира преку преземање конкретни чекори. Во јануари 2018 г. ќе се направи експертска посета на Воената академија „Г.С. Раковски“, со цел размена на искуства во изработката на Стратегискиот одбранбен преглед (СОП). Исто така, предвидена е соработка на Силите за специјални намени која ќе резултира со заедничка воена вежба во 2018 година. Постојат  можности за идно упатување на школувања во военообразовните капацитети на Република Бугарија на специјалистичка военомедицинска обука на персонал од АРМ во Военопоморската академија „Никола Вапцаров“ во Варна, претставување на капацитетите на армискиот полигон „Криволак“ и разговори за соработка меѓу претставници на двете воздухопловства.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail