МИЛЕ СИРМА

ПОСЛЕДНИОТ МАЈСТОР НА МИЈАЧКАТА РЕЗБАРСКА ШКОЛА

РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Е ДРЖАВА КОЈА ИМА ДОЛГОВЕКОВНА И ПРЕПОЗНАТЛИВА КУЛТУРНО-ИСТОРИСКА ТРАДИЦИЈА. МАКЕДОНСКАТА АРХИТЕКТУРАТА, МАКЕДОНСКИОТ ВЕЗ, МАКЕДОНСКОТО ФИЛИГРАНСТВО, ГРНЧАРСТВОТО, ТКАЕНИТЕ КИЛИМИ, МАКЕДОНСКАТА РЕЗБА…

DSC_8995Уметничката вредност создадена од вештите раце на македонските занаетчии отсекогаш била препознатлива и високо ценета. Радува фактот што во последно време вниманието на јавноста повторно се насочи кон старите занаети и мајсторите кои во трошните дуќани на Старата скопска чаршија, но и по другите градови ширум Македонија, бијат нерамноправна битка со индустриските производи, со машините и со кафулињата кои сакаат да им го одземат местото и духот на изминатите времиња.
Слушајќи по медиумите за новите проекти кои имаат цел да ги заживеат старите занаети, сакавме и во нашиот магазин да напишеме за некој од овие стари занаети и за последните мајстори на занаетите, кои сè уште работат и создаваат креации со употребна вредност, но кои имаат и посебна уметничка вредност и се дел од нашата културна и уметничка традиција. Се определивме да го посетиме г. Миле Алексиевски-Сирма, последниот мајстор од Мијачката резбарска школа, за да дознаеме нешто повеќе за овој занает или, поточно, за оваа автентична уметност на македонските мајстори-копаничари. Поттик ни беше и тоа што шетајќи по Старата скопска чаршија и разгледувајќи ги експонатите во рамките на Саемот на занаетчиството, и оваа, но и претходните години, како да недостасуваше македонската резба со сите нејзини единствени и препознатливи белези создадени од вештите раце на старите македонски мајстори-копаничари.
Според историчарите на уметноста, во Македонија постоеле и сè уште постојат три резбарски центри: Охридскиот, Прилепско-слепченскиот и Мијачкиот резбарски центар. Од долгиот список мијачки резбарски тајфи, кои во текот на 18, 19 и 20 век работеле речиси по сите меридијани на европскиот континент, позабележителни родови биле: Рензовци, Филиповци, Фрчковци, Станишевци, Мирчевци и други.
Посебен белег со својата резба низ Европа оставил родот Мирчевци од селото Осој, во Мала Река. Миле Сирма за кого овојпат пишуваме, е директен потомок на славниот мајстор Нестор Алексиев Мирчевски, македонски копаничар со меѓународна слава и устабашија на Мијачката резбарска школа. За мајстор Нестор е пишувано многу и во нашиот печат, но и надвор од државните граници, а во 2002 г. е издадена и монографија за неговиот живот и дело. Неговите прекрасни резби се влезени во светските каталози на врвните мајстори-резбари. Неговите дела се дел од нашата култура, уметност, но и од нашата национална историја. Пишувајќи репортажа за Домот на Армијата, имавме можност да видиме една прекрасна комода изработена од ореово дрво и уметнички обработена со прекрасна резба од вештите раце на мајстор Нестор. Миле Алексиевски-Сирма, како директен потомок на славното семејство Мирчевци, уште како дете бил подучуван со сите финеси кои се обележје на славната Мијачка резбарска школа. Затоа сакавме и лично од него да слушнеме за овој занает, односно резбарска уметност, за тоа што е специфично за македонската резба и за уште некои интересни податоци за неговиот татко, но и за него лично, како единствениот од славното семејство кој сè уште го обработува, го резба и го длаби тврдото дрво, претопувајќи го во предмет со прекрасно изработени мотиви.
„Копаничарството или дрворезот е повеќе применета уметност отколку занает на изработка на предмети и резби од дрво. Вредноста на изработките е дотолку поголема колку што е поголем предметот, подлабока резбата и поквалитетно дрвото. Македонските мајстори-копаничари резбите најчесто ги изработуваат од тврди дрва, најчесто од орев. Во резбарството се разликува плитка и длабока резба“, нè запознава со општите карактеристики на резбарството мајстор Миле Сирма, во пријатниот амбиент на неговиот дом во прочуеното скопско Дебар Маало, каде што и ги создава своите дела.
„Копаничарите обично работеле во т.н. тајфи од еден или повеќе мајстори и неколку помошници. За длабење на дрвото користеле специјални длета и дрвени чекани со различни големини“ – посочува Миле Сирма пред распосланите длета и друг алат од секаква големина на масата на која работи, воедно истакнувајќи дека сите тие алатки се мошне стари и имаат висока вредност. „Материјалот мора да биде суво и цврсто дрво, и затоа најчесто се користи ореово дрво, и тоа сушено повеќе години. Најпрво дрвото се фиксира за цврста подлога (работна маса) и потоа на него со молив се нанесува мотивот“, ни покажува мајстор Миле на скиците кои се нацртани за да се пресликаат на дрвото. „Потоа дрвото така се длаби за да остане само мотивот, и тоа најпрвин грубо, со поголеми длета, а потоа и фините детали, со помали длета. Се настојува целата резба да биде од едно парче дрво, бидејќи ако е составувана, постои опасност составните делови да се раздвојат. И во минатото, но и денес, мајсторите-копаничари најмногу ги украсувале црквите. Речиси сите поголеми цркви имале предмети и украси од резба, а во некои целата внатрешност била украсена со резба. Најпознати сочувани дела од овие мајстори се иконостасите во црквите „Свети Јован Бигорски“ кај Дебар и „Свети Спас“ во Скопје. Во црквата „Свети Спас“ во Скопје прота-мајсторот Петре Гарката ја вложил целата своја уметничка способност во виртоузното обликување на елементите од православната сакрална уметност. Покрај тоа, и побогатите куќи биле украсувани со мотиви од резба. И во минатото, но и денес, има нарачки за ваков мебел“, ни раскажува Миле.

СИН НА СЛАВНИОТ МАЈСТОР НЕСТОР
За својот татко раскажува дека во својата работа бил главен копаничарски мајстор. „Тој водел сметка за својата копаничарска дружина, за работата, склучувал нови договори. Тој ги правел плановите за сите резбарски работи, а другото го правеле членовите на тајфата и затоа го викале устабашија. Зад себе оставил големо дело кое може да се сретне во резбарските иконостаси во Македонија и во други балкански земји, а во 1939 година ја освоил првата награда на Светската изложба на уметничкото занетчиство во Берлин“, ни ги покажува старите фотографии на кои мајстор Нестор во мијачка носија е сликан со видни луѓе од тоа време во Берлин.
Нестор е резбарот којшто го воодушевил и кралот Александар, кој го повикал во Топола за да работи на украсување на многу елементи во склоп на мебелот и украсите на резиденцијата. Исто така, и Јосип Броз Тито имал средби со големиот мајстор и барал да изработи за него повеќе предмети со непроценлива вредност. Нестор е уметникот кој ја изработил резбата на саркофагот на Гоце Делчев кога биле пренесени моштите на големиот македонски револуционер во црквата „Св. Спас“ во Скопје. Од државниот врв во 1946 година ја добил задачата за 21 ден да изработи саркофаг за да се пренесат моштите на Гоце Делчев од Софија.
„За да го изработи саркофагот во рокот, татко ми работеше и денње и ноќе. Подножјето на ковчегот го сочинуваат четири лавовски шепи со профирано цокле од сите страни со една вдлабнатина и две издадени хоризонтали. На предната страна во средината на барокниот медалјон има лаворов венец – симбол на победата, а во него е претставен ликот на Гоце Делчев. На страните се претставени тогашните грбови на Југославија и на Македонија. На задната страна е врежана симболичната порака на македонското знаме Смрт или слобода од револуционерниот комитет“. А, не заборава да спомене дека и тој, иако сè уште мошне млад, сесрдно се трудел да му помага во овие работи на својот татко и да ги совлада сите финеси на уметничкиот дрворез.
За Нестор критичарите посочуваат дека е генијален мајстор на тридимензионално прикажување на сите делови на резбата. Бил и еден од првите наставници во Средното уметничко училиште во Скопје, кој од срце им го пренесувал своето знаење и вештина на младите кои имале желба да го резбаат дрвото. „Татко ми не само што освојувал награди и пофалби по сите меридијани, туку добил и Орден за посебни заслуги од белгискиот крал Леополд и Повелба за уметнички постигнувања за прикажана резбарска уметност и фолклор од својот крај“, ни ги покажува фотографиите од тој период мајстор Миле Сирма.

НЕМА КОЈ ДА ГО ПРЕНЕСУВА АМАНЕТОТ ОД СТАРИТЕ МАЈСТОРИ
Во разговорот со мајстор Миле Алексиевски Сирма дознаваме уште многу работи во врска со мајсторите-резбари и Мијачката резбарска школа. Иако веќе во поодминати години, мајстор Миле сè уште работи. Има два сина, од кои едниот понекогаш наоѓа време за да го практикува резбарството кое го совладал од својот татко, но повеќе за своја душа и не за јавноста. А, најголемата желба на стариот мајстор е да може да обучи наследници, односно млади мајстори-резбари кои ќе знаат, исто како и старите мајстори-копаничари, да го украсуваат и облагородуваат тврдото ореово дрво. „Пред извесно време на иницијатива на Ранко Бубамара, во просториите на основното училиште „Вера Циривири-Трена“, беше организиран тримесечен курс за обука во резбарство за заинтересирани млади луѓе. Јас го водев овој курс. Со свој личен алат и материјал несебично го споделував знаењето со заинтересираните. А, во Македонија има навистина надарени деца кои би можеле да ја продолжат оваа традиција“, ни раскажува замислено мајсторот. Но, откако завршил со обуката, повеќето од материјалите и изработените предмети не му биле вратени, а не бил ниту исплатен за трудот кој го вложил. Од општината Карпош, иако му направиле решение, до ден-денес не му исплатиле ниту денар.
„Не ми е толку жал за парите и за материјалот, колку што ме погоди тоа што во иднина нема да има продолжување на обуката“, видно растревожен ни раскажува стариот мајстор.
Ние само можевме да му ветиме дека ќе ја објавиме сторијата во нашиот магазин, па можеби во јавноста и ќе се најде некој авторитет кој ќе се заложи за повторно заживување на обуката за копаничари. Заминувајќи од неговиот дом, му се заблагодаривме за гостопримството, за убавиот разговор и за убавите дела што ги видовме – прекрасни дела резбани во дрво. Со Миле Сирма споделивме и еден куп спомени и фотографии од славните времиња на мијачките мајстори-копаничари, кои со длето и чекан во суровото и необработено дрво ја раскажувале приказната за една земја, за незината историја, за нејзиното богатство од разновидна флора и фауна, како и за борбата за слобода и вербата во Бога кај македонскиот народ.

д-р Жанет Ристоска

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail