СОПИШТЕ Е МОЈОТ РАЈ

ВО ПОСЕТА НА ВЛАДИМИР ЃОРГИЕВ – МУЛТИТАЛЕНТИРАН УМЕТНИК И ПРИПАДНИК НА АРМ

DSC_0014Талентот е нешто со што човекот се раѓа, а со текот на времето тој се доизградува, се обликува и се усовршува. Ретки се луѓето кои можат да се пофалат со поголем број таленти. А, уште поретко е да се најде човек кој се занимава со две навидум неспоиви професии. Да си музичар или сликар, стилист или фотограф, а воедно и да си вработен во институција каде е потребна дисциплина и хиерархиска субординираност, како што на пример е  армијата. Уметникот се препознава по страста, неконвенционалноста и индивидуалноста – војникот е послушен, исполнителен и тимски ориентиран. Сепак, можно е да се направи  и добар баланс  на сите тие особини и да се биде и добар уметник и добар војник. Во Армијата на Република Македонија има луѓе кои успеваат да ги усогласат сите свои афинитети и кон војничкиот позив и кон некоја уметност. А, ние секогаш се трудиме да ги пронајдеме и да пишуваме за нив.
Овојпат ќе ви го претставиме Владимир Ѓорѓиев, подофицер на Армијата на Република Македонија, вработен во Воениот оркестар на АРМ, но и реномиран фотограф и шминкер, веќе добро познат на македонската и странската јавност.
Владо Ѓоргиев го посетивме во неговиот дом во Сопиште.
„Пред неколку години решив да се извлечам од градската гужва, инсистирав на некој свој личен и семеен мир. Дојдов на гости кај моите денешни соседи. Јас ништо не знаев за ова место. Кога ја видов парцелата, инсистирав само на контакт со сопственикот со кој веднаш договоривме за откуп на плацот. Се откажав од животот во стан во градот и тука си создадов дом за кој цел живот мечтаев. Овде ја слушам тишината и шумот на крилјата на птиците. Овде живеам со звуците на природата – вели Владо Ѓорѓиев.

Не ми е тешко да ги усогласам професионалните со приватните обврски.
За својата војничка кариера раскажува  дека уште за време на ЈНА бил примен и го завршил средното музичко школо во Сараево. Распадот на бившата држава се случил кога тој бил на служба во гарнизонот во Приштина. Во 1992 година со формирањето на АРМ, веднаш доаѓа во нејзините редови, како член на Воениот оркестар. Владо перфектно свири флејта и ударачки инструменти. Во Воениот оркестар на АРМ е задолжен за удирачките инструменти.
За работата во Оркестарот на АРМ вели дека го исполнува, дека е соодветна на неговата харизма, но од друга страна, и дека воопшто не е лесна, дека е обемна и понекогаш напорна.
„Воениот оркестар се развиваше прогресивно, од времето кога започнавме па до денес. Тој континуитет го следеа секакви сценарија, но факт е дека денес имаме еден од нај­престижните воени оркестри во регионот. Перфектно сме уиграни, вежбаме, работиме на презентација на секакви композиции. Се разбира, има и проблеми, неопходни се и нови инструменти, иако во еден дел сме доста подновени. Свириме и на отворено и во затворени објекти, некогаш температурните неповолности  може да ни ја усложнат работата, меѓутоа ние сме навикнати и во таа насока апсолутно сме подготвени да го извадиме репертоарот без разлика на околностите“ – раскажуваше Владо и додаде дека Воениот оркестар е единица којашто многу работи и дека се подготвени за една недела да направат концерт. Се работи на тоа што повеќе да се приближи АРМ кон народот, затоа Воениот оркестар и започна со проектот за концерти по градовите низ Македонија.
Владо Ѓоргиев е и фотограф и шминкер. Во системот на класично работно време во Армијата, успева да најде простор и за другите активности кои го исполнуваат. Другата работа ја работи во својот личен хоби-простор, како што го нарекува времето поминато со шминкерските четкички и професионалниот фотоапарат.
Со фотографија почнал да се занимава уште од најрана младост. Перцепцијата низ објективот е неговата најголема пасија. Има огромна колекција од фотографии на кои може да се видат различни мотиви, живи суштества, мртва природа. Учествувал на многу изложби. Неговите фотографии се признати и се оценети со највисоки оценки.
Во последно време слика и модели. Едноставно, состојбата на медиумскиот пазар и потребата од квалитетни фотографи го исфрлила на површина како врвен во таа област и баран од многумина.
- Едноставно еволуирав во фотографијата. Луѓе од јавниот живот, од естрадата, од медиумите, ме ангажираа да ги сликам и да ја додадам потребната доза на уметност во нивната визуелна презентација. Дојде и до уште повисок стадиум на соработка. Станав и професионален шминкер. За да се направи успешна професионална фотографија на познати личности, на модели или само на убави жени, мора моделот претходно да биде правилно и соодветно нашминкан. Да бидам искрен, од тоа некогаш и одлично се заработува. Професионализмот кој го манифестирав, како и посветеноста во работата, ме наведоа на соработка со многу познати луѓе од естрадата. Ќе споменам дека и нашата музичка икона Тоше Проески беше мој клиент, дека со Каролина Гочева соработуваме максимално професионално. Уште многу од нив поминале низ моето студио. Денес состојбата во таа област е малку деформирана. Приучени фотографи и шминкери го узурпираа просторот, па поради тоа падна и квалитетот.
Владимир Ѓоргиев го интересираат сите можни варијации на уметничка фо­то­графија. Тој фотографира и луѓе и животни и жива и нежива природа, а моментално работи и сток-фотографија. Тоа е сајт којшто продава фотографии, од каде што и дизајнерските куќи може да откупуваат фотографии.

Во Сопиште е мојот приватен рај
Додека го водевме разговорот во неговиот дом во Сопиште, со него беше неговата ќеркичка Ина. Ина наесен ќе биде шесто одделение. Таа е одличен ученик, миленичка и гордост на нејзиниот татко. И Владо и Ина уживаат во друштво на домашни миленичиња. Љубовта кон животните Ина ја има наследено од својот татко. Тука во Сопиште постојано се дружи со  кучето Спарки, но и таа како и нејзиниот татко има посебна љубов кон влекачите. Воопшто не се плаши и од мала се интересира за змиите и гуштерите. Додека разговаравме на прекрасната веранда од нивната куќа, Ина во раце ја држеше миленичката змија од видот боа. Таа исто така е и спортистка, одбојкарка, и има добри предиспозиции за тој спорт.
Подофицер Владо Ѓоргиев во својот дом во Сопиште ја живее својата идила. Има домаќински среден двор, преполн со егзотични растенија. Гоџи е непознато растение за нашата култура, едно од најздравите на нашата планета, кое дава многу вкусен плод. Тој вели дека и кај нас го има во дива варијанта покрај патиштата, но не дава плодови. Плодовите на растението гоџи се вистинска витаминска бомба, вели Владо, а и мошне се вкусни, ќе додадеме ние.
Неговата креативност и уметничка нишка се пронаоѓа во секој сегмент од неговиот стилски уреден животен простор.  Дворот е беспрекорно среден и облагороден со посебни елементи. Владо има своја приказна за секоја билка која ја засадил и за секое камче кое го ставил токму тука.
Владо Ѓоргиев со гордост ја носи униформата на нашата армија и ја потенцира и пренесува нејзината димензија и во светот на своето хоби.
Да ја најдеш линијата помеѓу тие две екстреми, понекогаш е навистина тешка задача. Но, на подофицерот Владо Ѓоргиев тоа му успева, без некои посериозни проблеми.
Додека го пиеме кафето и коктелот од лубеница во неговиот дом во Сопиште, не ни почувствувавме како ни помина времето.
Овој исклучителен уметник и офицер апсолутно заслужи простор на страниците на „Штит“, заслужи да се пишува за војникот и за неговите уметнички предиспозиции и талент.
Кристина Илиевска
Митко Василевски

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail