СИЛИ ЗА СПЕЦИЈАЛНИ ОПЕРАЦИИ – СТРАТЕГИСКА ВРЕДНОСТ, УЛОГА И ЗАДАЧИ

Дебатата околу тоа дали силите за специјални операции имаат стратегиска вредност и кој е најдобриот начин на кој тие ќе се употребат секогаш била присутна. Оваа тема и денес претставува предмет на несогласувања, недоразбирања и расправии. Во воените кругови на оваа дебата се приоѓа од аспект на дефинирање на улогата и задачите на силите за специјални операции. Најчесто под воена улога се подразбира пошироката стратегиска намена, а воената задача се третира како примена на таа улога во конкретни ситуации. Во случајот на силите за специјални операции може да се каже оти тие имаат стратегиска уло­га во справување со закани или униш­тување на цели кои конвенционалните сили не можат да ги уништат и дека неконвенционалното војување е задача која ја поддржува таа улога.
Вооружените сили, со цел да одредат како треба да бидат обучени и опремени, имаат потреба од јасно прецизирани улоги и задачи. Од друга страна, улогите и задачите треба да произлезат од јасно дефинирани стратегиски концепти. Така, во една студија спроведена на тема „Специјални операции – конфликти со низок интензитет“, се истакнува дека намената или улогата на вооружените сили во спроведувањето на националната политика е нејзин основен елемент. Oваа улога може да се нарече стратегиски концепт на вооружените сили. Во основа, овој концепт е опис на тоа како, кога и каде војската ќе биде користена со цел нацијата да се заштити од заканите по нејзината безбедност. Доколку вооружените сили не поседуваат ваков концепт, тие стануваат бескорисни, ќе се вртат околу разни конфликтни и збунливи цели, и на крајот ќе патат од морално и физичко распаѓање.
Доколку силите за специјални операции имаат аспирација и визија да бидат од стратегиско значење, тие, исто така, имаат потреба од стратегиски концепт кој ја објаснува нивната вредност за државата во смисла на улогата и задачите за кои тие се подготвени да ги извршат. Без ваков стратегиски концепт и јасно произлезени улоги и задачи, силите за специјални операции најверојатно ќе бидат недоволно подготвени и користени безуспешно, бескорисно и погрешно. Дополнително, без јасно дефинирани улоги и задачи, овие сили најверојатно ќе имаат проблем да ги оправдаат политичките и материјалните ресурси кои се потребни за добро функционирање. Политичките лидери им доделуваат средства и ресурси на воените сили, покрај останатото, и врз основа на нивното разбирање и сфаќање на стратегиската вредност.
На пример, во 1960-тите години САД ја усвоиле стратегијата за заемна доверба со што се омаловажила вредноста на ракетите за воздушна одбрана и ресурсите за овие сили биле драстично намалени. Слично, финансиските дознаки на силите за специјални операции исчезнале по војната во Виетнам, кога перцепцијата за вредноста на ваквите операции била во пад, но во поново време со растечката улога во борбата против тероризмот тие се зголемиле.
Дефинирањето на стратегиската вредност на воените сили не е лесно. Тоа бара разбирање на три фактори кои меѓусебно влијаат еден на друг и се менуваат со текот на времето. Факторите се: основните и карактеристични способности на воените сили, природата на најзначајните безбедносни предизвици со кои се соочува државата и воените потреби кои произлегуваат од националната стратегија за справување со овие предизвици.
Дефинирањето на стратегискиот концепт на силите за специјални операции е уште потешко. Многу книги се напишани за специјалните операции, но многу малку од нив се посветени на истражувањето на нивната стратегиската вредност. Од една страна овие сили и нивните операции се толку многу привлечни и фасцинантни што тие тежнеат да ја засенат дискусијата за нивната стратегиската вредност. Кога се зборува за стратегиската вредност на силите за специјални операции, тоа често се прави со голема пристрасност. Од друга страна, од причина што силите за специјални операции и нивните задачи се разликуваат од конвенционалните сили, постои тенденција нивната стратегиска вредност да се опише со едноставни поими за нивната различност и флексибилност, што не е многу корисно. Така, суштината за стратегиската намена на силите за специјални операции често се конструира преопширно или, пак, е целосно незабележителна.
Стратегискиот концепт за силите за специјални операции бара процена на тоа како атрибутите на овие сили најдобро ќе ја поддржат националната стратегија за справување со најзначајните безбедносни предизвици. Различни безбедносни стратегии им придаваат поголема важност на некои атрибути и задачи на силите за специјални операции отколку на други. Исто така, различни стратегиски избори диктираат дали силите за специјални операции ќе се користат директно или индиректно и како поддршка на операциите на конвенционалните сили или како основна водечка сила. Во моментот кога овие избори ќе бидат познати и јасни, потребно е да се анализира како аворитетите ја дефинирале стратегиската вредност до денес, во светло на одбранбената стратегија на државата и потребите за нејзино функ­ционирање во безбедна средина.
Во изминативе години постојат анализи кои покажуваат дека токму стратегиските концепти на командите за специјални операции ја водат еволуцијата на задачите кои ги извршуваат силите за специјални операции. Исто така, идентификувано е големото влијание на „понудата и побарувачката“ врз дефинирањето на улогата и задачите на силите за специјални операции. Кога потребата од вакви сили е голема, воените лидери се поселективни во врска со дефинирањето на улогата и задачите. Кога потребата за силите е намалена, улогата и задачите се дефинираат пошироко. Дополнително, иден­тификувани се различни стратегиски вредности на силите за специјални операции во зависност од тоа дали тие се во улога на поддршка на конвенционалните сили или операциите ги извршуваат самостојно.
Доколку во една ваква анализа не се земат предвид карактеристиките кои ги прават овие сили различни од останатите, ќе биде невозможно да се разбере стратегискиот концепт на силите за специјални операции и улогата и задачите кои произлегуваат од истиот.

УЛОГАТА И ЗАДАЧИТЕ НА СИЛИТЕ ЗА СПЕЦИЈАЛНИ ОПЕРАЦИИ
Сите задачи на силите за специјални операции, без разлика дали се тоа цивилни односи, спасување на заложници, обука за борба против бунтовници, неконвенционално војување или други задачи, побаруваат сили со атрибути, кои често се групирани во две групи на уникатни карактеристики. Тие се едни од клучните сили за инфилтрација и удар (напад), способни да реагираат прикриено, со голема брзина и прецизност во целиот спектар на конфликти. Исто така, тие се и борци-дипломати, способни да влијаат, да советуваат, да обучуваат и да извршуваат операции со странски сили, официјални лица и население.
За лесно помнење, вештините на малите единици за инфилтрација и напад често се сумираат и се нарекуваат „командо вештини“ на силите за специјални операции, а политичките, културните и јазичните вештини често се нарекуваат вештини на „воени дипломати“ или „културолошки“. Понекогаш едната или двете групи на вештини се обезвреднети или се одрекува дека се специјални. На пример, имало генерали кои тврделе дека секој добар војник може да се справи со герилците, коментар кој имал цел да ја негира вредноста и значењето на вештината воени дипломати. Други, пак, инсистирале дека секој добар пешадинец може да нападне добро бранета цел, изјава со која се негира потребата од командо-вештини на силите за специјални операции. Сепак, денес и командо-вештините и вештините на воин-дипломат се признати како карактеристики со кои силите за специјални операции се разликуваат од другите сили.
Како овие различни карактеристики и вештини ќе се применат за пораз на безбедносната закана зависи од природата на заканата и од стратегијата која се користи против неа.
За подобра илустрација, силите за спе­цијални операции можат да се стават во теоретскиот спектар на војување. На едниот крај од спектарот е војната за уништување, каде што целта е раз­бивање и уништување на силите на не­пријателот, сè до неговото предавање и на другиот крај на спектарот е војната на односниот маневар каде што целта е да се искористи некој елемент на супериорност за експлоатација на уочена слабост кај непријателот, независно дали е тоа физичка, психолошка, техничка или организациска. Војувањето за уништување има висока цена и мал ризик, посебно за страната која поседува повеќе ресурси. Војувањето со односен маневар е со релативно ниска цена, но со висок ризик. Ова војување нуди можност за добивање на диспропорционални резултати во однос на вложените средства и со тоа отвора можност за победа на материјално послабата страна, но тоа, исто така, вклучува и можност за комплетна и брза загуба.
Размислувањето за специјалните операции како спротивно на војувањето за „уништување“ и како обид да се искористи слабоста на непријателот со високоспецијализирана сила е корисно. Тоа ја осветлува нивната стратегиска вредност, но исто така и нивниот висок ризик. Високиот разик не би требало да се разбере единствено како физичка опасност. Командо-операциите на силите за специјални опрации кои се ограничени со време и се потпираат на изненадување, тајност и храброст за да се постигне успех, одговараат на нивното карактеризирање како ризични. Но, задачите на силите за специјални операции како што се обука, цивилни односи, и психолошки операции кои ја користат предноста на вештините како „борец-дипломат“ можат да се изведуваат во неризична средина, како на пример министерство во некоја странска влада или полигон за обука. Овие задачи можат да имаат значителна политичка цена доколку не се спроведат правилно. Така, задачите на силите за специјални операции подобро се разбираат како „високоризични“ доколку се согледаат од аспект дека неуспехот на некоја тактичка задача може да има стратегиски последици.
Генерално, специјалните операции може да се окарактеризираат дека имаат висок ризик, но ризикот е помал кога тие се извршуваат од страна на силите за специјални операции наместо од страна на конвенционалните сили. Командо-веш­тините се многу посакувани кога треба да се неутрализира одредена цел со користење на човечко расудување на самото лице место. Во одредени околности, ова разграничување на способностите прави огромна разлика. Исто така, силите за специјални операции можат да употребат несмртоносна сила при следење и заробување на личности, или да обезбедат важна информација или ресурс кои би биле незапазени или уништени со оружјето за голем дострел или од страна на конвенционалните сили.
Задачите кои изискуваат соработка на силите за специјални операции со странски сили и/или психолошка и политичка изолација на непријателот, како замена за физички напад, исто така придонесуваат за јаките страни на силите за специјални операции. На пример, мал број на припадници на силите за специјални операции биле способни да им помогнат на властите за елиминирање на дилерите со дрога во странски земји. Цената за советување и водење на странски сили е релативно ниска. Уште поважно, работењето преку локални сили може да биде единствениот начин за решавање на проблемот како што е бунтовништвото или тероризмот. Силите за специјални операции можат да соберат разузнавачки информации за бунтовниците, терористите или други непријатели со нивното присуство и откривање на локалните сознанија добиени и споделени од страна на локалните сили кои имаат доверба и се почитувани.
Кога специјалните сили се успешни, тие често создаваат стратегиски ефекти со ниска политичка цена, што е секогаш корисно и посакувано, но и императив, како што е тоа во случајот на нерегуларното војување. Експертите, исто така, истакнуваат дека за стратегиската вредност на силите за специјални операции придонесува и способноста за кревање на јавниот морал или за убедување на јавноста дека се користени мерки кои ќе го намалат политичкиот притисок за преземање на понепрактични варијанти за дејство. Силите за специјални операции можат да прикажат воена способност на начин кој го понижува непријателот и ги охрабрува сопствените сили, и нивните тактики на прикриеност можат да ги минимизираат шансите за непосакувана ескалација на конфликтот. Со други зборови, теоретски, силите за специјални операции можат да создадат обратнопропорционални вредности со контролирање на воените и политичките цени, (домашните и меѓународните) преку активности на мали единици кои создаваат различни ефекти, на начин на кој конвенционалните сили тоа не го можат.
Сепак, во случајот на односен маневар, специјалните операции можат исто така да бидат катастрофално неуспешни доколку слабостите на непријателските сили се погрешно проценети. Командо-препадите кои не постигнуваат изненадување, психолошките операции кои ги разгоруваат чувствата наместо да го придобијат јавното мислење и задачите за обука кои изгледаат дека го санкционираат однесувањето на локалните странски сили наместо да бидат обучени, се примери за можни неуспеси на силите за специјални операции. Потенцијалот за вакви неуспеси објаснува зошто тие што преферираат низок ризик вроден во војувањето за уништување во принцип не ги посакуваат силите за специјални операции, и зошто секој лидер кој има намера да ги користи овие сили мора внимателно да ја процени заканата со која се соочува и најдобриот начин на користење на силите за специјални операции во стратегијата за справување со таа закана.
Стратегиската вредност на силите за силите за специјални операции не е само во функција на нивните различни вештини, но исто така е и прашање на безбедносниот предизвик и која стратегија се користи против него. Така на пример, Боерсите знаеле дека не можат да им се спротивстават рамноправно на конвенционалните сили, па тие на почетокот користеле операции на мали единици за напад со цел да се справат на предноста која ја имале надмоќните британски конвенционални сили. Кога Британците вовеле повеќекратно поголема конвенционална сила Боерсите сè повеќе користеле герилски операции со кои ја зголемиле поддршката на локалното население. Стратегиската вредност на Боерсите не била само во функција на нивните вештини, туку се развила при справувањето со нивниот безбедносен предизвик и стратегијата која тие ја одбрале.
Кога се зема предвид улогата на силите за специјални операции во склоп на посакувана стратегија, треба да се разберат не само вештините, но исто така и предностите и слабостите од употребата на силите за специјални операции, директно или индиректно, и како водечки сили наспроти силите за поддршка.

Атанас Пановски

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail