НАТО – проект за урбано војување

Syria_Aleppo_AP--Поради карактерот на последните воени жаришта низ светот во последните десет години, членките на НАТО одлучија да направат сеопфатна студија за влијанието на урбанизацијата врз воените операции до 2035 година. Проектот на НАТО за урбано војување започна во 2014 година, а се објави две години подоцна. Резулататите од овој проект ќе бидат појдовна основа за подготовката на војските на НАТО за идното војување, кое се предвидува дека ќе се води претежно во урбани средини

НАТО-проектот за урбано војување е „проигран“ во повеќе центри за извонредност на Алијансата за да се анализира влијанието на различни аспекти на урбанизацијата. Како посебно загрижувачка е процената дека идните војни во урбаните центри ќе личат на Алепо, Рака и Мосул, каде едни од актерите ќе бидат терористи или бунтовници кои ќе користат методи на тероризам

Oд 2008 година наваму повеќе од 50% од луѓето во светот живеат во урбани средини, а особено земјите во развој имаат висока стапка на урбанизација и преселување на луѓето од руралните во урбаните средини. Се проценува дека урбаното население во земјите на развој кое во 2015 година беше 2,9 милијарди, во 2035 година ќе порасне на 4,3 милијарди. Бидејќи идните војни ќе се водат најверојатно во земјите на развој, ова значи дека идните операции на НАТО ќе се одвиваат претежно во урбани средини.

Често може да се слушне самокритика на членките на НАТО дека Алијансата е извонредна во концептуализирање на идеи, но не и во нивната практична примена. Најверојатно затоа што НАТО не е еден ентитет, туку збир на различни војски од различни држави со различна воена култура и перцепција на реалноста. Како голем предизвик (проблем) во НАТО се идентификува губење на базичните војнички вредности, главно поради преголемата зависност од технологијата.  Ако „од дрвото не се гледа шумата“, сега во НАТО се заборава дека шумата е сепак составена од дрвја. Премногу време се троши на тоа како промените во опкружувањето влијаат врз НАТО, отколку како тие влијаат врз противникот, т.е. кои предности тој ги стекнува. На пример: во последните 15 години, терористите имаа уништено повеќе тенкови, повеќе гаѓано со минофрлачи и повеќе убиено со снајпер од цело НАТО заедно. Кој овде всушност има поголемо искуство во војна, кој е поголем експерт за изработка и поставување на импровизирани експлозивни направи, заседи, препади, упади, атентати, маскирање, инфилтрирање и сл.?

НАТО-проектот за урбано војување е проигран во повеќе центри за извонредност на Алијансата за да се анализира влијанието на различни аспекти на урбанизацијата. Како посебно загрижувачка е процената дека идните војни во урбаните центри ќе личат на Алепо, Рака и Мосул каде едни од актерите ќе бидат терористи или бунтовници кои ќе користат методи на тероризам. Заканата од терористи кои ќе му се спротивстават на НАТО во урбана средина е комплексна. Пред сè, терористите најверојатно ќе бидат родени и пораснати во градот и ќе го познаваат теренот, населението, сите предности и недостатоци на градот како војувалиште. Тие ќе го познаваат градот многу подобро од војниците на НАТО кои би дошле да оперираат од друг континент. Лидерите на терористите ќе бидат бивши шефови на полиција или воени лица и ќе ги познаваат клучните лидери во градот.

Современите терористи се паметни, а идните терористи ќе бидат уште попаметни. Ќе ја користат ефикасно новата технологија, интернетот, ќе планираат напади преку „гугл мапи“. Иницијативата ќе ја имаат тие, ќе го зачадат теренот со палење гуми за да не може војските на НАТО ефикасно да ги користат дроновите и воздушното набљудување. Од друга страна, веќе е потврдено дека терористите на Блискиот Исток веќе користат свои дронови за набљудување и водење на операции. За да обезбедат лојалност на населението, ќе користат екстремни методи на терор. Јавно ќе егзекутираат шпиони и соработници на НАТО, а тоа ќе го прават театрално и ќе го објавуваат на интернет. Во градот ќе поставуваат барикади, ќе палат автомобили на раскрсниците за да спречат движење на возила. Ако градот е голем и има подземна железница, ќе ја користат како засолниште, за движење, маневар, снабдување, транспорт, инфилтрација и изненадни напади во разни делови од градот. Терористите во урбаните средини многу лесно ќе го користат населението како жив штит, ќе ги врзуваат заробениците на покривите од зградите, ќе ги ставаат во кафези за да го одвратат НАТО да дејствува од воздух. Бидејќи терористите не ги почитуваат женевските конвенции, тоа нема да го гледаат како компромитирање и ќе бидат крајно креативни за да се спротивстават на западната воена доктрина.

            Во урбана средина терористите полесно ќе доминираат отколку во рурални предели каде НАТО може да дејствува со поголема сила. Терористите ќе произведуваат оружје, ќе прават мини на изненадување, ќе ги поставуваат насекаде без рестрикција, ќе вршат самоубиствени напади и атентати. Подобро ќе пукаат, маскираат и подобро ќе комуницираат. Тие ќе бидат на свој терен и меѓу своја култура. Ако некоја зграда им пречи за да набљудуваат или дејствуваат, без проблем ќе ја урнат. Нема да имаат никакво чуство на одговорност и ќе прават што сакаат. За разлика од нив, секоја посилна акција на НАТО би значело целосно уништување на градот. НАТО ќе мора да размислува на поправање на штетата во градот и да планира постконфликтна фаза.

Терористите може да го раселуваат населението од една населба во друга за да биде нивен жив штит и сигурно ќе го спречуваат да си оди од градот, бидејќи без цивили НАТО би можел да дејствува со поголема сила. Ако воспостават контрола на дел од градот, таму каде што ќе бидат главни и одговорни за животот на цивилите, тие ќе мора да плаќаат данок за заштита. Терористите ќе користат дрога за да имаат натчовечки способности и ќе делуваат натприродно и непобедливо. Хаосот во градот ќе биде нивно царство. За разлика од нив, за војниците на НАТО дојдени од Европа, тоа ќе биде кошмар. Терористите ќе ги знаат сите зони на слетување со хеликоптери, ќе ги минираат спортските игралишта и паркови, на секој агол ќе имаат набљудувачи. Вистината нема да биде важна затоа што терористите ќе ја контролираат.

            Бидејќи тероризмот е стратегија на исцрпување, времето ќе работи за нив. Теоретски, НАТО ќе треба брзо да реагира, но искуствата покажуваат дека тоа нема да се случи и додека се донесе политичка одлука, веќе ќе биде доцна. Еднаш кога терористите ќе го завземат градот, ќе го претворат во тврдина, и за да се извадат од таму ќе треба да се направи голема материјална штета со многу цивилни жртви како колатерална штета. НАТО тешко ќе може да обезбеди контрола врз град во кој терористите веќе воспоставиле контрола. Исто така, НАТО најверојатно ќе реагира само откако тоа ќе се случи. Затоа, не треба да се фокусира на уништување (Клаузевиц) туку на контрола на просторот (Сун Цу). Војната против тероризмот е нерегуларна војна во која не важат западните концепти на војување. НАТО треба да почне повеќе да го чита Сун Цу отколку Клаузевиц, бидејќи непријателот не е нацистичка Германија каде по потпишување на капитулација војната веднаш престанала. Ова е источен, тврдоглав начин на војување без крај, со цел да се одлоговлече војната додека запад не се откаже. Потенцијалните противници на НАТО во идните воени операции се родени во војна и само за војна знаат. НАТО треба да сфати дека ќе се бори со противник кој нема што да изгуби и затоа е спремен на се.

Од искуствата во Авганистан НАТО заклучи дека против нелинеарни противници ќе мора да започне да размислува нелинеарно. Секој проблем има повеќе решенија, проблемите не мора да се решаваат по ред, а постојат и проблеми кои воопшто не треба да се решат. Понекогаш проблемот всушност не е проблем, туку само се перцепира како проблем. Колку побрзо западните војски ги премостат овие културолошки разлики во сфаќање на реалноста, толку подобро ќе се адпатираат во борбата против тероризмот во урбана средина.

Искуствата од коалицијата на САД во Ирак и операцијата на НАТО во Авганистан покажаа дека некои западни војски се воздржуваат од преземање на физички ризик. Сите учесници имаат свој интерес да бидат во коалиција, но одбираат поретко да се впуштаат во директна борба. Многу војски на партнерите во Ирак и Авганистан имаа национални ограничувања со кои не ги изложуваа на ризик своите војници. САД ова го толерираа досега бидејќи за нив е поважна политичката поддршка отколку војничка (во операцијата „Слобода за Ирак“ сите партнери на САД сочинуваа помалку од 7% од вкупните сили на коалицијата). Токму овој психолошкиот ефект од долгата војна на НАТО во Авганистан и неуспехот да се победи, влијаеше врз одлуката на НАТО за изработка на проект за урбано војување. НАТО одлучи дека во идните урбани операции, доколку стане предоцна и теренот (градот) е веќе под нечија контрола, ќе се дејствува со индиректен оперативен пристап. Ова би се постигнало од надвор преку поддршка на пријателски фрации кои се борат внатре во градот и евентуално со употреба на специјални сили.

Во идните операции во трети земји, НАТО планира да ги заобиколи градовите за потоа да ги блокира и изолира. Во предвид ќе треба да се земат повеќе идентификувани сфери на влијание како отворен простор и улици, подземје, вода и пристаниште, подводна сфера, воздушен простор, сајберпростор, население, цврсти структури и станбени објекти. Терористите од друга страна ќе мислат најверојатно само на една сфера во урбаната војна – населението. Развојот на маневарско војување меѓу двете светски војни беше продукт на офицери кои не сакаа да заглават во рововска војна. Денес е потребно новата генерација на офицери да измислат нов начин на војување за да не заглават во урбана војна. Очигледно е дека нешто не е во ред и со сегашната доктрина не само што не може да се победи, туку направи заканата од тероризам да се зголеми.

За време на Студената војна запад ги бркаше терористите, за сега терористите да го бркаат Запад. Тие ја пренесоа борбата на европско тло и иницијативата е на нивна страна. Улогите драстично се променија и денес НАТО е всушност во дефанзива. Дури и терминологијата на НАТО се смени. Долго време се зборуваше за противтероризам, за сега се повеќе да се зборува за одбрана од тероризам. Тоа е дефанзивен наспроти офанзивен ментален склоп. Речникот кој го користиме влијае врз начинот на кој размислуваме за проблемот. Доколку зборуваме дефанзивно, така ќе се однесуваме и така ќе дејствуваме. Затоа одговорот на НАТО во идното урбано војување би требало да биде многу поагресивен од решението до кое дојдоа во нивниот проект. Контрола на градовите од надвор и користење на специјални сили нема да може да решат урбано сценарио како Алепо и Мосул.

Ѓорѓи Вељовски

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail