СВЕДОШТВА ЗА ДОЛГОВЕКОВНАТА БОРБЕНА ИСТОРИЈА

DSC_2399ИНТЕРВЈУ СО Д-Р АЛЕКСАНДАР СТОЈЧЕВ, ДИРЕКТОР НА ВОЕНИОТ МУЗЕЈ

Вие сте директор на Воениот музеј на Република Македонија, што значи да се биде раководител на оваа институција и колку е значајна воената историја во рамките на националната историја на еден народ?

– Особена гордост и привилегија е да се раководи со национален Воен музеј, особено ако се земе предвид фактот дека овој вид институција речиси во сите држави каде постои, е една од првите институции која државите ја формирале по извојувањето на слободата и на независноста за да го прикажат со факти својот борбен пат до државноста. Оттаму, значењето на воената историја на еден народ е круцијално и честопати доминантно во однос на други теми од националната историја речиси кај сите народи во светот. Кога станува збор за македонскиот народ, кој повеќе од 28 векови е присутен на светска историска сцена како државотворен народ кој во различни периоди заедно со припадници на други народи создава силни држави на овие простори и пошироко, а во современа смисла ја живее самостојноста и сувереноста на Република Македонија релативно краток период од 25 години, јасно е дека е голем предизвик да се раководи со колекционирање и научно аргументирано претставување во јавноста на колку што е можно повеќе сведоштва за долговековната заедничка борба на сите граѓани на Република Македонија за создавање на суверена и независна држава.

Кога е формиран Воениот музеј на Република Македонија и како?
– Воениот музеј на Република Македонија е формиран и свечено отворен на 2 август Илинден во 2006 година. Во 2016 година го славиме десетгодишниот јубилеј од формирањето на Воениот музеј. Проектот за формирање на Воениот музеј го изработи полковник проф. д-р Ванче Стојчев со тимот од претставници на Министерството за одбрана, Армијата на Република Македонија и Министерството за култура, по што Владата на Република Македонија донесе одлука за прв пат во историјата да се формира Воен музеј на Република Македонија. Процесот на изработка на проектот започна во 2005 година и подразбираше определување и опремување на соодветен објект и надворешен простор за потребите на Воениот музеј, а пред сè создавање на основен фонд на музејски експонати и стручен кадар за потребите на музејот. Научните истражувања и откритија кои се реализирани во рамките на предметот Воена историја на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ беа најдобра поткрепа за научната аргументација и оправданост за формирање на институцијата Воен музеј, а основниот фонд на музејски експонати го сочинуваа старото оружје и воена опрема од гарнизоните на АРМ и оставината на Генералот Михаило Апостолски донирана на Министерството за одбрана. По отворањето на Воениот музеј се зголеми и бројот на донации на вредни военоисториски експонати кои граѓаните на Македонија безусловно ги подарија на Министерството за одбрана и денес се дел од збирките на Воениот музеј.

Воениот музеј е организациона единица на Министерството за одбрана на Република Македонија, каде е лоциран и зошто токму таму?
– Како и секаде во светот и во нашата држава националниот Воен музеј е организационен дел од Министерството за одбрана. Кога го формиравме Воениот музеј во 2006 година тој беше сместен во касарната „Гоце Делчев“ во Општина Аеродром. Имајќи предвид дека од 2008 година започна грандиозен национален проект за збогатување на културно-историските содржини во центарот на градот Скопје, Владата на Република Македонија донесе одлука и Воениот музеј да се лоцира во централно градско подрачје, поточно во близина на Скопската тврдина Кале поради автентичноста на Калето како одбранбен објект кој изобилува со воена историја и поради близината и поврзаноста со другите културно-историски институции преку патека која започнува од Музејот на град Скопје, Домот на АРМ, Музејот на Мајка Тереза преку Порта Македонија и двата плоштада поврзани со Камениот мост каде централно место заземаат споменици на најголемите војсководачи од Македонија Филип и Александар Македонски окружени со споменици на плејада борци за слобода на Македонија, Археолошкиот музеј на Македонија, Архивот на Македонија, Музејот на Македонската борба за државност и независност, Музејот на Холокаустот, Старата чаршија, Чифте амам, Музејот на Гоце Делчев, Музејот на Македонија, и преку Калето завршува кај Музејот на Современа уметност. Местото на Воениот музеј е токму тука каде што се наоѓа денес каде што е и најголема концентрација на туристи и посетители, односно во заеднички објект со Музејот на Македонија и со Републички завод за заштита на спомениците на културата во близина на Скопската тврдина Кале во старата скопска чаршија.

Која е основната мисија на Воениот музеј и како се реализира?
– Основната мисија на Воениот музеј е изучување и презентација на воената историја на македонскиот народ и на Македонија со посебен акцент на историјата на Армијата на Република Македонија. Воениот музеј собира, истражува, конзервира, чува и презентира материјално и духовно културно наследство од областа на воената историја од праисторијата до денес. Приоритетно работиме на собирање на музејски материјал, кој по процесот на обработка станува музејски експонат и трајно културно богатсво на државата. Најчесто се работи за парчиња старо оружје и воена опрема, но и вредни документи, воени карти и други записи кои ги собираме преку донации, размена и во соработка со правни и физички лица од Македонија и од странство. Секојдневниот живот во единиците на АРМ и исполнувањето на задачите во земјата и во мисиите надвор од Македонија се посебен интерес на Воениот музеј, а материјалите и сведоштвата собрани од АРМ претставуваат своевиден ексклузивитет во однос на другите национални музејски институции во Македонија.

Кажете ни нешто поконкретно за музејските поставки во Воениот музеј?
– Во моментот во Воениот музеј е поставена постојана поставка во рамките на Спомен-собата на генералот Михаило Апостолски во која се изложени личните предмети, документи, мебелот, библиотеката, видео материјали, писмата и другите сведоштва за првиот генерал во современата историја на Македонија и командант на Главниот штаб на Македонската војска во Втората светска војна. Исто така, посетителите можат да ја видат времената поставка „Македонско-американските односи низ историјата“ која е прва таква изложба досега направена од институциите во Македонија на оваа тема. Се работи за заеднички проект на Министерството за одбрана со Амбасадата на САД во Република Македонија и бројни институции и поединци од Република Македонија и САД. Во тек е завршна фаза на реализирање на постојана поставка во ентериерот на Воениот музеј, а исто така и реализација на најексклузивната изложба „Музејската поставка на Воениот музеј на отворено под Скопската тврдина Кале“. Владата на Република Македонија определи локација на тревнета површина пред влезот во скопската тврдина Кале, на која ќе се организира поставка на отворено каде ќе бидат изложени ексклузивни парчиња артилериски орудија, оклопни борбени возила и други содржини кои ќе бидат вистинско изненадување и атракција за посетителите.

Според Вас, кое е најзначајното откритие во рамките на воената историја на Република Македонија за кое имаме материјално сведоштво во вид на експонат.
– Најголемото откритие во воената историја и воената музеологија кај нас е секако откривањето на Црешовото топче од Крушевскиот арсенал од времето на Илинденското востание 1903 година, кое беше откриено во Воениот музеј во Истанбул во 1997 година од страна на професорот Ванче Стојчев. Тоа е несомнено најголемо откритие и од аспект на потврдување на автентичноста на македонската борба за самостојност и државност во една странска држава. Република Турција со сертификат има потврдено дека црешовото топче кое денес се наоѓа во Воениот музеј во Истанбул е експонат на македонските востаници од Илинденското востание 1903 година. Истражувањата на воените архиви и музеи во Република Турција беа овозможени по потпишувањето на Протоколот за соработка во областа на воената историја, воените архиви, воената музеологија и воените публикации, помеѓу Генералштабот на АРМ и Генералштабот на Република Турција потпишан во Скопје во 1997 година. Извонредните односи меѓу двете држави и армии овозможија за време на прославата на стогодишнината од Илинденското востание во 2003 година експонатот Црешово топче од Истанбул да биде времено донесено и изложено во Скопје и во Крушево. За експонатот Црешово топче е снимен и документарен филм во Истанбул и во Крушево во продукција на Македонската радиотелевизија со поддршка на Министерството за одбрана.

Воениот музеј беше вклучен во реализација на повеќе проекти во земјата и во странство, посочете на некои од овие активности?
– Воениот музеј е постојано активен на домашен и на меѓународен план. Природата на работата е таква што бара постојаност и будност, а динамиката на работењето ја наметнува и фактот што во нашата национална историја имаме изобилство на личности и настани кои се малку познати или непознати во јавноста. Особено е важно да се презентира воената историја на Македонија и нашата работа надвор од границите на Македонија. Заедно со колегите од Воениот музеј се обидуваме да направиме најдобра селекција на теми кои ги преточуваме во изложби и едукативни настани, а секако го следиме и она што се случува на меѓународен план и даваме предлози и прифаќаме барања од партнерските институции од Македонија и од странство за реализација на заеднички проекти. Воениот музеј даде особен придонес во реализација на проектот за формирање на Музејот на македонската борба за државност и самостојност со стручна поддршка и збогатување на дел од изложбените поставки во музејот, а започнавме и проект за изложување на вредни военоисториски артефакти во општините низ Македонија. Во паркот на Општина Аеродром во Ново Лисиче е изложен експонат на Воениот музеј – стар американски воздухоплов „Локид Т-33“. Во Битола на местото пред поранешна касарна на АРМ се изложени стар тенк и стари артилериски орудија. Во тек се подготовки за изложување на експонати во Општина Охрид, Општина Штип и Општина Дојран. Еден од поважните меѓународни проекти се реализира на крајот на минатата година каде заедно со Државниот архив на Република Македонија учествувавме во организирање на музејска поставка на тема „Македонија и Првата светска војна“ во Воениот музеј на Шведска во Стокхолм. Особено значајно од аспект на меѓународна соработка беше потпишување на Меморандум за соработка со Воениот музеј на Кралството Шведска што ќе ни отвори врати за нови проекти и изложби на меѓународен план.

Дали имате соработка со слични институции во рамките на регионот и пошироко?
– Меѓународната соработка е особено важна за Воениот музеј. Со колегите од соседството сè уште немаме директна билатерална соработка во форма на потпишан договор или меморандум, но се среќаваме на меѓународни конференции и разменуваме искуства. Воениот музеј на Република Македонија во 2011 година стана членка на Меѓународната мрежа на музеите за мирот со седиште во Хаг и ние сме единствена институција од Балканот која е членка на оваа респектабилна мрежа каде споделуваме идеи и активности за поддршка на мирот. Во 2011 година во соработка со Нобеловиот мировен центар од Осло направивме изложба „Нобеловците и АРМ за мирот“ и успеавме да ја донесеме во фондот на Воениот музеј дупликат Нобеловата диплома за мир што на Мајка Тереза I беше доделена во Осло во 1979 година. Особено сме активни во меѓународна соработка во рамките на одбележување на стогодишнина на настани од Првата светска војна каде исто така доминира испраќање на пораки за добрососедство и глобален мир. Учествувавме на повеќе конференции во Германија, Франција, Италија, Шведска и Турција а со планови сме да организираме меѓународна конференција и во Република Македонија.

Вие сте професор од областа на воената историја на неколку високообразовни институции во земјата, колку е значајно да се едуцираат младите кадри за воената историја?
– Универзитетите во Република Македонија во своите програми сè повеќе изучуваат предмети од областа на воената историја. Да се пренесува знаење за борбените формации и воената вештина и стратегијата на Филип и Александар Македонски, на царот Самоил, Гоце Делчев и Дамјан Груев е особено важно за младите кадри да ја апсолвираат и трајно негуваат придобивката која ја имаме денес, а тоа е независна држава чекор пред влегување во НАТО и држава која дава голем придонес во меѓународните мировни мисии. Да се живее сонот од идеалите на Гоце и Даме, слободна и независна Република Македонија, со постојано потсетување на илјадници жртви револуционери и борци за слободата на Македонија е најголема придобивка која сме должни да ја браниме и пренесуваме врз идните генерации.

Имате придонес и во публицистиката од оваа област, кои се вашите најзначајни дела?
– Капиталните дела се „Букурешкиот мировен договор и поделбата на Македонија во 1913 година“и „Македонскиот фронт 1915-1918 година“. Ова се капитални дела имајќи предвид дека се работи за најтрагични периоди и теми од историјата на македонскиот народ, а содржат бројни досега необјавени документи и исцрпни анализи од кои можат да се извлечат многу важни поуки за иднината.
Кои се плановите за наредниот период?
– На полето на науката го подготвувам второто издание на Воената историја на Македонија на македонски и на англиски јазик. Во Воениот музеј продолжуваме со исполнување на приоритетните задачи за збогатување на музејскиот фонд со нови експонати и средување на збирките во Воениот музеј. Исто така, активностите на Воениот музеј ќе бидат насочени кон организирање на музејски изложби, едукативни настани и конференции по повод одбележување на стогодишнина од настани од Првата светска војна во период во кои сме вклучени на национално и меѓународно ниво од 2014 година, а активностите на тоа поле ќе продолжат до 2018 година.

д-р Жанет Ристоска

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail