РАЗУРНУВАЊЕ НА ГРАДОТ ДОЈРАН

ВОЕНИ ОПЕРАЦИИ НА ДОЈРАНСКИТЕ ПОЗИЦИИ ВО ТЕКОТ НА ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА

Britanci dojranДојранските позиции на Македонскиот фронт 1915–1918 година претставуваат дел од севкупниот Македонски фронт, како што и тој претставува дел од Првата светска војна. Меѓутоа, според начинот на организацијата, распоредот на силите, учеството на армиите, ангажирањето на средствата, а особено според целите на борбените дејства, Дојранскиот фронт претставува единствена појава која се разликува од другите делови на Македонскиот фронт според многубројни специфичности.
На Дојранскиот правец на Македонскиот фронт во стратегиска дефанзива се наоѓале единиците на 9. пешадиска плевенска дивизија од Првата бугарска армија, засилена со два полка од германската 11. армија и со една бригада од 11. македонска дивизија. Вкупно, на Дојранскиот фронт, единиците на Централните сили располагале со околу 35.000 луѓе. Силите на Антантата кои биле во стратегиска офанзива, за борбите на овој простор ги одредиле 22., 26. и 60. британска дивизија и грчката критска дивизија. Вкупно, сојузничките сили напаѓале со околу 60.000 луѓе. Тоа значи дека на фронт во должина од околу 25 км во период од три години војувале речиси, во континуитет, околу 95.000 луѓе. Во тие борби сојузничките сили имале околу 11.500 загинати, а бугарските сили имале загуби од околу 7.000 загинати.
Дојранскиот фронт го опфаќа просторот од Дојранското Езеро до реката Вардар. Широчината на овој простор изнесува околу 25 км, а линијата на фронтот се протегала во тоа време долж српско-грчката граница воспоставена со Букурешкиот мировен договор од 10 август 1913 година. На овој простор во стратегиска дефанзива се наоѓале армиите на Централните сили, а во стратегиска офанзива армиите на земјите-членки на Антантата.
Реонот помеѓу левиот брег на реката Вардар и Дојранското Езеро кон исток, како и на југ до Арџанското Езеро е мошне ридест, со големи врвови и сртови. Реката Чинарли Дере го дели овој реон на два дела: западен со највисокиот врв Фурка висок 451 м и се протега од селото Фурка, по реката Фурка до реката Вардар. Највисоката точка на овој дел е 505 м надморско рамниште. Југоисточниот дел е ограничен меѓу реката Чинарли Дере и Дојранското Езеро со највисоките врвови Даб (593 м) и Кала-тепе (608 м). На врвот Даб, како највисоко место и со оглед на тактичките предиспозиции, било сместено командното место на бугарската 9. плевенска дивизија. На исток од врвот Даб до Дојранското Езеро се простира сртот Кала-тепе. Овој срт се спушта со благи падини и создава добри услови за одбрана на позициите од врвот Даб до Дојранското Езеро.

Офанзива на силите на Антантата на дојранските позиции во летото 1916 година
По долготрајни подготовки, силите на Антантата во летото 1916 година започнале силни офанзивни дејства против Централните сили на дојранските позиции. На тежиштето на нападот на сојузничките сили врз дојранските позиции била распоредена бугарската 2. бригада од Тракиската дивизија. Всушност, таа го бранела врвот Даб, односно Сртот П. според сигнализацијата на силите на Антантата, каде што било сместено командното место. Овој гребен ги пресекувал сите патишта од југ и од запад кон градот Дојран и претставувал најзначајна точка за одбрана на градот, особено делот меѓу селата Бујукли и Килиндер. Врвот Даб доминира на позицијата која се протегала од Дојранското Езеро до реката Вардар, а по фронтот до Арџанското Езеро. Главната позиција на одбраната на 2. тракиска бригада се протегала на линијата: врвот Караконџо, Цербера, Бастионот бр. 1, Бастионот бр. 3, врвот Кала-тепе (Голема Круна според сигнализацијата на силите на Антантата) – Виткини Височинки до езерото. Во овој период на борбите наспроти бугарските биле француските сили кои напаѓале од позициите по планинскиот гребен јужно од селото Владаја.
Втората тракиска бригада располагала со 28 германски и австриски тешки орудија и со 16 бугарски полски орудија, со 30 германски митралези и шест минофрлачи. Бригадата, во состав од 9. и 27. полк го зазела следниот распоред: на десниот дел од позициите бил 9. полк, со командант-полковник Христов, на левиот дел 27. полк, командант-полковник Рачев. Артилеријата, со командант-полковник Савов, била распоредена на погодно место за да може да даде поддршка и на главната и на предната позиција. Германската и австриската артилерија биле потчинети на германски офицери. Нејзиното содејство требало да се бара од германскиот офицер главен за артилеријата на дојранските позиции.
Борбените дејства на овие позиции започнале на 25 јули и траеле до 9 август 1916 година. Наспроти 2. бригада од Тракиската дивизија напаѓала 156. француска дивизија, западно од неа 122. француска дивизија, а на исток напаѓале британските сили. Во последните неколку месеци сојузниците постојано истоварале на позициите артилериски орудија и муниција, а повремено вршеле извидувања и пешадиски дејства. Авионските извидувања над бугарските позиции биле зачестени. Од странскиот печат се знаело дека генералот Сарај подготвува офанзива.
На 5 август од бугарската набљудувачница на врвот Даб се забележало засилено движење на возила зад грбот на француските предни позиции. Тој факт давал претпоставки дека противникот подготвува сериозни напади врз позициите на Дојран. Иако одбранбените позиции на бугарската војска сè уште не биле потполно уредени, војниците се пополниле со борбени комплети и така подготвени ги доуредувале позициите. Борбените дејства ги започнала француската артилерија на 9 август 1916 година. Артилериската огнена подготовка траела неколку дена. Се дејствувало по бугарските пешадиски и артилериски позиции. Линијата на знамињата, главната, предните и артилериските позиции на бугарската војска постојано биле под оган. Не постоел ниту еден метар место без некој кратер од артилериска граната. Многубројни војници загинале, а уште повеќе имало ранети. Француските артилериски позиции биле добро маскирани и тешко се откривале, па и дејствата врз нив биле неможни. Телефонските врски биле испрекинати, па се појавила потреба, без оглед на противничките дејства, телефонската линија да се вкопа длабоко под земјата. Тоа се платило со повеќе жртви, но телефонската врска била воспоставена. Линијата на знамињата веќе се повлекла до предните позиции. Артилерискиот оган бил најсилен на 9 август и траел цел ден, а приквечер артилеријата ги прекинала дејствата, но се развил пламен кој помогнат од ветерот силно се ширел. За кратко време горела целата шума, позициите биле во пламен. Бугарската артилерија не испукала ниту една граната, затоа што француската пешадија не се поместила, а артилеријата била добро маскирана.
Од дејствата во тој ден можело да се заклучи дека Французите имале цел да ги заземат предните дојрански позиции за да се доближат до главната позиција и да влезат во градот Дојран. Тоа, според бугарската команда, не смеело да се дозволи. Командантот на бригадата одлучил на предната позиција да ја испрати бригадната поддршка и да ја засили таа позиција со два баталјони. На 10 август 1916 година предната позиција, недоволно утврдена и со разурнати скривници, била заземена од 1. и 4. баталјон од Чипчанскиот полк. Истиот ден уште од утринските часови француската артилерија повторно почнала да дејствува. Бомбардирањето на предните позиции траело до 8 часот, а потоа се пренело врз артилериските позиции. Во тоа време два полка од француската колонијална дивизија се префрлиле кон к. 450. Тука биле нападнати со бугарски артилериски оган и биле отфрлени назад, а тие се скриле во Владајскиот Дол. Нешто подоцна, француската артилерија дејствувала врз позициите на бугарската артилерија. Тој артилериски двобој траел до 10,30 часот, кога настапило затишје. Од еден заробен француски војник бугарската команда дознала дека уште на 9 август француската 156. дивизија била заменета со 17. колонијална дивизија која била многу поборбена од претходната. Преку ноќта имало повремени истрели од двете страни.
На 11 август 1916 година француската артилерија ги започнала бомбардирањата од 06,00 часот. Целата околина се тресела, а од чадот и маглата ништо не се гледало. Околу 08,30 часот бомбардирањето било најсилно. Особено се дејствувало врз предната позиција и врвот Кала-тепе. Од тие дејства повторно избувнал пожар кој брзо се ширел по сувата трева. Тој ден немало други дејства. На исток од Дојранското Езеро две француски пешадиски чети го зазеле селото Боново. На запад од Дабовиот Гребен, односно Сртот П. до реката Вардар, француските единици не дејствувале.
Бугарската команда заклучила дека загубила голем број војници. Само од еден баталјон на предната позиција имало 20 загинати и 50 ранети војници. Затоа наредила на позициите да останат дежурни одделенија, набљудувач и по едно дежурно орудие од чета, а другите да влезат во скривниците. Тогаш се видело значењето на скривниците за одбранбените позиции. Покрај тоа, неопходно било на позициите да се стават тешки далекустрелни батерии кои ќе можат да се борат со француската 105-милиметарска батерија.
Во наредните денови артилериските дејства станале поретки. Бугарските единици ги доградувале разурнатите скривници и пречки на позициите и се очекувале повторни напади. Бугарската команда сметала дека задржувањето на Дојран е неопходно, па поради тоа донела одлука помеѓу предната позиција и градот Дојран да се утврди уште една позиција, и тоа на линијата од височинката Ловчанска до ридот Дојран.
Ноќта на 15 август 1916 година фран­цус­ката артилерија ги започнала бом­бар­дирањата. Дејствата ги започнала и бу­гарската артилерија. По едночасовната ар­тилериска борба, бугарските единици од линијата на знамињата биле приморани да се повлечат кон предната позиција. Во тие моменти во напад тргнала и француската пешадија кон предната позиција. Четири француски пешадиски баталјони околу 08,00 часот веќе се приближиле до жичените мрежи пред предните позиции. Тука биле пресретнати од силен артилериски оган на бугарските батерии. Пешадијата излегла од скривниците, па и таа дејствувала со митралези и пушки. Французите имале големи загуби и биле приморани да се повлечат.
Анализирајќи ја состојбата, командантот на 2. тракиска дивизија, генерал-мајорот Гешов, издал наредба да се засилат позициите со два баталјона и две полски резерви од армиската резерва. Со оглед дека лево и десно од овие позиции нигде немало дејства, станало јасно дека Французите сакаат да го заземат градот Дојран. Затоа упорно дејствувале по предните и главните позиции. Од тие причини, со новопристигнатите единици биле засилени предните позиции и артилериските батерии. Со оглед на упорноста и целите на противникот, бугарските единици се подготвиле и за ноќни дејства. Единиците биле обезбедени со сигнални, односно ракетни пиштоли и ракети и со силни рефлектори кои го осветлувале просторот пред позициите. Била издадена наредба никој да не ја напушти позицијата и дека од задржувањето на таа позиција зависела судбината на целата бугарска армија.
На 16 август 1916 година француските сили повторно уште од раните утрински часови отвориле силен артилериски оган по предните и главните бугарски позиции. Особено биле бомбардирани предните позиции. По артилериските дејства настапила пешадијата на 17. колонијална француска дивизија која зад себе како поддршка имала делови од британската војска. Со концентрични дејства и поддржувани од артилеријата, француските сили повторно стигнале до жичените мрежи на предните бугарски позиции и пак биле отфрлени. Меѓутоа, успеале да се задржат на околу 600 до 800 метри од предните позиции. Во наредните денови се воделе повремени артилериски и пешадиски борби. Имало и ноќни борбени дејства.
Со дејствата на 18 август 1916 година завршила летната офанзива на сојузничките сили против бугарските единици на дојранските позиции. Од страна на сојузничките сили во борбите на дојранските позиции биле ангажирани: 17. колонијална француска дивизија и 26. британска дивизија. Французите дејствувале на линијата од Дојранското Езеро до селото Должели, а британската од с. Должели до с. Крастали по Дабовиот Гребен, односно Сртот П. Бугарите во тие десетдневни августовски борби имале 1.416 загинати војници и големи материјални загуби.

Разурнување на градот Дојран во август 1916 година
Градот Дојран особено тешко ја доживеа првата летна офанзива на силите на Антантата на Македонскиот фронт. „Земјата татнеше, клокотеше и бучеше.. Позициите беа обилно опсипани од честите истрелани артилериски гранати. Немаше ниту еден квадратен метар неопсипан… Ридската месност, по експлодирањето на гранатите, претставуваше вулкан, кој исфрлаше парчиња од излиено железо и челик, од песок, камен прав и чад“. Поетот Петар Рамаданов, автор на стихотворбата „Дуб“, во своите забелешки запишал: „Имаше бурен ветер и огнената стихија беснееше цели четири дена… Куќите изгореа до темел. Целиот град беше претворен во едно огромно пепелиште… Изгоре и покривот на ‘божјото катче’ на големата соборна црква ‘Свети Илија’, од која остана да стрчат само голи ѕидови.“ И поетот Георги Касабов истакнал: „Небото беше вжарено, црвено како бакарна тепсија, фрлајќи одблесоци по околните врвови и чуки. Гореше Дојран… Запален беше од безбројно истреланите гранати од артилеријата на Антантата. Безбројните пожари ги движеа високо своите пламени јазици кои, како во рефрен повторуваа: Ние! Ние! Ние! Сега градот е наполно мртов.“
Кон крајот на 1916 година Дојран беше наполно разурнат и опустошен град. По примерот на градот Верден во североисточна Франција, многумина ја споредуваа судбината на Дојран со градот Верден нарекувајќи го „македонски и бугарски Верден“. Воениот уметник, сликарот Владимир Димитров-Мајсторот во своите бројни дела со воена тема пренесува дел од доживувањата на војниците во Македонија. Во описот на припадникот на бугарската армија Гео Милев е наведено: „Зданија со бела маска на запустеност! Еден мртов град мами со лажлива тишина и утешително спокојство. Спокојно е само езерото. Таму сега се лулкаат жолти овенати растенија со румени дамки. А, кога настапува ноќта, Беласица ги растура над езерото своите тажни сенки, кои ја носат во своите темни мантии миризбата на големите есенски шафрани и горски циклами “.
Македонскиот автор Константин Кајдамов, дојранчанец, во своето дело „Дојран низ вековите“ ги опишува настаните во Дојран за време на Првата светска војна врз база на истражувањето и разговорите со преживеани семејства базирани на спомени и кажува дека „градот и неговата околина беа претворени во гробишта, во пустош. Не остана ниту една куќа неразурната. Целиот град беше претворен во урнатини, во пепел. Изгоре и светото место, импозантната црква Св. Илија“.
Градот Дојран беше разурнат до темел. Во него останаа да сведочат преполовените ѕидови на саат-кулата, амамот, црквите „Свети Илија“ и „Света Богорoдица“ зградата на прогимназиското училиште, многубројните чешми – Табачка, Шехова, Настова, чешмата „Света Петка“, како и големите јаворови дрвја крај езерото и темелите од разурнатите куќи. Околните долови и шумовитите ритчиња во месностите Кала-тепе, Дуб, Деребаш, Дикили-таш и други го кријат ехото на ужасната борба, кога небото дење и ноќе се распукнуваше од „пеколното бревтање“ на многубројните топовски грла, од постојан артилериски оган, од татнежите и детонациите на бомбите и гранатите… Надалеку одекнуваше тажната воздишка на вознемиреното население, на градот-страдалник. Тажни беа и звуците на овчарските кавали кои, патем речено, влеваа надеж за повторно враќање на евакуираното население во родното огниште. Ветрот надалеку ги разнесуваше тажните кавалски звуци. Брановите на езерото, како во рефрен, ја повторуваа тажната мелодија при одбивањето од ѕидовите на разурнатиот град, повлекувајќи се назад кон езерото. И езерото чиниш ја оплакуваше својата несреќна судбина. Во тоа завојувано време, време на пустош и мачеништво, се чинеше оти плачат и околните ридови и планини…
д-р Александар Стојчев

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail