Сметаме на поддршката од нашите стратегиски партнери

GrupnaВисока воена делегација на Националната гарда на Сојузната држава Вермонт, САД, предводена од командантот генерал-мајор Стивен Креј во септември оствари неколкудневна официјална посета на Република Македонија. Овие континуирани годишни средби на највисоко армиско ниво овозможуваат постојано надградување на соработката преку воената контакт-програма за соработка со Армијата на САД, но исто така на средбите се потврдуваат и пријателството и поддршката од САД како наш најголем стратегиски партнер

Во периодот од 1995 па сè до денес со Националната гарда на Вермонт Министерството за одбрана и АРМ имаат реализирано повеќе од 850 активности на кои повеќе од 4.500 припадници на МО и АРМ имале можност да се запознаат со стандардите, тактиките и техниките на работење на НГ на Вермонт, вооружените сили на САД и НАТО-стандардите. Воената контакт-програма произлезе од Меморандумот за соработка од 1994 година. Партнерството се базира на четири клучни области – стабилноста, демократизацијата, воениот професионализам и блиската соработка со НАТО.

Делегацијата најпрвин беше примена од НГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски. За време на приемот генералите Величковски и Креј го истакнаа значењето на одличната воена соработка на АРМ со НГ на Вермонт, изразена преку досегашното заедничко учество во мировни операции, реализацијата на голем број заеднички вежби, континуираното изведување на обука и едукација на припадниците на двете армии. Притоа, началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија  Величковски  му додели Благодарница за унапредување на меѓусебната соработка на потполковник Тод Гоф, директор на Воената контакт-програма на НГ на Вермонт за соработка на АРМ со Армијата на САД. По приемот кај НГШ на АРМ, во Министерството за одбрана се реализира состанок со министерката за одбрана Радмила Шекеринска на кој присуствуваше и амбасадорот на САД во Р. Македонија, Н.Е Џес Бејли. На состанокот од двете страни беше изразено огромно задоволство од искреното партнерство кое трае веќе 22 години. „Благодарение на оваа соработка, ги подигнавме стандардите на АРМ во согласност со стандардите на НАТО-алијансата“, истакна  министерката Радмила Шекеринска на средбата. Зборувајќи за нашата стратегиска цел, членството во НАТО, министерката Шекеринска потенцираше дека Република  Македонија смета на своите стратегиски партнери, особено во овој момент кога работиме забрзано и искрено кон членството во НАТО.

Генералот Креј истакна дека од 70 партнерства на националните гарди на САД во светот, партнерството на Националната гарда на Вермонт и АРМ е еден од најуспешните примери на соработка која има неограничен потенцијал. „Стратегиското партнерство е навистина корисно за двете земји и ние сме горди за сè што успеавме да обезбедиме за Македонија, меѓутоа и за искуството кое ние го стекнавме овде во Македонија. Навистина сме горди и на успехот којшто го имавме во мисијата „Феникс“ во 2010 година“, рече генералот Креј. Тој порача дека интеграцијата на Македонија во НАТО е дел од целите на партнерството и дека во текот на посетата ќе се разговара за активностите кои што ќе се преземаат следните години, и за помошта во однос на членството во НАТО и останатите цели на државата. Генералот зборуваше и за поддршката во однос на изработката на Стратегискиот одбранбен преглед, како и надградувањето на капацитетите и помошта при справувањето со природни катастрофи, развојот на подофицерскиот кор, образованието и инженерските капацитети.

Во текот на официјалната посета високата делегација на НГ од Вермонт оствари средби и со претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и со претседателот на Собранието Талат Џафери и Собраниската комисија за одбрана и безбедност.

  Р.Ш.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail