МУЛТИЈАЗИЧНА КОМУНИКАЦИЈА УЛОГАТА НА ПРЕВЕДУВАЧИТЕ И ТОЛКУВАЧИТЕ ВО МИРОВНИТЕ МИСИИ

????????????????????????????ПРЕВЕДУВАЊЕТО, ОДНОСНО ТОЛКУВАЊЕТО НА НЕКОЈ ТЕКСТ ОД ЕДЕН НА ДРУГ ЈАЗИК БАРА ТИМСКА РАБОТА, БЛИСКА СОРАБОТКА И ВИСОКО НИВО НА ДОВЕРБА НО, СЕ РАЗБИРА, И ГОЛЕМА ПОСВЕТЕНОСТ. ОВОЈ НАПИС ЌЕ СЕ ОБИДЕ ДА ПРЕНЕСЕ ДЕЛ ОД ИСКУСТВОТО НА ПРЕВЕДУВАЧИТЕ ВО МИРОВНИТЕ И ДРУГИ МИСИИ, СО ЦЕЛ ДА ДАДЕМЕ СКРОМЕН ПРИДОНЕС ЗА ЛИЦАТА КОИ СЕ ИНВОЛВИРАНИ ВО ПОДГОТОВКАТА НА ПЕРСОНАЛОТ ЗА МИСИИ. ИСТО ТАКА, ОВОЈ ТЕКСТ ИМА ЦЕЛ И ДА ЈА ПОДИГНЕ СВЕСТА ЗА ПОСЕБНОСТИТЕ И СПЕЦИФИКИТЕ НА ПРЕВЕДУВАНАТА-ТОЛКУВАНАТА КОМУНИКАЦИЈА ВО МИРОВНИТЕ И ДРУГИ МИСИИ, КАКО И ДА ДАДЕ СВОЈ ПРИДОНЕС ВО ЗАПОЗНАВАЊЕТО СО ОСНОВНИТЕ ВЕШТИНИ КОИ СЕ ПОТРЕБНИ ЗА ТАА ЦЕЛ, НЕ САМО ОД ПЕРСПЕКТИВА НА ЛИЦАТА КОИ ИМААТ ПОТРЕБА ОД ПРЕВЕДУВАЧ, ТУКУ И ОД ПРЕСПЕКТИВА НА ЛИЦАТА КОИ ДЕЛУВААТ ВО ФУНКЦИЈА НА ПОМОШНИК ПРИ КОМУНИКАЦИЈАТА

Најпрвин ќе се обидеме да ги разграничиме и да ги дефинираме поимите „преведување“ и „толкување“. Иако и двата термини имплицираат пренесување на мислата од еден јазик во друг (да се долови смислата на еден јазик во друг), тие се однесуваат на различни ситуации: Толкувањето е усно пренесување на пораките од еден во друг јазик, додека преведувањето е пренесување на пораки од еден во друг јазик во пишана форма. За разлика од преведувачите, толкувачите се видливи, познати, ранливи и не можат да се олабават и одморат. Професионалното преведување е професија која има свој жаргон, техники и фундаментални односно основни теории. Преведувачите мора да бидат запознаени со оваа терминологија а посебно со поимите кои се однесуваат на јазиците кои се вклучени во преведувањето/толкувањето. Јазикот од кој се преведува се нарекува јазик „извор“(‘source’). Јазикот, пак, во кој се преведуваат зборовите се нарекува јазик – „цел“ (‘target’).

УЛОГАТА И ЗНАЧЕЊЕТО НА ПРЕВЕДУВАЧИТЕ-ТОЛКУВАЧИТЕ
ВО МИРОВНИТЕ МИСИИ
Повеќејазичната или таканаречената мул­ти­јазична комуникација е стара и почитувана традиција. Од историска глед­на точка, војската отсекогаш била и еден од најзначајните корисници на оваа комуникација. Во рамките на Отоманската Империја, „dragoman“ или „преведувачот“, имал престижна позиција. Исто така, истражувачите и авантуристите во голема мера зависеле од преведувачите. Во денешното време пак, во конфликтните зони, достапноста на вешти и компетентни преведувачи е од огромно значење. Еден добар преведувач – вешт во јазикот и техниките на ефективното толкување – може буквално да спаси многу животи. Преведувачите се многу значајни луѓе кои честопати не го добиваат вниманието кое го заслужуваат. Она што е посебно значајно е да не се прават претспоставки или некои работи да се земаат здраво за готово туку да се запомни дека успехот или неуспехот на една, на пример мировна мисија, не е поради само едно лице. Теренските активности вклучуваат тимска работа и како во сите тимови поединците имаат одговорност. На тој начин искуството добива вредност, а вoедно носи и успех.Според речниците, преведувач е лицето кое преведува усно за луѓе кои зборуваат различни јазици. Сепак, иако најочигледната (највидливата ) улога е да служат како помошници за комуникација, ова би било многу ограничен опис на нивната работа. Преведувачите даваат многу поголем придонес преку различни дополнителни улоги за ефективноста на меѓународните мисии како на пример ОБСЕ и слично. Преведувачите можат да обезбедат вредни информации поврзани со заедницата во која е воспоставена мисијата. Иако некој поединци можат да имаат предрасуди, приоритети и лични определби, тие сè уште ќе бидат корисен извор на информации. Преведувачите ќе се докажат како посебно вредни во првите денови на назначувањето на нови членови на мисијата. Тие ќе можат да одговорат на прашања како на пример: Што е потребно да се знае за оваа заедница? Кој живее овде? Што работат? Каде работат? Каде можете да најдете одредени луѓе, канцеларии или услуги кои ви се потребни итн.? Постојат бескрајно многу прашања. Работејќи на овие прашања, членовите на мисијата и преведувачите ќе започнат да го развиваат, а потоа и да го зајакнуваат нивиот професионален однос. На членовите на мисијата им се укажува да бидат внимателни за да не го компромитираат локалниот персонал на ОБСЕ или друга меѓународна мисија со непријатни и неадекватни прашања. Се препорачува преведувачите да укажат на одредени прашања кои би можеле да предизвикат непријатни чувства и непријатност. Членовите на мисијата вообичаено се странци во земјата-домаќин. Токму затоа, може и да им биде тешко да го интерпретираат-толкуваат говорот на телото (body language), специфичен за таа земја, како и расположението или атмосферата во локалната заедница. И овде, преведувачите можат да бидат од голема корист. Така на пример, после еден состанок или дискусија, преведувачите ќе можат да просудат како биле прифатени одредени предлози или какви биде реакциите на одреден разговор. Дали на луѓето може да им се верува? Дали зборовите соодветствуваат на активностите, односно делувањето? Дали носителите на одлуки навистина донесуваа одлуки или едноставно седеле на страна додека други ја „сработиле“ работата на терен? Дали тие се навистина она за што се претставуваат? Дали имало знаци на гнев, хумор, загриженост или други емоции кое останале незабележани? Преведувачите можат да ги водат членовите на мисијата низ огромното поле на обичаи, културни гестови и практики кои тие најверојатно нема да ги знаат и кои ако се занемарат можат да доведат до навреда или до недоразбирање, па дури и до конфликт. Членовите на мисијата се поттикнуваат да разговараат со преведувачите за улогите кои би ги преземале „на маса“ или „подалеку од масата“, односно на формален состанок или во неформални ситуации. Сето ова уште еднаш потврдува дека ниту една мисија воспоставена во странска држава не може во својот состав да не ги вклучи и да не се потпре во одредени ситуации на активностите на преведувачите и толкувачите.

УПОТРЕБА НА РАЗЛИЧНИ ВИДОВИ ТОЛКУВАЊЕ
ВО РАМКИТЕ НА МИСИИТЕ

Симултано толкување. Симултаното тол­кување(преведување) значи дека толкувачот следи само неколку зборови после говорникот. И говорникот и толкувачот зборуваат во исто време – симултано. Оваа техника се користи кога освен толкувачот (преведувачот), во просторијата има повеќе луѓе а не само членовите на мисијата и локалниот претставник, или кога членовите на мисијата не се во состојба да говорат со куси реченици и не можат да се сопрат за да му дадат на толкувачот време да го толкува она што веќе е кажано.
Понекогаш, може да биде тешко да се прекинат членовите на мисијата и да му се даде можност на толкувачот да го толкува (преведе) она што е кажано. Наместо тоа толкувачот толкува симултано. При симултаното толкување, толкувачот (преведувачот) вообичаено е изолиран во кабина. Толкувачот, зборува во исто време додека и членовите на мисијата, и затоа нема потреба да меморира или да фаќа прибелешки од кажаното. Во конкретниов случај, процесот на анализа на помнење (запомнување) и реконструкција на кажаното се телескопски. Толкувачот работи на пораката дел по дел, давајќи дел од разбраното додека ја анализира и асимилира (усвојува) следната идеја. Овој вид на толкување, кој е најчест при многу формални настани, вклучува голем број луѓе и има потреба од посебна опрема и „варира“, односно се менува или се префрла во фиксни периоди помеѓу различни предаватели (релеи), односно презема од други преведувачи, па токму затоа и ретко се користи од страна на членовите на мисијата.

Консекутивно толкување (преведување).
При консекутивното толкување, толкувачот не почнува да зборува сè додека оригиналниот (првиот) говорник не престане. При консекутивното преведување, само еден говорник зборува во одредено време. Говорникот зборува со куси реченици. Кога говорникот ќе заврши, толкувачот толкува од јазикот „извор“ во јазикот „цел“. На тој начин, толкувачот има време да ја анализира пораката како целина, со што на толкувачот му е полесно да го сфати значењето. Фактот дека толкувачот е во иста просторија и дека говорникот престанал да зборува пред да започне толкувачот, значи дека толкувачот зборува директно (лице во лице) со слушателот и всушност станува говорник. Оваа техника најчесто се преферира од страна на членовите на мисијата како медиум за состаноци и преговори. Како медиум најмалку го збунува толкувачот, а резултира во попрецизно усно преведување отколку симултаното преведување, посебно кај толкувачите кои се помалку обучени, зашто преведувачите не мора да слушаат и да говорат во исто време кога го користат консекутивниот метод. Но, оваа техника е многу напорна за толкувачите: тие ќе бидат експонирани (изложени), видливи и ранливи бидејќи би можело да биде префрлање од еден до друг соговорник, а тоа би било заморно и ќе има потреба од поголема концентрација и течност (флуентност) во говорот.

Преведување со шепотење. Преведу­ва­њето со шепотење е познато и како ‘chuchotage’. Кога нема опрема за преведување еден говорник зборува, а во исто време, односно симултано, толкувачот му шепоти на уво на едно или најмногу на две лица кои имаат потреба од преведувачки услуги. Оваа техника е помалку „стресна“ за толкувачите бидејќи нивното присуство е подискретно и на тој начин тие се помалку ранливи. Во тој случај, толкувачите вообичаено седат од страната на едната странка (страна). Членовите на мисијата повеќе би ја преферирале (претпочитале) оваа техника во ситуации кога се набљудувачи на настани кои потполно се реализираат на друг јазик, а не на англиски, на пример кога присуствуваат на состаноци на општински совет. Постојат и други видови толкување кои се спомнуваат во техничката литература. Иако најчесто опишувани ситуации се ситуациите со симултано или консекутивно преведување, се препорачува запознавање и со другата терминологија.

Ескорт-толкување или толкување во придружба. Ескорт-толкувањето се однесува на толкување или преведувачки услуги за владини функционери или претставници, деловни-извршни менаџери, инвеститори, набљудувачи и слично, во ситуации кога тие реализираат посети на терен. Ескорт-преведувањето се карактеризира со спонтаност и широк спектар на ситуации во кои можат да се најдат толкувачите, почнувајќи од формални средби до разгледување на фабрики и коктел-забави. Методот на преведување кој најмногу се користи при овој вид преведување е консекутивниот и вообичаено е ограничен на неколку реченици во одредено време.

Толкување за медиумите. Толкувањето-преведувањето за медиумите е „ловење“, односно треба да се „фатат“ сите термини кои би го опфатиле толкувањето (преведувањето) на: прес-конференции, јавни настани и интервјуа, филмови, видеа, видео-конференции и телевизиски и радиопрограми.

Преведување на суд. Преведувањето на суд е познато како правно или форензично толкување. Тоа се преведувачки услуги за судовите и сите видови на правни случаи.

Преведување на лице-место. Ова пре­ве­дување се однесува на случаи кога од толкувачите (преведувачите) се бара да преведат документи на лице-место ( како на пример официјален извод/документ). Притоа, од суштинско значење е толкувачите (преведувачите) пред самиот превод да се запознаат со овие документи, бидејќи вообичаено станува збор за технички јазик.

Релејно преведување (преведување со преземање). Релејното преведување е техника која ретко се користи и е многу чувствителна на грешки во комуникацијата, иако понекогаш е неопходно да се употреби. Оваа техника се употребува во ситуации кога едно лице зборува јазик за кој нема преведувач на англиски јазик. Во овој случај има потреба од двајца преведувачи за да ја помогнат комуникацијата.

м-р Билјана Поповска

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail