ПРОЛЕТНАТА ОФАНЗИВА 1944 ГОДИНА – ТАКТИЧКА И МАНЕВАРСКА СУПЕРИОРНОСТ НА ЕДИНИЦИТЕ НА НОВ И ПОЈ

Пролетната офанзива кај некои истражувачи ќе ја сретнеме и под алтернативното име Мајска офанзива, која се развиваше во рамките на 7. непријателска офанзива на територијата на Југославија. Офанзивата временски траеше од 25.4. до 20.6.1944 година, а борбените дејства главно се одвивале во Македонија и Јужна Србија. На целата територија на Македонија во рамките на пролетната офанзива се водеа жестоки борби, при што во источниот дел на Македонија беа ангажирани околу 45.000, а во западниот околу 25.000 непријателски војници и нивни помагачи.
Окупаторите, соочени со опасноста од проширување на слободната територија од југоисточна Србија кон југ во Кумановскиот регион, со што би ја изгубиле контролата над комуникациите низ Моравско-вардарската долина, пролетта 1944 година, го планирале изведувањето на пролетната офанзива со цел да се разбијат единиците на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија (НОВ и ПОМ) и единиците на Народноослободителната војска и партизанските одреди во југоисточниот дел на Србија (НОВ и ПОС) и да се обезбедат комуникациите на вардарско-моравскиот правец.
Според обемот и замислата на вое­ни­те дејства, Пролетната офанзива прет­ставува најголема воена операција што бугарските единици ја изведуваат на територијата на Македонија и јужна Србија во текот на првата половина на 1944 година, а нејзина главна цел била да се обезбеди слободен сообраќај на Германците од југ кон север по Моравско-вардарската долина.
Исто така, бугарската команда преку оваа офанзива се стремела да ја разбие значителната концентрација на силите на НОВ и ПОМ и НОВ и ПО на Србија, која се состоела од 5 НО бригади и 4 НО партизански одреди.
Истовремено, целта на Бугарите била да го фатат и да го ликвидираат воено-политичкото раководство на слободната територија на Врањско-кумановскиот регион и Црна Трава.
Вкупната сила на бугарскиог окупатор изнесувала околу 40.000 војници на јужното српско и македонско подрачје. Офанзивата започнала на 25 април 1944 година, со стегање на обрачот околу слободната територија на просторот Куманово — Крива Река — Црна Трава — Лужница.
Командантот на бугарските сили, генерал Бојдев, презел вонредни мерки иселувајки дел од населението, особено симпатизерите и соработници на народноослободителното движење.
Истовремено, Главниот штаб на НОВ и ПОМ и ГШ на НОВ и ПОС ја следат состојбата на теренот и ги координираат борбите дејства на своите единици на Козјачко-Црнотравскиот терен со тамошното српско воено-политичко раководство и единиците кои делувале на овој терен.
Во почетниот дел на офанзивата, единиците на НОВ и ПОМ како што се 3. македонска НО бригада, потоа Косовската НО бригада и 6. јужноморавска НО бригада и Црнотравскиот одред, водат повеќе тешки борби и се концентрираат во реонот на Црна Трава. Жестоки борби се водени: на ограноците на Осогово кај с. Саса и с. Лаки, потоа на патот Струмица-Берово, на планината Круша, кај Дојран, кај с. Костурино, на планините: Плачковица, Пониква, Султан Тепе, Чупино Брдо, Ретки Буки, Бабина Пољана и други места.
Бугарските сили не успеале да ги разбијат единиците на НОВ и ПОМ и НОВ и ПОС и наскоро Пролетната офанзива на бугарската армија прераснала во противофанзива на партизанските единици.
Според непотполни податоци, Бугарите во текот на борбата во источна Македонија и Јужна Србија имале околу 1.200 мртви и околу 500 заробени војници и офицери. По ова генералот Бојдев е сменет, а за привремен командант е поставен генерал Маринов, командант на 15. дивизија.
До кој степен не успеала бугарската Пролетна офанзива сведочи и извештајот на началникот на Скопската обласна полиција, кој во јуни 1944 година го известува директорот на полицијата во Софија дека војската, полицијата и жандармеријата не се повеќе во состојба да се пресметаат со единиците на НОВ и ПОМ на територијата Куманово — Владичин Хан и северно од патот Куманово-Крива Паланка, и дека партизаните се потполни господари во наведениот реон – се вели во извештајот.
Слична е состојбата во Кавадаречката, Прилепската и Гевгелиската околија. Неуспехот на бугарските сили влијаел и на разбивањето на четничките единици од страна на единиците на НОВ и ПО во рамките на борбите водени во текот на пролетната офанзива.
Кон крајот на април 1944 година, Првата македонско-косовска бригада, со дел од Главниот штаб, од Егејска Македонија се упатија кон Дебарца со задача: обновување на слободната територија од 1943 година. На овој пат, во мај 1944 година, бригадата водеше неколку успешни борби против бугарските единици од составот на 15. бугарска дивизија (Завој, Велмеј). Во борбите против бригадата во текот на мај стапуваа единици и од 297. германска гренадирска дивизија. По повеќе судири (Ботун, Пресека, Лазарополе, Галичник, Гари, Локов и други), беа потиснати окупаторските единици и беше обновена речиси целата слободна територија од 1943 година.
Офанзивата на Црвената армија на Источниот фронт и стратешката иницитива на Англоамериканците на југот од Европа придонеле за балканска ситуација на силите на германскиот Вермахт да биде до максимум отежната.
Во Македонија разбивањето на непријателската Пролетна офанзива, која тра­еше околу два месеци и во која учествуваа германски и бугарски единици, четнички и други квислиншки формации, имаше огромно значење за понатамошниот развој на НОАВМ, формирање и развој на нови воените единици на НОВ и ПОМ како подготвителна фаза за претстојните борби за конечно ослободување на Македонија.
После Пролетната офанзива окупаторските единици се повлекуваат во градовите и поголемите населени места, а иницијативата во Народноослободителната војна ја преземаат единиците на Македонската војска на чело со Главниот Штаб на НОВ и ПОМ, предводен од командантот, генерал Михајло Апостолски.
Резултатите од успешно изведените борбени дејства во Пролетната офанзива за НОВ и ПОМ биле големи: за кратко време бил ослободен градот Кратово, била обновена и проширена слободната територија во Западна Македонија, обезбедена е и проширена слободна територија во источниот дел од Македонија, а од непријателот било запленето големо количество оружје, муниција и друга опрема. Најголема придобивка од Пролетната офанзива било создавањето услови за одржување на Првото заседание на АСНОМ, чии подготовки веќе биле во тек.
Главните резултати на оваа офанзива едновремено ја карактеризираат воено-политичката ситуација, се гледаат во следното:
1. На окупаторските воени формации од составот на 5.тата бугарска армија и особено на најзините 17. и 29. дивизија, на 1. и 2. коњички полк и 1. армиски полк, им се зададени значителни воени удари и нанесени големи загуби.
2. Во текот на офанзивата и особено потоа, покрај поранешните слободни територии на Козјачкиот масив и на планината Кожув, беа проширени пос­то­ечките и создадени се нови слободни територии на Осогово, Плачковица, Огражден и проширена во Западниот дел на Македонија.
3. Окупаторските сили се присилени да се концентрираат во поголемите градови и за обезбедувањето на главните комуникациски правци во Македонија.
4. Македонското воено и политичко раководство покажа и докажа дека се спо­собни да водат успешно операции против многу побројни и далеку подобро вооружени и опремени окупаторски формации.
5. Обезбедени се поволни услови за свикување и одржување на Првото заседание на АСНОМ на 02.08.1944 г. во манастирот „Св. отец Прохор Пчињски“ во пазувите на Козјак Планина, североисточно од Куманово, каде се удрени темелите на современата македонска држава.
6. Командантите и командирите на единиците на НОВ и ПОМ во Пролетната офанзива се стекнаа со богато борбено искуство, неопходно за претстојните борби за ослободување на градовите и конечно ослободување на Македонија.

проф. д-р Марјан Димитријевски
генерал Борис Стојаноски

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail