Македонија, домаќин на Главниот штаб на СИБРИГ

aDSC_6264На Состанокот на  министрите за одбрана од Југоисточна Европа (СЕДМ), кој се одржа во Рим, Италија, беше донесена одлука Република Македонија да биде домаќин на Главниот штаб на Бригадата на Југоисточна Европа (СИБРИГ) во периодот од 2020 – 2026 година

Во текот на октомври министерот за одбрана на Република Македонија учествуваше на Состанокот на министрите за одбрана од Југоисточна Европа (СЕДМ), кој се одржа во Рим, Република Италија.
Процесот на соработка меѓу земјите од Југоисточна Европа (СЕДМ – South East Defense Ministerial) за прв пат беше инициран во 1996 година, а неговата цел е јакнење на воено-политичката соработка во регионот и подобрување на стабилноста и безбедноста во Југоисточна Европа. На состанокот во Рим  беа присутни  повеќе од  20 претставници на земјите-членки, меѓу кои и министрите за одбрана на: Италија, Турција, Романија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и други.
На Состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на Иницијативата за соработка во Југоисточна Европа (СЕДМ) во Рим, Италија, беше донесена одлука, Република Македонија да биде домаќин на Главниот штаб на Бригадата на Југоисточна Европа (СИБРИГ) во периодот од 2020 – 2026 година.  Во Главниот штаб на Бригадата на Југоисточна Европа (СИБРИГ)  ќе работат офицери од Турција, Грција, Бугарија, Романија, Албанија и Македонија.
По отворањето на седиштето на Штабот на Балканските медицински наменски сили во Скопје на 1 октомври 2016 г., ова е второ регионално седиште на штаб во Македонија и е доказ за лидерството на Македонија во регионалната соработка во областа на одбраната.
Инаку, Меѓународните мировни сили на Југоисточна Европа, бригадата СЕЕБРИГ, е формирана во 1999 година, во рамките на процесот на соработка на министрите за одбрана од регионот (СЕДМ), а и силите и процесот се иницијатива на Македонија. Штабот на оваа бригада го менува седиштето секои 4 години, а досега бил во: Пловдив, Бугарија, Kонстанца, Романија, Истанбул, Турција и Лариса,Грција. Штабот на СЕЕБРИГ беше распореден како штаб на Мултинационалната бригада во Kабул во рамките на мисијата ИСАФ од февруари до август 2006 година. За учество во оваа мисија, единаесетте македонски припадници на Штабот во 2010 година добија Медал на СЕЕБРИГ за посебни достигнувања.
Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, во текот на своето обраќање на Состанокот на министрите на земјите-членки на Иницијативата за соработка во Југоисточна Европа во Рим, најпрвин се заблагодари за укажаната  доверба да бидеме домаќини на Главниот штаб на бригадата СИБРИГ. Понатаму, тој, во своето обраќање се осврна на неколку значајни прашања во однос на меѓународната и регионалната безбедност, истакнувајќи дека современите процеси во меѓународните односи бараат поблиска соработка помеѓу интерните и екстерните безбедносни фактори. Тој, исто така, се осврна и на проблемите во врска со новиот вид безбедносни закани, посочувајќи дека асиметричните закани влијаат на безбедносната средина на глобално и на регионално ниво.
„Мирот, безбедноста и просперитетот се многу поповрзани сега отколку во минатото. Република Македонија ги поддржува напорите за придонес кон операциите предводени од НАТО, Европската унија и Обединетите нации“, изјави министерот за одбрана Зоран Јолевски во своето обраќање на Состанокот на министрите на земјите-членки на иницијативата за соработка во Југоисточна Европа (СЕДМ) во Рим.
За активностите и потенцијалите на  Бригадата на Југоисточна Европа (СИБРИГ),  министерот Зоран Јолевски во своето обраќање истакна дека таа е силен регионален капацитет кој поседува голем потенцијал да придонесува во меѓународни мировни мисии.
Досега Македонија неколкупати иницираше Бригадата да биде испратена во мисија предводена од Обединетите нации или од НАТО и има политичка волја за соодветен ангажман на Бригадата, но за тоа е потребен консензус од сите земји-членки.

„Мирот, безбедноста и просперитетот се многу поповрзани сега отколку во минатото. Република Македонија ги поддржува напорите за придонес кон операциите предводени од НАТО, Европската унија и Обединетите нации“, изјави министерот за одбрана Зоран Јолевски во своето обраќање на Состанокот на министрите на земјите-членки на иницијативата за соработка во Југоисточна Европа (СЕДМ) во Рим

Р.Ш.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail