ПРИЛЕПСКА БЕЛЕШКА

Сите насилници, поробувачи, борци остануваат за спомен, а Прилеп, стои и понатаму пркосно…Да! Прилеп е град-сведок на отвореноста, слободоумноста… Свежата умерено континентална клима нежно ќе ве погали во градскиот парк познат по Могилата на непобедените, а сега и по мини зоолошката градинка.
Зелениката расцветала таму некаде на излезот од градот кон магистралата Би­­тола–Скопје. Ред редени како живи војници во мирен строј, пречекуваат борците по кои градот носи епитет град-херој. Камените скали ве водат до сржта на зданието каде се монументалните споменици во кои векуваат останките на 650 борци за слободен збор, слободен избор, слободен живот, спокојни поради модерната градба на градот со чист поглед.
Мамат интересните фонтани, мостови на детски воздишки, дрвени клупи, мермерна собраниска трибина под ведро небо, идеално за фото-забелешки и пријатно уживање. А, доживување е уникатниот поглед кон Марковите кули, дрвените зданија за воздишки, седенки и свадбени забелешки. Зелениот тепих ве мами и ве кани за да ја почувствувате мекоста и убавината на природната кројка, а горостасниот зимзелен дел крие во себе трим-патеки.
Доживувањето е целосно со мини зоолошката градина. Ве мамат да ги ѕирнете белите, шарените, кралските, домашните пауни, гулапчиња, коковчиња… Изненадуваат срничките, зајачињата, разнобојните пони-коњчиња и лами-коњчето кое наликува на помала камила. Вистинска убавина.
Атарот ја крие и Спортската сала „Македонија“, а во нејзиниот двор никнува уште еден од бројните верски објекти и многу природни камени споменици на културата. Градот под Марковите кули првпат е спомнат и документиран во 1014 г., кога броел околу илјада мухамедански семејства. Сега има од 70-80 000 жители и се наоѓа на апсолутна надморска височина од 620-680 метри. Секогаш широкоградо пречекува намерници, минувачи, соседи, домашни и странци…

Васе Митреска

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail