Неизмерна желба за летање

Во овој број на „Штит“ Ви пренесуваме дел од сеќавањата на Перица Поповски од Битола, еден од пионерите на македонското едриличарство. Љубовта кон летањето започна да се остварува со формирањето на Едриличарската база во Битола, каде Перица беше еден од најдобрите во својата генерација. Љубовта кон летањето продолжи во подоцнежниот професионален развој на Перица, а денес со гордост раскажува дека таа љубов  ја пренел на своето поколение, посочувајќи дека  неговиот син денес  е припадник на  Воздухопловната бригада на АРМ.

aero klub bitolaОдеднаш се почувствував слободен во просторот, го немаше она чувство дека наставникот дава команди, неговите забелешки. Бев оставен сам на себе со повремени сугестии по радиостаница од наставникот од земја. Само си помислив прави го она што те учеа.

Во далечната 1960 година беше формирана Едриличарската база во Битола. Првите членови беа од едриличарските училишта од  аероклубовите од Скопје, Куманово и Битола. Едриличарската база  се формираше  поради недостиг на пилоти и технички кадар во Македонија. Постоеше потреба да се формира воздухопловна едриличарска база со концентрација на сите воздухопловни едрилици во Битола, а активностите да продолжат по воздухопловните училишта од каде и пристигнаа членовите.  Обуката започна по претходни конкурси за пилоти на едрилици уште во февруари 1966 година, синхронизирано во трите клуба предводени од наставниците  Ѓорѓи Тосков  ( Жоро) во Скопје, во Куманово, Бранко Саздовски ( Кипе ) и   Владо Трајковиќ во Битола.  Обуката беше распоредена на три дела: теоретски, практичен,  кој се состоеше од запознавање со едрилицата  и  почетничка обука во летање, покасно и напредна обука во едрење и врвни вештини (прелети и акробации), како посебен дел на обуката. Обуката беше обемна и бараше многу учење и совладување на вештините. Паметам една реченица од тогашниот секретар на АК Битола, Душко Крстевски –„ Во воздухопловството нема оценување од 1-5 туку само 4 и 5”,  што значи дека тестот ќе го поминат само оние кои се добро  подготвени, друга алтернативе нема. Теоретскиот дел се одвиваше во рамките на аероклубовите, а практичниот за време на викенди на аеродром.

 На денот на селекцијата  останавме по 10 ученици или 30 од сите воздухопловни училишта и бевме распоредени во две групи,  Јас бев  во првата група на посетители на едриличарската обука која започна после завршување на школската година. Радоста беше голема. Бевме сместени во спална во склоп на хангарот, а мензата беше во сè уште неизградената кујна-ресторан. Набргу пристигнаа едриличари почетници од Скопје и од Куманово, со што  се создаде една прекрасна атмосфера и другарување.

За управник на воздухопловното училиште беше назначен Закич, за кординатор и испитувач за теоретски и практичен дел Иван Тасевски , технички кадар од Битола и Скопје вкупно 3 члена. Во склоп на базата се одржуваа и подготовки за приправници  наставници  Петар Десков, Скопје, Трајче Стефановски  од Куманово и Кирил Ангеловски од Битола. Комплетната настава , односно практичниот дел се одвиваше на стариот аеродром крај селото Горно Оризари.

Еден убав ден, но со ниска облачност наставниците одлучија да ни дадат по еден информативен лет. Возбудувањето беше неверојатно. Првпат во воздух како пилот едриличар. Веќе наредниот ден не поделија во 3 групи, па така секој наставник си ја зеде својата група и обуката течеше во најдобар ред.  Во одредени периоди се менуваа наставниците по групи со цел да дадат свое мислење.  Следеа вонредни постапки во стилот намерно откачување, еден вид симулација на кинење на јаже. После некаде околу 50-60 стартови започнаа и првите самостојни стартови . Едрилиците се опремија со радиостаници со цел наставниците да имаат и контрола или да помогнат во случај на потреба.  Така и јас дојдов на ред, па со целосно внимание и мала трема влегов во едрилицата „Летов 22“. Се изврши последната проверка и полетав. Согласно подготовките прво ја доведов едрилицата во хоризонтала, ја повлеков командната палка кон себе за да добијам потребен агол, да го почувствувам забрзувањето  и по остварување на потребната висина моторот кој не влечеше ги намали вртежите, порамнив и откачив. Одеднаш се почувствував слободен во просторот, го немаше она чувство дека наставникот дава команди, неговите забелешки. Бев оставен сам на себе со повремени сугестии по радиостаница од наставникот од земја. Само си помислив прави го она што те учеа. Направив засврт за 90 степени, втор засврт за 90 степени, продолжив право кон трет засврт. Набрзо дојде и до третиот засврт, а веќе четвртиот беше внимателно подготвен со цел да дојдам до пистата. Безбедно  слетав,  но како и што се случуваше на земја, извесно време одевме лево десно, но сигурно. Потоа следуваше уште еден старт и на излегување пилотско крштевање. Клоца во задникот од наставниците и од сите кои претходно самостојно полетале.

 Обуката продолжи со несмалено темпо и сите успешно ја завршивме. Потоа имавме испитен лет пред Тасевски Иван со задача прецизно слетување и пред сè безбедно слетување.  По свеченото доделување на дипломите, имавме заеднички ручек и со тоа на крајот на јули заврши нашата основна обука. Во август заврши основна обука и втората група, а во септември во Битола за битолските кандидати се одржа настава и обука во влечење со авион. Наставник беше  Ѓорѓи Тосков од АК Скопје, со кој навистина многу научивме и одлично  полетувавме во авионска запрега.  Тоа беше крај на основаната обука, а потоа наредната година следуваше обука во едрење итн. Придобивките од овај начин на обука беа огромни. Голем дел се одлучија и професионално да се занимаваат со воздухопловство, особено по отслужување на воениот рок во Воздухопловната бригада на ЈНА.  Голем дел станаа воени пилоти на хеликоптери, но и на патнички авиони. Другарувањата и средбите останаа до ден денес со многумина не само од таа база туку воопшто со едриличари, пилоти, падобранци и моделари ширум РМ. Целта беше исполнета се покажа дека и Република Македонија има услови за основна обука по сите воздухопловни гранки.  Битола прерасна во голем воздухопловен центар, при што доаѓаа пилоти, односно кандидати за пилоти од Средното воено училиште за пилоти  „Маршал Тито“ во Мостар. Голем број кандидати од Битола и другите градови добија звање наставници, професионални пилоти. Воедно Битола стана едриличарски центар за одржување на натпревари во едриличарство, благодарејќи на можностите што ги даваше Пелагониската Рамнина. Се леташе основна обука на двоседи едрилици „Летов-22“, „Ждрал“, тренажни „Јастреб“ и високоспособни „Илинденка“ и „Ваја“. Подоцна пристигнаа многу посовремени едрилици и   се отворија и два воздухопловни центри во Прилеп и во Штип, кои придонесоа за развојот на воздухопловството во Република Македонија. Веќе наредната 1967 година двајца пилоти за првпат во поновата историја со успех настапија на Државното првенство во Вршац.  Пилотите беа  Кире Ангеловски,  со помошник Перица Поповски  од Битола и Перо Десков со помошник Марко Марковски и двајцата се натпреваруваа со едрилици од Типот „Ваја“.

Перица Поповски

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail