РАЗГЛЕДНИЦА ОД ВАРШАВА – МУЗЕЈОТ НА ПОЛСКАТА ВОЈСКА

Едно од оние места кои секој воен историчар и ентузијаст би требало да ги посети во својот живот е секако и Музејот на полската војска во Варшава, познат под своето оригинално име „Muzeum Wojska Polskiego“. Музејот е лоциран во централниот дел на главниот град на Полска, веднаш до западниот брег на реката Висла. Овој музеј е вториот по големина музеј во Варшава. Музејот на полската војска е основан на 22 април 1920 г. од страна на маршалот Јозеф Пјусудски, во тоа време лидер и врховен командант на полската војска. Денес, 93 години подоцна, Музејот на полската војска е дом на исклучително вредна музејска колекција која ја сочинуваат над 250.000 различни експонати кои им овозможуваат на посетителите да чекорат низ вековната воена историја на Полска. Во просториите на музејот може да се најдат од оклопи и мечеви на витези, преку орудија кои претставуваат пример за раната употреба на барутот, па сè до најсовремени борбени средства и системи произведени и користени во минатото столетие. Дворот на музејот кој е во фокусот на оваа разгледница претставува парк во кој се изложени неколку стотини различни оклопни возила, артилериски средства и воздухоплови, кои сите заедно претставуваат уникатна мешавина на советска, полска и западна воена техника која ефективно ја илустрира воената историја на Полска во текот на минатото столетие, поточно периодот од почетокот на Втората светска војна, па сè до последните денови на Варшавскиот пакт.

Игор Божиновски

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail