НАДВОР ОД „КУТИЈАТА“

СПОРТОТ, УМЕТНОСТА И КУЛТУРАТА КАКО ПРЕВЕНТИВА ВО БОРБАТА ПРОТИВ НАСИЛНИОТ ЕКСТРЕМИЗАМ

620832Во времето на глобалните информа­ции, моќта, повеќе од кога било, би ја вклучила „меката“ димензија на привлекување, но и „тврдата“ ди­мензија на принуда и наплата. Ефективното комбинирање на овие димензии се нарекува „паметна моќ“ (на англиски јазик: smart power). На пример, тековната борба против транснационалниот тероризам е борба за освојувањето на срцата и умовите, а преголемата зависност од „тврдата моќ“ не е патот до успехот. Јавната дипломатија е важна алатка во арсеналот на паметната моќ, но паметната, односно остроумната јавна дипломатија, бара да се разбере кредибилитетот, да се биде самокритичен, но и да се сфати улогата на граѓанското општество во генерирањето „мека“ моќ. Ако тоа дегенерира во пропаганда, јавната дипломатија не само што нема да успее, туку може и да ја обезвредни „меката“ моќ. Наместо тоа, мора да остане двонасочен процес, бидејќи „меката“ моќ зависи, пред сè, од тоа колку ќе се разберат другите.
За разлика од традиционалното спро­ве­дување на законот и воените одговори на терористичките напади и конфликти, борбата против насилниот екстремизам (понатаму: БНЕ) презема превентивни пристапи во насока да се намали силата на повикот и регрутирањето на потенцијални екстремистички групи. Неодамнешните напади во целиот свет, како што се оние во Отава и во Сиднеј, на пример, ја истакнаа загриженоста во врска со помалите групи и поединци кои можат да делуваат со многу мала или никаква формална поврзаност со една терористичка група.
Како резултат на тоа, превентивните при­стапи кои служат за подобрување на раната идентификација и капацитетите за реакција, односно одговор, добија поголемо значење. Релативната младост на странските борци кои патуваат од западните и незападните земји за Ирак и Сирија, исто така, ја истакнаа потребата за креативни и иновативни интервенции. Сепак, и покрај зголемениот акцент на борбата против насилниот екстремизам од страна на владите и меѓународните актери, како што е Глобалниот форум за борба против тероризмот (ГФБТ на англиски јазик: Global Counterterrorism Forum GCTF), превентивните пристапи продолжија да се фокусираат на мерките поврзани со кривичната правда, владеење на правото и правните одговори. Понекогаш креаторите на политиката и практичарите ги сметаат употребата на спортот, уметноста и културата како премногу периферни за безбедносните прашања, но екстремистичките групи ефикасно ги користат во нивните наративи/приказни и стратегии за регрутирање.
Напорите за спречување и борба против насилниот екстремизам вклучуват интензивно ангажирање на млади лица и лица од маргинализираните заедници и групи, вклучувајќи жени, спорт, уметност, култура преку платформи со кои ги опфаќат идеологиите и основните причини за насилниот екстремизам. Како што американската Национална стратегија за безбедност од 2015 година наведува, „на долгорочен план , таквите напори ќе бидат  поважни од нашиот капацитет да се отстранат терористите од бојното поле.“

Kултурна дипломатија
Употребата на уметноста и културата за политички, идеолошки и религиозни цели не е нова појава. На пример, средновековната и ренесансната уметност е полна со примери на политички пораки, а Луј XIV од Франција вешто ги користел уметноста и културата да воспостави контрола над благородништвото. За време на Втората светска војна, уметноста и културата го симболизираа и идеолошкото и вистинското бојно поле помеѓу сојузниците и силите на Оската. Во текот на Студената војна се негуваше развојот на културната дипломатија како формална практика. Кампањите на  јавната и културната дипломатија кои вклучуваа размена на уметници, писатели и спортисти станаа алатка за градење на мостови и одржување на врски помеѓу различни заедници и држави.
Уметноста и културата често се и средство за комуницирање низ политичките и општествените граници, а развојот на архитектурата, дизајнот и производството уште од одамна се сведоштво за социјален напредок. Во XIX век  зголемената популарност на светските саеми, на пример, ја поттикна идејата за заедничко живеење  преку собирање на различни предмети од различни култури на еден простор. Овие вредности подоцна се рефлектираа во користење на уметноста да помогне да се надминат негативните стереотипи за муслиманите и да се промовира крос-културално разбирање по нападите од 11 септември.
Како што уметноста и културата може да бидат од суштинско значење за зајакнувањето на еластичноста на заедницата, тие исто така може да се искористат и од страна на екстремистите. На пример, т.н. Исламска држава на Ирак и Левант (ISIL) има форирано голем воен „ковчег“ преку продажбата на бесценети антиквитети од Сирија, дури и кога тие го уништија непроценливото богатство при влегувањето во Мосул. Екстремистите покажуваат големо чувство за моќта на културните и уметничките традиции и често се обидуваат да ги уништат како средство и да ја објават консолидацијата на  нивната моќ.
Меѓу другите примери вреди да се спомене и уништувањето на Бамијан Буда (Bamiyan Buddhas)  во Авганистан од страна на  Талибанците, кампањата на „Црвените Кмери“ за елиминирање на сите форми на култура, писменост и уметност во Камбоџа и отфрлањето на западното образование од страна на  Боко Харам. На овие принципи екстремистите се обидуваа  да го отстранат влијанието на музиката и културата од Мали, кога ја презедоа контролата врз териториите на север. Екстремистите ги користат уметноста и култура како метод за да ги убедат потенцијалните регрути да се приклучат на нивните организации. На пример, Талибанците снимаат и дистрибуираат тонови за ѕвонење на мобилните телефони со песни во кои се одобрува нивната кауза во Авганистан, а германскиот рапер Денис Кусперт (Denis Cuspert, исто така познат како Deso Dog), наводно ги ставил своите комуникациски вештини во функција на регрутирање на странските џихадисти. Може да се додаде и дека симболи како знамиња, пароли и други сувенири, исто така создаваат „култура“ на насилен екстремизам.
Постои можност да се оспори легитимноста на насилните екстремисти и да се победат нивните приказни преку  локалните културни и уметнички традиции, што во многу случаи одразува потолерантно и синкретичко општество.

Спорт
Како и културната дипломатија така и спортот веќе подолго време се смета како вредност што поттикнува комуникација и гради мостови помеѓу заедниците во случај на конфликт.
Водечките спортски aвторитети се покажаа како значајни адвокати кои се залагаат за употреба на спортовите за промоција на социјалната кохезија и редуцирање на насилството, а воедно и да се  придонесе во напорите за превенција на конфликти и нивното ублажување. На пример, „World Sport Chicago“ го користеше спортот за  техниките на когнитивно-бихевиорална терапија за младите во Чикаго кои се склони кон насилство поврзано со бандите – програма што резултираше со намалување на насилничкиот  криминал и апсења на таа локација. Исто така, употребата на спортот се промовира во програмите за рехабилитација на сторителите на криминални дела и е суштински елемент во голем број проекти за урбана регенерација во насока на намалување на криминалот помеѓу младите, за кој многумина се согласуваат дека е ефективна алтернатива за кривично гонење и притвор.
Овие елементи се нагласени во работата на некои спортски личности кои имаат воспоставено филантропски иницијативи за промовирање на мирот. Со нагласувањето на овие бенефити, спортот, развојот и мирот станаа важна компонента во многу програми за корпоративна социјална одговорност, како што се на пример оние кои се преземени од страна на „Nike“  и „Coca-Cola“. Преку поврзувањето на овие искуства во борбата против екстремизмот, спортот нуди можност младите да развијат нов лексикон на заедничките цели, да се промовира соработката и спортскиот дух, да се промовира почитувањето  на конкуренцијата, и да се научи како да се соочиме со конфликт без употреба на агресија..

Спортови, уметност и култура во БНЕ-дискурс
Иако досега БНЕ-мерките останаа несразмерно фокусирани на мерките за спроведување на законот и кривичната правда, улогата на спортот, уметноста и културата сè повеќе се зголемија, како дел од еден сеопфатен приод за спречување и борба против насилниот екстремизам. Во таа насока, во јануари 2014 година Европската комисија му препорача на Европскиот парламент да се залага спортовите да се вклучат во пошироките образовани напори и да се развие отпорност/еластичост во однос на насилниот екстремизам.
Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), укажува дека уметноста и спортот може да се користат како алатки за ангажман од страна на граѓанското општество и заедницата, особено во однос на полициското работење во заедницата(општините) за да се спречи насилниот екстремизам. Притоа, преку ангажирањето на младите да се делува против  насилниот екстремизам што води кон тероризам (VERLT). Меморандумот потпишан во Абу Даби, кој се однесува на  добрите практики за образование и борба против екстремизмот, усвоен во септември 2014 г., укажува на тоа дека преку спортот, уметноста и културните програми може да се изградат секундарните ефекти од  БНЕ-програмите, особено помеѓу младата популација.

Кои се потенцијалните можности за вклучување на спортот, уметноста и културата во програмирањето на БНЕ
Спортот, уметноста и културата, не само што обезбедуваат релевантни алтернативни наративи туку тие, исто така, нудат креативен лексикон што може да се употреби за да се промовираат резонатнти пораки и комуникации (кои ќе се слушнат) помеѓу локалната публика, а се надоврзуваат на контексно-специфичните национални истории, приказни, уметност или традиции, па сите заедно овозможуваат пораката да биде локално релевантна.
Спортот, уметноста и културата се вредни алатки во разговорите за разликите и разновидноста, но и за заедничка историја, искуства и надежи на многу луѓе. Спортот може да биде и моќна обединувачка сила. Така, на пример, по изненадувањето од историската победа на Авганистанската фудбалска репрезентација во шампионатот на Фудбалската федерација на Јужна Азија во 2013 година, еден авганистански новинар објави дека хоризонтот на градот Кабул е осветлен со огнено оружје за да се прослави победата. Овојпат, баражот на куршуми што отиде во магливиот кабулски воздух ја пренесе пораката на радост и мир, а не на војна и хаос. Тоа ја зближи целата земја додека заедно наздравуваа за нивниот шампионски тим.

Да се овозможи  несекуритизиран дискурс
Спортот, уметноста и културата се влезна точка во заедниците, обезбедувајќи контра или алтернативна наративност, дистанцирана од традиционалниот секуритизиран дискурс на борбата против тероризмот и спроведување на законот, а може да биде предводен од локалните организации, владите на западните земји, како Велика Британија и САД, кои имаат ангажирано „хип-хоп дипломатија“ преку поддршка на муслимански организации за да продуцираат „хип-хоп концерти“ во кој раперите  нудат најраспространети (на англиски јазик mainstream) толкувања на исламот, додека промовираат позитивни слики на домицилните земји на раперите.

Еманципирање на  младите, жените и маргинализираните заедници
Спортот, уметноста и културата даваат вредни можности за ангажирање на младите, жените и заедниците. Тие можат и  да помогнат во развојот на алтернативни, позитивни средства за разбирање и да ги опфатат тагата и тензиите  кои можат да придонесат за поддршка за насилниот екстремизам. Во многу случаи, таквите активности создаваат можности за маргинализираните заедници, овозможувајќи  девојките и жените да учествуваат во активности во заедницата, но тоа треба да се направи со покажување на почит кон локалните традиции.
Еманципација може да произлезе и од  претприемачките можности, како што е на пример програмата во Уганда, каде што жените се основните креатори на модерен накит кој се продава во САД, а тие ги користат нивните заштеди за да започнат свој сопствен бизнис. Притоа, во многу случаи жените се поранешни жртви на насилство и конфликти, а нивното учество во иницијативата не само што им  нуди средство за пристап до социјална и медицинска помош за нив и за нивните семејства, туку им овозможува да се стекнат со  вештини и можности за развој на независни бизниси и  генерирање на  сопствени приходи. Таквите програми се скапоцени лекции кои може да придонесат кон  напорите за рехабилитација  на екстремистичките борци или да бидат поддршка на жртвите на тероризмот и на тој начин да ги делегимитаризираат (анулираат) екстремистичките групи.

Ангажирање на приватниот сектор
Актерите од приватниот сектор може да бидат во позиција да ги поддржат и да ги промовираат спортот, уметноста и културните програми и активности и да обезбедат материјали и платформи кои се потребни за овие иницијативи да стигнат до пошироката локална публика. „Aranim Media Factory“ во Јордан произведува стрипови и игри за социјалните медиуми кои на арапската младина  даваат позитивни примери и пораки.
Правните лица, исто така, се во позиција да обезбедат средства за спортување  и да дадат поддршка за изградба на спортски терени, развој на спортски тимови и материјали за да се помогне да се направат и да се реализираат спортски програми. Ова е особено важно бидејќи компаниите сè повеќе се заинтересирани за корпоративната општествена одговорност и за развој и одржување на безбедноста во местата каде што тие инвестираат голема доза на ресурси.
Практични предизвици при вклучувањето на спортот, уметноста и културата во програмирањето на БНЕ
За многу практичари кои работат во обла­ста на спортот, уметноста и културата, ме­рењето на влијанието на нивните програми е тешко прашање. Превентивните ангажмани, вклучувајќи ја и борбата против екстремизмот, често се случуваат во различна временска рамка во однос на мерките за спроведување на законот, кои повеќе се насочени да одговорат на непосредните опасности и закани. Мерките за спроведување на законот можат и да се оценат, односно не е тешко да се утврди дали целите (на англиски јазик targets) би­ле „заробени“ или „оневозможени“. За разлика од овие тактички интервенции, пре­венцијата е стратешки процес, каде што резултатите се често видливи само од среден до долг рок, надвор од многуте циклуси на финансирање и државна администрација на повеќе влади, што всушност и го попречува континуитетот. Оценувањето под овие услови, особено во случаите каде што не постојат наменски средства за мониторинг и евалуација, понекогаш е тешко остварливо и претставува вистински предизвик.

„Меки“ цели
Иако спортот, уметноста и културата може да бидат обединувачка сила, во некои случаи истите можат да придонесат за поделби и тензии, а може да обезбедат и  „меки“ цели за екстремистичките групи, особено ако го симболизираат она на што се спротивставуваат групите. Примерите на напади врз ученички во Нигерија, уништувањето на училиштата и на пазарите во Пакистан, нападите на публиката на Светското првенство во Кенија и Уганда и на активностите на невладините организации и фестивалите во Бангладеш, ја истакнаа токму таквата ранливост на овие настани и групи.

Препораки
Глобалниот опсег на ангажирање во борбата против насилниот екстремизам (БНЕ) ќе има корист од еден фонд на мултилатерална дипломатија во кој ќе се вклучат претставници на граѓанското општество кои играат важна улога во спортот, уметноста и културата, вклучувајќи и едукатори, спортисти, фондации, невладини организации, како и културни организации.
Оваа поддршка би требало да се фокусира на подобрување и професионализација на службениците кои се на челни позиции и да обезбеди континуирана обука и образование за да се поттикне и да се изгради доверба меѓу заедниците, да се подобри перцепцијата на јавноста. Исто така, треба да се обезбеди и физичка безбедност на спортските и уметнички објекти. Сите заедно би биле значајни мерки за градење доверба и за да се продлабочи дијалогот и да се зголеми соработката со субјектите од приватниот сектор во областа на спортот, уметноста и културата.
Потребно е да се инвестираат повеќе средства за развој на процени за потребите и да се следи и да се оценува влијанието на таквите програмирања. Спортот, уметноста и културните програми треба да бидат во согласност со професионалните стандарди и контролата на квалитетот.

м-р Билјана Поповска
(Адаптирано од Policy Brief  2015
www.globalcenter.org и www.hedayah.ae)

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail