Падобранската специјалност во Полкот за специјални операции

Амблемите кои ги носат припадниците на една единица ја покажуваат специјалноста која токму нив ги одликува, го покажуваат она што ги прави посебни. Кога ќе го погледнете амблемот на Полкот за специјални операции, ќе забележите дека во себе содржи и падобран, кој ги симболизира падобранските единици кои се речиси неминовно дел од специјалните елитни единици на една земја

Значењето на воените падобрански единици се согледува преку фактот дека секаде во светот овие единици најчесто се користени за заземање на клучни стратегиски цели кои можат да го сменат текот на војувањето. Користењето на третата димензија на војувањето, односно воздушниот простор овозможува единиците да се инфилтрираат и употребат на тешки и непристапни терени

Падобранството е активност која во себе содржи ризици и предизвици, но дава и една нова димензија на војувањето за тоа каде и како може да се употреби единицата.
Со формирањето на Единицата за специјални намени -„Волци“ во 1994 година започна и практикувањето на овој вид специјална обука во Армијата на Република Македонија. Во 1995 година за прв пат беше реализирана заедничка падобранска обука со специјалните сили на САД каде нашите припадници разменуваа и собираа вредни искуства. Заедничките обуки и скокови кои припадниците на АРМ ги реализираа во соработка со Воздухопловниот сојуз на Македонија во наредните години го зголеми нивото на спремност и обученост, така што во 1996 година беше реализирана првата армиска падобранска обука. Дел од падобранците од единицата за специјални намени зеде учество и на вежбата „Најдобар кооперативен зафат“ во 1998 година.
Армијата на Република Македонија ја воочи потребата од формирање на посебна падобранска единица и во 2002 година беше формиран Падобранско- диверзантски одред под името „501 ПДО – Соколи“. Со трансформацијата на Армијата на Република Македонија и оформувањето на Ренџерскиот баталјон, Падобранско – диверзантскиот одред се трансформира и поголемиот дел од припадниците е префрлен во оваа елитна единица.
Значењето на воените падобрански единици го покажува фактот дека секаде во светот овие единици најчесто се користени за заземање на клучни стратегиски цели кои можат да го сменат текот на војувањето. Користењето на третата димензија на војувањето, односно воздушниот простор овозможува единиците да се инфилтрираат и употребат на тешки и непристапни терени.

Падобранската обука со сите свои специфичности со себе повлекува големи ресурси. Потребно е постојано да се следи новата технологија и да се набавува нова опрема која се користи во военото падобранство, што е доста скапо и финансиски тешко за многу држави. Заедничките вежби и постојаните размени на искуства се најдоброто решение за некои од предизвиците.
Во изминатите дваесетина години голем број на припадниците на Полкот за специјални операции завршија основна и напредна падобранска обука во Соединиетите Американски Држави, Турција, Грција и други држави. Обуката која се реализираше во Република Македонија и во странство опфаќа повеќе теми од падобранството како што се обука и скокови на гуртна-принудно и на слободно дејство, со падобран од типот „крило“ итн. Вежбите и скоковите ги реализираат во дневни и ноќни услови, а често пати се извежбуваат и скокови над вода, отворање на резерва по задача, скок во дадена зона итн.
Наставникот по падобранство во составот на полкот е цивилното лице Марјан Симоновски кој зад себе има нешто повеќе од 1.300 скокови и неколку титули како што се: „Jump Master“, главен инструктор по падобранство во АРМ, претседател на Падобранска испитна комисија во АРМ.
Го замоливме Марјан Симоновски за потребите на овој напис да ни ги појасни чекорите како може припадник на специјалните единици да стане сертифициран падобранец според Правилникот за изведување на падобрански скокови во АРМ. Тој ни објасни дека целата процедура започнува со приемот на припадникот во специјалните единици, по што следуваат ригорозни физички и лекарски проверки. Кандидатите кои ќе ги поминат овие проверки започнуваат со теоретскиот дел од наставата. На секоја етапа од теоретскиот дел следува тестирање. Следен чекор е практичната земска обука каде се извежбуваат постапките при скок, практично пакување на падобран, доскоци итн. По завршувањето на земската обука следуваат падобрански скокови кои се реалзираат во земјава или во странство.
Сериозноста на пристапот кон овој вид обука се гледа во фактот дека припадниците на Полкот за специјални операции кои имаат завршено падобранска обука се проверуват годишно по неколку основи (теоретски и практично), а воедно со тоа не се остава простор за никакви грешки кога ќе дојде време за скок. Припадницте на Полкот за специјални операции кои го имаат падобранското звање во просек имаат од 50 до 200 скока.

Без разлика на предизвиците кои ги носи времето пред нас Полкот за специјални операции продолжува со практикувањето на овој вид специјалистичка обука и унапредувањето на нивото на спремност.

Златко Блажески

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail