ПРИЈАТЕЛСТВА ЗА ЦЕЛ ЖИВОТ

ИНТЕРВЈУ СО КЕРОЛАЈН БЕХТЕЛ, УЧЕСНИЧКА НА „ЛЕТНИОТ КАМПУС 2015“

DSC_7826НА 9 ЈУЛИ 2015 Г. БЕВМЕ ПОКАНЕТИ ДА ПРИСУСТВУВАМЕ НА ЗАВРШНАТА ВЕЖБА НА ОВОГОДИНЕШНИОТ „ЛЕТЕН КАМПУС“. ВЕЖБАТА СЕ ОДВИВАШЕ БЕСПРЕКОРНО, СПОРЕД ОДНАПРЕД ПЛАНИРАНО СЦЕНАРИО. ДЕЛ ОД СЦЕНАРИОТО БЕШЕ И ОРГАНИЗАЦИЈА НА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА ПО ПОВОД СЛУЧУВАЊАТА И СОСТОЈБИТЕ НА ТЕРЕНОТ. НА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈАТА ВЕДНАШ ЈА ЗАБЕЛЕЖАВМЕ МЛАДАТА КАДЕТКА  КЕРОЛАЈН БЕХТЕЛ, КОЈА ИМАШЕ УЛОГА НА КОМАНДИР НА МУЛТИНАЦИОНАЛНИОТ БАТАЛЈОН, ВО КОЈА ОДЛИЧНО СЕ СНАЈДЕ.  ВИСОКА И ВИТКА, СО  ПРЕУБАВА НАСМЕВКА И БИСЕРНО БЕЛИ ЗАБИ, ВЕДНАШ БЕШЕ ЗАБЕЛЕЖАНА И ОД ПРЕТСТАВНИЦИТЕ НА ДРУГИТЕ МЕДИУМИ КОИ ПРИСУСТВУВАА НА ДЕНОТ ЗА ВИСОКИ ГОСТИ НА КРИВОЛАК. ВЕДНАШ ПО ЗАВРШУВАЊЕТО НА ВЕЖБАТА ПОБРЗАВМЕ ДА ЈА ПРЕСРЕТНЕМЕ И ДА  ПОБАРАМЕ ИНТЕРВЈУ ЗА НАШИОТ МАГАЗИН. НАСМЕАНА И РАЗГОВОРЛИВА, НА СИТЕ ПРАШАЊА ОДГОВАРАШЕ КАКО „ОД ПУШКА“ И КАКО ДА НЕ ЧУВСТВУВАШЕ НИТУ МАЛКУ ЗАМОР ОД ВЕЖБАТА, ОД ПЕКОЛНИТЕ 40 И ПОВЕЌЕ СТЕПЕНИ ПОД ЖЕШКОТО СОНЦЕ НА КРИВОЛАК, А УШТЕ ПОМАЛКУ ТРЕМА ОД МНОГУТЕ НОВИНАРИ КОИ ЈА ОПКРУЖИЈА

 Која е и од каде доаѓа Керолајн Бехтел?
– На „Летниот кампус“ дојдов од Соединетите Американски Држави. Имам дваесет години и родена сум во Индијанополис во Сојузната Држава Индијана. Студирам на Wellsley–колеџот на Универзитетот во Масачусетс. Поточно, јас сум кадет на Одделот кој подготвува кадри за Армијата на САД (Army ROTC) на Институтот за технолологија во Масачусетс.

Како дознавте за Летниот кампус кој се одржува во Република Македонија и дали е ова Ваша прва посета на нашата држава?
– Ова е моја прва посета на Република Македонија. За летниот кампус дознав преку ROTC – летната програма на нашиот универзитет. Оваа програма е наречена и Програма за културнo разбирање и владеење на јазикот – CULP (Cultural Understanding and Language Proficiency). Со оваа програма им се овозможува престој на нашите кадети во друга земја, со цел да ги развиваат меѓукултурните вештини и добрите односи со питомците од други нации. Јас ја имав таа среќа да бидам упатена на Летниот кампус во Република Македонија, за кој нашата армија имаше резервирано слободни места и да се запознаам со прекрасни луѓе и кадети од повеќе земји.

Кои се Вашите првични впечатоци од земјата-домаќин и од организаторот на летниот кампус?
– Македонија е прекрасна, поточно фасцинантна земја. Охридското Езеро навистина е единствено по својата убавина и чистота, а сето тоа во комбинација со долговековната богата историја, не само на Охрид туку и на другите делови од земјата, навистина ме воодушеви и ми остави силен впечаток. А, за сето тоа да го дознаеме и доживееме на најубав можен начин се погрижија организаторите на „Летниот кампус“. Ќе го споменам потполковникот Никола Клетников, кој навистина беше секаде присутен, и при организацијата на вежбите и предавањата, но и при организацијата на спортските настани, културните прошетки и вечерните забави, за кои иако изморени, сепак наоѓавме време. Впрочем, и сите други од организацијата секогаш имаа време и разбирање за сите нас и за нашите потреби. За извонредно да се организира еден ваков голем настан, со голем број учесници од различни земји, е навистина голем предизвик. Морам да повторам дека навистина организацијата беше беспрекорна.

Како се чувствуваш кога работиш во мултинационална средина?
– Ова навистина е мое прво искуство од ваков вид, односно престој и работа со кадети и воени лица од различни земји и нации. Можам да кажам дека чувството е навистина посебно. Интересно е да се види како се имплементираат стандардните оперативни процедури (SOP) кои се различни во различни земји, но и како ние кадетите од најразлични нации споделуваме заеднички вредности и доблести како што се дисциплината, амбициите и патриотизмот како највисока морална доблест. Оваа дихотомија во однос на стандардните оперативни процедури се покажа за време на вежбите со навигација на теренот, бидејќи различни земји имаат различни стратегии за навигација. Но, сепак, откако убаво беше испланирана задачата и беа усогласени разликите, нашиот тим од високомотивирани кадети од мешовит национален состав веднаш се снајде на теренот.

Какво е твоето мислење за жените во армијата?
– Пред да одговорам на ова прашање морам да напоменам дека јас сè уште сум питомец и не го имам потребното искуство како припадник на армијата за да можам да правам анализи и компарации во однос на овие прашања. Сепак, имам голема желба и сериозна посветеност да станам дел од армиските структури. За мене не постои разлика во однос на машки и женски професии и слично. Ние сите заедно, и момците и девојките, тренираме и учиме како да ги застапуваме националните интереси и да  служиме на татковината. Сите ние сме војници и ја работиме нашата работа. Работата во армијата ме исполнува целосно. Се здобивам со целосна психофизичка подготвеност. Преку вежбите и тренингот не ги зајакнувам само моите физички капацитети, туку станувам и емоционално и ментално силна и подготвена за сите задачи. Кога тренираме и се подготвуваме за претстојните предизвици ние не сме ниту девојки ниту момчиња, ние едноставно сме војници кои ја извршуваат задачата. Јас така го доживувам феминизмот – еднаквоста во сите работи помеѓу мажите и жените.

Дали тука на кампусот, со оглед дека и немаше многу учеснички, се чувствувате можеби привилегирано како учесничка од женски пол?
– Воопшто не почувствував дека ме третираат поинаку бидејќи сум припадничка од женски пол. На сите ни беа дадени подеднакви можности и задачи кои требаше да ги исполниме. Моите другари од Соединетите Американски Држави дури забележуваа дека некои од кадетките се многу подобри во резултатите од нивните другари. На пример, Тања од Босна ги импресионираше сите со своите вештини во прецизно пукање на далечина. Иако бевме помалобројни од мажите, нашето присуство беше забележливо. Во секоја од зададените задачи беше вклучена и по некоја од припадничка од понежниот пол. Така е во армијата, сите сме другари и заеднички го споделуваме и доброто и лошото.

Дали си задоволна од медиа-тренингот кој беше организиран во рамките на кампусот и кое е твоето мислење за значењето на информирањето и односите со јавноста во армијата?
– Медиа-тренингот беше добро изведен и испланиран. Многу научив во однос на теоријата на комуникацијата, но навистина уживав совладувајќи ги сите вештини на практичен начин со изведување на добро осмислени вежби на кои совладувавме најразлични вештини и способности за правилно информирање на јавноста, за пишување соопштение, за организирање на прес-конференција, за однесување пред медиумите и слично.
Сметам дека обуката за правилно организирање на односите со јавноста во рамките на една воена организација е мошне значајна. Да се биде правилно обучен за оваа значајна дејност е навистина придобивка за армијата, како и за општеството во целост. Правилно обучени лица за односи со јавноста во рамките на армиите ја олеснуваат комуникацијата помеѓу армијата и јавноста, што е многу значајно затоа што јавноста мора да изгради добри релации со армијата како институција и правилно да ги разбере сите нејзини дејности и активности при определени настани и ситуации. Јавноста мора да има доверба во институциите кои ги заштитуваат и ги бранат националните интереси, а улогата на овие лица е да помогнат во градењето на таа доверба.

Каде се гледаш професионално себеси во иднина?
– Се гледам себеси како офицер на Ар­мијата на Соединетите Американски Држави, и тоа конкретно во областа на военото разузнавање. Целиот свој живот се замислував себеси како работам во служба на народот. Навистина сакам да работам работа за која сметам дека ќе придонесе за доброто на сите и ќе придонесува за напредокот на општеството.

Имаш ли намера повторно да ја посетиш нашата земја, професионално или приватно?
– Апсолутно сум сигурна дека повторно ќе ја посетам Република Македонија. Сакам да дојдам професионално, но и приватно.
Тука, на овој „Летен кампус 2015“, јас си поминав навистина прекрасно. Освен што се здобив со нови знаења од областа на војничката обука и слушнав мошне поучни предавања, стекнав и пријателства кои се надевам ќе бидат трајни – пријателства за цел живот.
Секоја прилика што ќе ми се даде ќе ја искористам за да дојдам тука, во Македонија, и да ги посетам пријателите. Република Македонија ја доживеав како една прекрасна земја, земја на гостопримливи и топли луѓе со кои ми беше навистина чест да се дружам и да работам.

д-р Жанет Ристоска

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail