СВЕШТЕНИЧКА СЛУЖБА ВО ВООРУЖЕНИТЕ СИЛИ – ПОТРЕБА, ОПРАВДАНОСТ И ПРАВНА РЕГУЛИРАНОСТ

svestenicka sluzba

ИСТОРИСКИТЕ ЗАПИСИ ЗА ПОЧЕТОЦИТЕ НА ЧОВЕКОВАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА УКАЖУВААТ НА ЗАЕМНИОТ ОДНОС НА РЕЛИГИЈАТА И ВОЈСКАТА. ИАКО РЕЛИГИЈАТА И ВООРУЖЕНИТЕ СИЛИ (ВС) СЕ РАЗВИВАЛЕ КАКО ОДДЕЛНИ ПОЈАВИ, НИВНАТА ПОВРЗАНОСТ НАСТАНУВА КОГА ОДРЕДЕНИ ВОЕНИ ФАЗИ ДОБИВААТ РИТУАЛЕН ЕЛЕМЕНТ

Соодносот на армијата и религијата е евидентен уште од најрано документираните историски периоди, каде регулацијата зависела од потребите на владетелите. Во документ од IX век кој се чува во Ватиканската библиотека, има детали за односот и должностите на свештените лица во армиите. Трансформацијата на феудални армии во организирани вооружени формации, влијае и на организирањето на свештеничката служба во нив. Во XVI век, грофот Александар Фарензе од Парма, воведува детален систем за свештеничка служба во шпанската армија.
Денес, односот на религијата со ВС се регулира во зависност од начинот што го одбира државата, а покрај воените регулативи, се содржат и уставни интерпретации, законски регулативи, правилници и сл. Во основа, делот што го уредува односот меѓу ВС и религиските заедници се содржи во Законот за одбрана, односно Законот за вооружени сили, каде, се даваат детали за односот на ВС со религијата.
Најголемиот број држави во светот имаат прецизно дефиниран однос на своите ВС со доминантните религиски заедници, што овозможува практикување на конфесионалната определба на армиските припадници.
Вграденоста на свештеничката служба во ВС, во основа има легитимитет од Уставот и важечката законска регулатива на државата. Постојат различни приоди кон ова прашање, а примери се државите со професионални армии, како и оние каде служењето на воениот рок претставува редовна граѓанска обврска. Покрај приодот, различен е и концептот според кој свештеничките служби се дел од одбранбено-армиската структура. Додека во едни земји (СР Германија, Словачка, БиХ итн.), службата е вградена како дел од организациско-формациската структура, во други (Австрија, Унгарија, Италија итн.) службите се засебен дел на армиските единици. Регулирањето на свештеничката служба во ВС подразбира да се земат предвид воената традиција, но и актуелните политички, социјални и културни состојби во општеството. Особено интересен е примерот на регулирана свештеничка служба во армии кои во својот состав имаат припадници од повеќе конфесионални групи. Истовремено, треба да се напомене и дека кога станува збор за воените свештеници, регулативите од најголемиот број армии во светот им забрануваат носење или ракување со оружје, дури и кога се присутни на борбеното поле. Од друга страна, пак, тие треба да исполнат одредени дополнителни критериуми кои не се задолжителни за свештениците што служат во цивилниот дел од општеството.

ИСКУСТВАТА НА САД
Составот на ВС во САД е со професионален кадар, поделен на регуларни сили и резерва во основните армиски видови: Копнени сили (Army Forces) Воздухопловни сили (Air Forces) и Морнарица (Navy). Воедно вооружените сили на САД ги сочинуваат и двата посебни видови: Маринци (Marine corps), наменети за борба на копно и море, како и Крајбрежната стража (Coast Guard), задолжена за гранична контрола во домашните води. Покрај овие, во копнените и воздухопловните сили по потреба се вклучуваат и припадници на Националната гарда. Врховен командант е претседателот на САД, одговорен за конечното одлучување, а секретарот за одбрана е надлежен за сите видови (освен за Крајбрежната стража). Со приближно 1.400.000 активни армиски припадници, армијата на САД важи за една од најмоќните армии во светот.
Како и во општеството и во ВС на САД има дисперзитет од раси, култури и конфесии. Она што ги обединува сите припадници е униформата и лојалноста кон државата. Традицијата за свештеничка служба во ВС на САД е долга колку и формирањето на првите регуларни единици, а офи­цијализирањето на духовната поткрепа во копнените сили и морнарицата датира од 1775 година, додека во воздухопловните сили дури од 1949 година. Основата за свештеничка служба во ВС е во првиот амандман од Уставот на САД, кој овозможува слобода за религиско изразување на секој поединец, без право на владата да влијае или да ја попречува таквата слобода. Ваквата основа придонесува во ВС на САД да се овозможи практикување и на одредени традиционални специфичности. Како пример може да се наведе дека во 2009 година, на офицер на армијата на САД за прв пат му е дозволено практикување на традиционалните особености на припадниците на Сики-религијата, што подразбира нестрижење на косата, небричење и носење турбан. Накратко, во ВС на САД постојат серија регулативи и инструкции кои го определуваат практикувањето на религијата, каде: „се утврдува политиката, се делегираат надлежните авторитети и се определува одговорноста“ во согласност со прописите на МО. Ваквата определба дозволува практицирање на религиите во ВС, а командантите на единиците имаат обврска да овозможат религиска слобода на армиските припадници, секогаш кога таа нема негативно влијание врз подготвеноста на армискиот персонал, компактноста на единицата, армискиот стандард и дисциплина и кога не го попречува извршувањето на воени акции.

СВЕШТЕНИЧКАТА СЛУЖБА ВО ВООРУЖЕНИТЕ СИЛИ НА РУСИЈА
Свештеничката служба во руските ВС се воведува во 1716 година со указ на императорот Петар I Велики, кој наложува секој армиски полк да има воен духовник. По три години ова правило било воведено и во воената морнарица, а истото се напушта од 1922 до 1992 година, поради идеолошката индоктринација.
Во периодот од 1991 до 1993 година се зголемува интересот за враќање на религијата во армијата, и по анкетата во 1993 година, добиени се следниве резултати: 5% од припадниците на ВС се изјасниле како активни верници, кај 22% постоело религиозно уверување, колебливи биле 33%, против религијата биле 24% а атеисти 5% од ВС. Резултатите поттикнале потпишување изјава за соработка меѓу Руската православана црква (РПЦ) и Руската војска во 1994 година, а во 1997 година бил потпишан договор за соработка меѓу РПЦ и Министерството за одбрана.
Во моментов, во ВС на Русија има воспоставено одделна военосвештеничка служба, каде свештениците се ангажирани со договор на дело, носат воена униформа без ознаки и чинови, а се финансирани од буџетот на МО. Моментално, на ваков начин се ангажирани 80 православни, 2 муслимански и еден будистички свештеник, што според бројноста на армијата се смета за недоволно. Конечен став за правно регулирање на свештеничката служба во ВС на Русија се очекува од МО.

ИСКУСТВАТА НА СР ГЕРМАНИЈА
Уставот на СР Германија, каде од вкупното население 52% се изјаснува за просечно религиозно, додека 18% се смета за многу религиозно, не ја одредува државата како секуларна, туку Уставниот суд ја толкува неутралноста на државата по тоа прашање. Што се однесува до воената свештеничка служба, во рамките на Бундесверот, таа е застапена од двете најголеми религии (католичката и протестантската, кои имаат приближно по 34% од религиозно определените) и регулирана во согласност со усогласени договори меѓу двете страни. Договорот со католичката црква се заснова на конкордатот меѓу светата столица и германската држава од 1933 г. (подоцна надополнуван), а договорот со протестантската капеланска служба датира од 1957 година. Во основа и двете служби се независно организациско подрачје во Бундесверот, раководени од највисоко рангираните воени свештеници (Militärgeneralvikar за католиците и Militärgeneraldekan за протестатните), потчинети на министерот за одбрана.

СОСТОЈБИТЕ ВО ОКРУЖУВАЊЕТО
Интересен и за овие простори уникатен пример претставува регулирањето свештеничка служба во ВС на Босна и Херцеговина (БиХ), како држава која според Уставот е сочинета од два етнитети (федерацијата БиХ и Република Српска). Според официјални податоци на Федералниот завод за статистика, со пописот од октомври 2013 година, во БиХ се регистрирани 3.791.622 жители. Од нив, како муслимани се изјаснуваат 40%, православни 31%, како католици 15%, додека 14% имат атеистичко или поинакво религиско убедување. Во состав на МО и ВС на БиХ функционира троделна свештеничка служба поделена во: канцеларија (уред) на военото муфтијство и канцеларии за православна и католичка духовна поткрепа. Според структурата уредите се непосредно потчинети на министерот за одбрана. Со реформите во одбранбениот систем од 2006 година (согласно меѓународните препораки), формирана е единствена свеш­теничка служба чија активност е регулирана со Правилник за функционирање на свештеничката служба во МО и ВС на БиХ. Свештеничката служба во МО на БиХ брои по тројца верски верски претставници за секоја канцеларија одделно, како и по 9 припадници од католичка и пра­вославна конфесија за христијанските и 14 припадници за муслиманските верници, соодветно распоредени во единиците на ВС на БиХ.

СВЕШТЕНИЧКА СЛУЖБА ВО МО И АРМ
Во Република Македонија засега не постои законска регулатива која го дефинира односот меѓу религијата и армијата. Уставот ја гарантира слободата на вероисповед, односно јавното поединечно или групно изразување на религиската припадност. Со истата одредба се нагласува и дека сите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и еднакви пред законот.
Најзастапени религии во Република Ма­кедонија се православното хрис­ти­јан­ство и исламот. Според официјалните податоци од последниот целосно спроведен попис во Република Македонија, како правиславни христијани се изјасниле 1.310.184 од вкупно 2.022.547 жители, што е приближно 65% од вкупното население, за муслимани се изјасниле 674.015 жители, односно приближно 33%, како католици се изјасниле 7.008, или 0.34%, додека за протестанти се изјасниле 520 граѓани. Бројот евидентирани граѓани, кои се изјасниле како припадници на други религии или атеисти, изнесува 30.820 лица, или приближно 1.5% од вкупното население.
Во согласност со проектираната национална стратегија, Армијата на Република Македонија (АРМ) има одобрена бројна состојба од 8.133 активен воен персонал со одржување на минимална пополнетост од 90% (7.320 припадници). Воедно, армиската пополнетост во јуни 2012 година била 6.952 лица, (85.5% пополнетост), додека пополнетоста во МО во истиот период изнесувала 976 лица,од кои 197 армиски персонал (Бела книга на одбраната; Скопје, 2012; стр. 36-49).
Во моментов нема релевантни податоци за процентот на религиозната ориентација во составот на активните припадници на АРМ.
Воведувањето на свештеничката служба во вооружените сили сè уште е нормативно неуредена област. Иницирачките обиди на овој план, како практика во речиси сите армии-членки на НАТО, немаат конкретна завршница. Имено, учеството на официјални верски и одбранбено-армиски претставници на семинари, кои во организација на Алијансата обработувале теми токму од оваа област, не довеле до натамошен развој на планираниот проект, иако според процените, согледаните искуства би можеле да бидат имплементирани. Воедно, во 1999 година, на годишната средба на воените свештеници одржана во Виена, Австрија, присуствувале и тројца претставници од двете најбројни верски заедници во Република Македонија. Сепак, потребно е да се нагласи дека конкретни заложби за регулирање на нормативната рамка од оваа сфера, меѓу др­жавните институции и вер­ските заедници нема. Со тоа, во моментов, за разлика од останатите републики во некогашната СФРЈ, едниствено Република Македонија и Црна Гора немаат регулирани односи меѓу ВС и верските заедници. Во тек е истражување со цел да се утврди расположението на активниот армиски состав за воведување свештеничка служба во МО и АРМ. Секако, конечниот став по ова прашање треба да го заземат надлежните воено-политички авторитети и лидерите на најголемите верски заедници.

д-р Горан Василевски

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail