НОСИТЕЛИ НА МИР И СТАБИЛНОСТ

ЖЕНИТЕ ВО БОРБАТА ЗА МИР И БЕЗБЕДНОСТ

Operation unified ResponseОНА ШТО СЕ СЛУЧУВА ВО ЦЕЛИОТ СВЕТ И НИЗ КУЛТУРИТЕ ПОКАЖА ДЕКА ИНТЕГРИРАЊЕТО НА ЖЕНИТЕ И РОДОВАТА ЗАСТАПЕНОСТ КАКО ФАКТОРИ ВО ГРАДЕЊЕТО НА МИРОВНИТЕ ПРОЦЕСИ ПОМАГА ДА СЕ ПРОМОВИРА ДЕМОКРАТСКО ВЛАДЕЕЊЕ И ДОЛГОРОЧНА СТАБИЛНОСТ.
ДА СЕ ПОСТИГНАТ ОВИЕ ЦЕЛИ, ЖЕНИТЕ ТРЕБА ДА БИДАТ СПОСОБНИ ДА ИГРААТ УЛОГА ВО ГРАДЕЊЕТО И УЧЕСТВОТО ВО ЦЕЛИОТ СПЕКТАР НА ДОНЕСУВАЊЕ ОДЛУКИ ВО ИНСТИТУЦИИ ВО НИВНИТЕ ЗЕМЈИ. ОВИЕ ИНСТИТУЦИИ, ПОЧНУВАЈЌИ ОД ГРАЃАНСКОТО ОПШТЕСТВО ДО ПРАВОСУДСТВОТО И БЕЗБЕДНОСНИТЕ СЕКТОРИ, МОРА ДА БИДАТ ПОДГОТВЕНИ ДО ОДГОВОРАТ И ДА БИДАТ ИНФОРМИРАНИ ЗА ПОТРЕБИТЕ НА ЖЕНИТЕ И НИВНИТЕ БАРАЊА (ОД НАЦИОНАЛНИОТ АКЦИСКИ ПЛАН ЗА ЖЕНИТЕ, МИРОТ И БЕЗБЕДНОСТА НА ОН
)

Четвртата светска конференција за же­ните во Пекинг во 1995 г. е местото кога за првпат жените, мирот и безбедноста добија свое место на една агенда. Главната цел, жените да станат дел од креирањето и одржувањето на мирот, уште еднаш беше потврдена, и тоа 5 години подоцна, во 2000 г., со едногласно усвојување на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН 1325 (UNSCR 1325). Овој акцент на заштита и зајакнување на улогата на жените за време на конфликти и после конфликти, произлегува од неколку извори. Еден од нив е мировното движење на жените за глобален мир, кој помогна да се открие организираната и редовна примена на сексуално насилство во Босна и во Руанда; друг е значајната улога на жените како мировни активисти и борци во Централна Америка, Северна Ирска, Јужна Африка и на други локации. Од 2000 г., оваа агенда го сврте вниманието во рамките на Обединетите нации, особено со формирањето на „UN Women“ во 2010 г., посветен на родова еднаквост и зајакнување на жените (на англсики јазик: women’s empowerment). Резолуцијата 1325 има многу цели, но се фокусира на две работи: решавање на проблемите со кои се соочуваат жените како жртви и на преживеаните од војната, како и промовирање на жените во агенти, однсно фактори на мирот. Притоа, сè повеќе внимание се посветува на заштитата на жените и девојчињата и на промовирање на нивната улога во превенцијата на конфликти, решавање на конфликти и постконфликтно закрепнување и градење на мирот. Познато е дека денес обичните луѓе се запознаени со проблемите на жените и девојките и нивните маки во конфликтните зони, посебно од организирано сексуално насилство. Затоа има потреба од порешителна акција. Сепак, факт е дека барем после неколку децении почна сè погласно се зборува против насилството врз жените како едно од орудијата кои се применуваат за време на војна. Ова насилство предизвикува морална одвратност, а сè погласни се оние кои се согласуваат дека нешто мора да се направи за отворено да се зборува а воедно и да се преземаат чекори против ова. Но, заштитата од насилство е тема на која се дискутираше и долго време пред Резолуцијата 1325. Резолуцијата го истакна значењето и вредноста на учеството на жените во враќањето на мирот, мировните мисии, како и градење на мирот. Иако оваа тема многупати е опфатена и потврдена до усвојувањето на Резолуцијата 1325, релативно малку луѓе знаеја за што станува збор и зошто сето тоа е важно, а воедно и каква е врската со градењето на потраен и стабилен мир и безбедност.

Вклучување на жените во борбата за мир и безбедност
Во 2006 г., поранешниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан, истакна: „Светот почнува да сфаќа дека не постои политика која е поефективна во промовирање на развој, здравје и образование од онаа што значи зајакнување на улогата на жените. Сепак, учеството на жените во мирот и безбедноста на самиот фронт сè уште не е приоритет или истото не е добро сфатено. Всушност, тоа е прашање на кое сè уште постои отпор и неприфаќање. Истото укажува на јазот помеѓу аспирациите на глобалните и регионалните заложби и реалноста на мировните процеси и постконфликтно градење на мирот. Превенцијата и решавањето на конфликтите, како што денес се практикува, се фокусира на неутрализирање на потенцијални спојлери и на сторителите на насилство наместо да инвестира во ресурсите кои се потребни за да има мир. Тоа е изгубена можност и е токму она на што Резолуцијата 1325 се обиде да се осврне преку вклучување на запоставената категорија на миротворци и социјални реконструктори: жените. Резолуцијата на ОН 1325 е обид да се укаже на често невидливата, неформална и непризната улога што жените и девојките ја имаат во спречувањето и решавање на конфликтот, почнувајќи од мировниот активизам при секојдневното посредување и помирување на ниво на семејството и пошироко помеѓу заедниците. Треба да се искористи шансата и да се работи на еманципација на жените и во моменти кога кризи и транзиции ја втурнале женската популација во нови, неконвенционални улоги. Притоа, треба да се истакне гласот на жената, а воедно и да се икористи бенефитот од инклузивноста и разновидноста во ситуации и процеси кои се речиси исклучиво со машка доминација. Резолуцијата на некој начин повикува жените да бидат вклучени и на преговарачката маса и во владинити институции. Укажува дека учеството на жените е клучно во многу контексти, вклучувајќи мировни мисии, донаторски тркалезни маси и други процеси на планирање постконфликтни програми, обновата на секторите за безбедност и правда, дизајнирање и имплементирање на програми поврзани со конфликти кои се движат во рамките на превенција и реинтеграција, како и сите видови на институции и постконфликтно владеење, вклучувајќи и привремени институции за спроведување на мировните договори.
Кванитификација на изгубеното кога жените се вон овие процеси е реалитивно нова практика. Во принцип нема многу податоци и анализи за ефектите од социјалната и политичката еманципација на жените на глобално ниво, и покрај тоа што расположивите податоците укажуваат дека зајакнување на улогата на жените и нивната еманципација претставува ургентна работа. Недостигот на податоци е особено видлив кога станува збор за конфликти. Недостигаат податоци за круцијални работи за животот на жените како што се сопственост на имот, нивото на учество во локалната власт, економски ангажман, пристап до пазарот и морталитетот кај бремените жени и родилки. Раселувањата како резултат на конфликти уште повеќе го усложнуваат собирањето на податоци, бидејќи некои жени, особено оние кои што се најмногу погодени од конфликтот едноставно исчезнуваат. Изненадува и фактот дека многу малку се знае за она што е дел од постконфликтното време и колку се инвестира во родовата еднаквост и зајакнување на улогата на жените и нивата еманципација, како и за процентот на жени кои се дел од демобилизираните војници и луѓе поврзани со борбени сили или, пак, колку воопшто жените добиваат надомест за кривични дела што ги имаат претрпено. Овде спаѓа и недостигот на податоци за бројката на жени ангажирани по конфликтот во јавните служби-јавните услуги, или бројот на жените кои се вклучени во мировните преговори и постконфликтното планирање. Можеби еден од подобро познатите индикатори за родова рамноправност е процентот на места одобрени-предвидени за жените во парламентите. Имено, статистиката укажува дека од 31 март 2012 г. жените сочинуваат 20 отсто од пратениците на глобално ниво, а 18 проценти во земјите погодени од конфликт. Постојат јасни показатели дека карактеристично за периодот што следи после војна е воведување на изборните квоти и други посебни привремени мерки како докажани најбрзи средства за реализирање на парламентарна застапеност на жените до 30 отсто. Тоа претставува праг после кој нивната застапеност во законодавната власт спонтано се нормализира и се зголемува. Токму затоа и 30 отсто е и целта поставена од страна на Пекиншката платформа за акција во 1995 г. Истражувањата на асоцијацијата на „UN Women“ за постконфликтно парламентарна застапеност укажуваат дека во случаи на системи базирани на квота, само 34 отсто жени се избирани во законодавната власт, додека во земји без изборни квоти, жените претставуваат само 12 отсто од пратениците . Во 26 постконфликтни земји на последните избори, политичката застапеност на жените значително се зголеми, но откако беа применети родови квоти. Последователно на следните избори застапеноста се зголеми и на над нивото пропишано со квоти. Но, во постконфликтните земји во кои никогаш немало изборни квоти, учеството на жените останува непроменето. Веројатно меѓународната заедница го нема добро објаснето значењето на примената на квоти на постконфликтнтие национални авторитети како елемнт кој придонесува за зголемување на учеството на жените во избраните тела или едноставно треба да ги „притисне“ таквите системи да посегнат и да ја употребат оваа алатка.
Поборниците на Резолуцијата 1325 не само што тврдат дека жените треба да бидат повеќе демократски застапени, затоа што се 51 процент од вкупното население, туку се залагаат и за тезата дека учеството на жените води кон побезбеден, одржлив и стабилен мир. Ова прашање е често отворена тема и буди имплицитен сомнеж. Значи, каде е доказот, односно како фактички да се поддржи оваа теза? Некои луѓе тврдат дека поголема е веројатноста жените да направат консензус во јавната дебата, пристап кој е од особена вредност во мировни разговори. Без разлика дали ја прифаќаме оваа теорија, жените инсистираат дека нивните приоритети треба да се прифатат во мировниот договор како пристап во однос на управувањето, правдата, безбедноста, но и обновувањето на мирот. Притоа, во однос на женското прашање вообичаено се инсистира на примена на квоти за учество на жените во постконфликтните избори. Понатаму се инсистира и на идејата дека земјиштето и правото на сопственост треба да се прошири и на жените, како и да се опфатат барањата за правда и надомест за сексуално и родово насилство извршени за време на конфликтот. Кога овие проблеми ќе се опфатат во тој момент и половина од населението може да се чувствува безбедно, а како резултат на тоа се создава постабилен и одржлив мир, побрзо враќање на владеењето на правото, а се зголемува и довербата во новата држава и нејзината влада. Кога жените имаат право на глас на мировната маса и се дел од институциите и процесите со кои се спроведува мирот – од разоружување до уставни реформи, реформи во земјоделството и транзиционата правда – тогаш мирот е изграден врз основа на порепрезентативна разновидност на ставови. Во тој случај, со проширување на мировниот процес преку вклучување на жените би значело дека постконфликтниот предок е изграден врз основа на она што е важно за повеќе гласачи отколку на страните во конфликтот и потенцијалните спојлери. На тој начин, договорот за мир би ги вклучил оние луѓе кои можат да обезбедат поширока општествена прифатливост и посветеност на неговите услови. Кога сево ова ќе се земе предвид мирот станува постабилен и со подлабоки корени, а ведно е и добро поддржан. Некои струи тврдат дека учеството на жените може да му наштети на мировниот процес. Така, на пример, тие тврдат дека страните инволвирани во конфликтот може да бидат против женски медијатор (посредник). Но, со годни наназад многу преговори пропаднале поради несогласувањата во врска со посредникот или тимот кој посредува. Всушност, тоа секогаш било и една од главните причини за неуспешни преговори, а тие медијатори секогаш биле од машки пол. Но, тогаш никој не помислил дека причината за успехот може да се препише на полот на медијаторот како што често се случува кога медијаторот е од женски пол. Од друга страна, други струи тврдат дека страните инволвирани во конфликтот може да се спротивстават на вклучувањето на жените во граѓанските организации, бидејќи истото може да ги стави под лупа злосторствата кои учесниците во конфликтот ги извршиле врз жените. Генерално, страните инволвирани во мировните преговори не се противат на вклучувањето на граѓанското општество. Но имаат тенденција да се спротивстават во вклучувањето на специфични групи од граѓанското општество на чии ставови се спротивставуваат или ги доживуваат како предрасуда во однос на нив. Женските групи вообичаено се сметаат за релативно понеутрални отколку другите групи од граѓанското општество. Како резултат на тоа, помала е веројатноста страните инволвирани во конфликтот да се спротивстават на вклучувањето на жените. Често се вели дека барањата на жените може да биде во спротивност со барањата на едната или двете страни во преговорите, и со тоа се ризикува да се загрози договорот. Но, ништо не укажува на тоа дека жените ќе бидат помалку отворени за дискусии и да преговараат за нивните барања отколку другите учесници во конфликтот, или дека ќе биде потешко да се разговара за нивните барања поради многуте одредби кои се рутински вклучени во мировните договори. Може да се најдат безброј примери во кои мировните процеси се уриваат поради еден куп фактори: несогласувања во врска со изборот на медијаторот, внатрешен раздор во рамките на вооружените групи, непочитување на прекин на огнот, одложување на имплементации, како и непомирливи разлики во врска со суштински теми како што е самоуправата: Но, случаи во кој мировните преговори се исфрлени од колосек врз основа на барања поставени од жените допрва треба да бидат откриени.

„Постабилна градба“
Сè повеќе се зголемува свеста дека учеството на жените го зајакнува градењето на мирот. Со ставање на жените во центарот на враќање на безбедноста, правдата и економско заздравување и добро владеење, инволвираните страни во конфликтот се стекнуваат со „мировни дивиденди“ кои со себе носат побрзо отворање на работни места и подобри јавни услуги. Заедниците побрзо го добиваат и го консумираат бенфитот од мирот. Но, ако не се вклучени жени, се случува токму спротивното. На пример, како што процентот на жени на чело на домаќинствата расте пред и после конфликтот, ако тие не најдат средства за живот и економска поддршка, тогаш заедно со нивните ќерки буквално би биле втурнати во слабо платени, но високоризични активности како што се секс за опстанок, на тој начин забавувајќи го обновувањето на заедницата и нејзината нормализација, како и продлабочување на сиромаштијата и зголемување на незадоволството кај децата. Но, ако жените може да остваруваат приходи и да добијат економска сигурност, тие се побрзи отколку мажите и инвестираат во заштита на децата и образованието, со што побрзо се реализира безбедноста на храната а и побрзо се обновуваат руралните економии. Кога жените се експлицитно вклучени во мир и обновување, тогаш има побрз развој: повеќе деца одат во училиште, децата се подобро нахранети, куќите се поправаат а семјството е многу поздраво. Кога во полициските сили има ангажирано повеќе жени, тогаш и мажите и жените најверојатно ќе пријават сексуално насилство. Исто така, граѓаните реагираат позитивно на жените кои се дел од другите области на јавниот сервис/јавните услуги. Така, на пример, со помош на жените-земјоделски работници се зголемува користењето на јавната услуга од страна на земјоделците-фармери од двата пола. Преку инволвирање на женските членови на заедницата во планирачки одлуки за водата и санитацијата се подобрува ефикасноста на услугите за вода, вели студијата спроведена во 15 земји. Според истата, тоа е резултат на фактот што жените имаат тенденција вообичаено да поседуваат непосредно практично искуство за услугите поврзани со водата и одводот, како и потребите на заедницата од познавање за водоводните и одводните-канализациските услуги, како и за потребите на заедницата во глобала. Истражувањата, исто така, покажуваат дека кога повеќе жени се дел од работната сила, шансите за мир и безбедност се поголеми. Земји со само 10 проценти на инклузивност на жените во работната сила се речиси 30 пати со поголема веројатност да доживеат внатрешен конфликт од државите со 40 проценти на инклузивност на жените во работната сила. Истражувањата покажуваат дека кога во едно општество има висок степен на насилство врз жените како поединци, поголема е веројатноста да се прибегне кон насилство за решавање поголеми социјални спорови. Една неодамнешна студија покажа дека постои силна и статистички значајна врска помеѓу индивидуалната физичка безбедност на жените и мирот во државите, што се мери по три различни линии. Според голем број на студии, родовата еднаквост и зајакнувањето/еманципирањето на жените го подобруваат економскиот развој и водат кон подобро владеење, што е од особено значење во периодот после конфликти. Според истражувањето од 2000 г. на Интерпарламентарната унија, застапеноста на жените во политиката го зголемува вниманието во поглед на социјалната помош, правната заштита и транспарентност, и помага да се врати довербата во владата. Серија на студии од Индија укажува дека децата во селата, кога се предводени од страна на женските лидери реализираат повисока стапка на имунизација и посетеност на училиштата; високото ниво на учество на жените во локалните совети води кон поголема инвестиција во вода за пиење, патиштата и грижа за бремените жени и родилките која го снижува неонаталниот морталитет; и дека жените кои се на власт служат како позитивни примери за девојчињата и младите жени, за подигање на нивото на нивните академски перформанси и аспирации во однос на кариерата и да ги натера нивните родители да инвестираат во постојаното школување на нивните девојчиња. Се разбира дека вон академската литература, има и моќни приказни на жени-активисти за мир. Некои од нив се добро познати и признати на највисоко ниво, вклучително и меѓу примателите на Нобеловата награда за мир. Во Либерија, жените одиграа клучна улога во застапувањето за мир, со што се стави крај на долгата и уништувачка граѓанска војна; тие извршија драматично улога за време на мировните преговори во Акра, одбивајќи да дозволат преговарачите да ја напуштат просторијата во која се одвиваа преговорите, се додека не се потпиша договор. Во Северна Ирска, пак, активистките можеби направија мировниот договор во Белфаст од Велики Петок (на англиски јазик: Good Friday) да биде потраен и порелевантен за животот на луѓето преку заложбите да се забрза ослободувањето и реинтеграцијата на политичките затвореници, да се обезбеди интегрирано образование и мешано домување и да се вклучат младите и жртвите на насилство во процесот на помирувањето.Авганистанските жени-учеснички во последователните рунди на преговори застанаа во одбрана на правата на недоволно застапените малцинствата како што се Узбеците. Сомалиските жени значително придонесоа за градење на меѓуклановски сојузи во земја која била насилно поделено на кланови. Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, во својот извештај за учеството на жените во градењето на мирот, наведува дека учество на жените е од големо значење „за поддршка на трите столбови на траен мир: економско заздравување, социјална кохезија и политички легитимитет“. Се разбира, жените како и мажите се под влијание на политички, етнички или верски тензии. Исто како и мажите и тие можат да придонесат во извршувањето на насилство и да бидат дел од вооружени групи. Но, за разлика од мажите, жените често носат дополнителен товар од многу понизок социјален и економски статус, што ги става во голема неповолност кога ситуациите не се безбедни. Како први жртви на сексуално и родово насилство, тие многу појасно гледаат како конфликтот се проширува, почнувајќи од семејно насилство(тепање дома) до силувања и убиства на улиците и на бојното поле. Како такви, тие се од клучно значење за да го вратат мирот во нивните локални заедници. Промовирањето на учеството на жените во градење на мирот бара промена на парадигмата. Потребен е да се фокусираме не само на улогата на потенцијалните спојлери, туку и на конструктивниот потенцијал на жените за изградба на широка и сеопфатна социјална компонента (заедница) за мир, правда и демократија.

М-р Билјана Поповска

Адаптирано од публикаците на Националниот универзитет за одбрана во Вашингтон, САД (Women on the frontlines of peace and security)

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail