Подземните засолништа и бункери на Енвер Хоџа

Еден од синонимите кој се поврзува со Република Албанија е секако големиот број на бункери кои ги има во државата. Бункеризацијата која ја спроведе Енвер Хоџа за време на своето владеење остави траен белег врз државата. Во периодот од 1960 година па сè до 1986 година се изградија севкупно 173 371 бункер од различен вид.

Бункерите  во Република Албанија се протегаат од плажите па сè до планините, некаде поставени како индивидуални отпорни точки, а некаде поставени линиски и поврзани помеѓу себе со сообраќајници. Просечната густина на бункерите е 5,7 бункери на 1км². Бункерите се градени во различни големини а нивен идеен творец и конструктор бил Јосиф Загалин кој бил учесник во втората светска војна и истиот бил школуван во Советскиот Сојуз. Најголемиот број на бункери се од типот „Qender Zjarri“ или мали индивидуални бункери наменети за еден до двајца припадници со влез од задната страна и пушкарница за дејствување. Формата на овој вид на бункери е во вид на купола со дијаметар од 3 метри. Втор вид на бункери се командните бункери кои имаат иста форма на купола но со поголем дијаметар кој изнесува 8 метри и истите имаат сообраќајница која ги поврзува два или повеќе бункери. Трета група на бункери се стратешките бункери кои се наменети за високи воени и државни претставници. Еден од стратешките бункери е и бункерот на Енвер Хоџа кој од неодамна е отворен за јавноста.

Изградбата на бункерот на Енвер Хоџа е започната во 1972 година а е завршена во 1978 година. Лоциран е во непосредна близина на Тирана а во текот на неговата изградба воден е под кодното име „Објект 0774“. Иницијалната идеа за изградба на бункерот лидерот Енвер Хоџа ја добил во 1964 година за време на посетата на Северна Кореја. Цел на овој објект била заштита при евентуален напад на државата од страна на комунистичкиот режим или американскиот империјализам. Сместен е 100 метри под земјината површина, а во себе содржи 106 соби распоредени на 5 спрата. Влезните врати на бункерот се нуклеарно заштитени со цементно метална основа, а во својот состав бункерот има хала за конференции со капацитет од 200 седишта, кино сала, соба за Енвер Хоџа, соба за началникот на генералштабот, радио операторски простории, вентилационен блок, пропаганден сектор итн. Денес бункерот е туристичка атракција и музеј на едно минато време. Останатите помали бункери кои се распростанети низ државата народот ги користи за најразлична намена како што се места за складирање, за одгледување на печурки, па се до трафики.

З.Б.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail