МАКЕДОНИЈА ВО ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА И ПОТОА

РАЗГОВОР СО ПРОФ. Д-Р ЃОРЃИ МАЛКОВСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ОРГАНИЗАЦИОНИОТ ОДБОР НА НАУЧНИОТ СОБИР ПО ПОВОД 70 ГОДИНИ ОД ЗАВРШУВАЊЕТО НА ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА

DSC_9018Кои се основните причини за поја­ва­та на фашизмот во Италија и нацио­нал­со­цијализмот (нацизмот) во Германија и односот на другите големи сили кон појавата на фашистичката идеологија?
– Основната причина за појавата на фашизмот во Италија било незадоволството поради одземените територии со мировните договори по Првата светска војна. Со помош на крупните капиталисти фашистите вооружиле 60.000 луѓе и во октомври 1922 година организирале марш на Рим со што го принудиле кралот Виктор Емануел да им го довери мандатот за состав на новата влада. Бенито Мусолини на 30 октомври 1922 година формирал влада во која фашистите имале апсолутно влијание. Фашизмот како социјално-политичко движење за Италијанците претставувало идеологија преку која, обединети со сите сили и средства, се надевале дека ќе можат да ја обноват некогашната Римска Империја. Поимот FASCIS означува врзан сноп од прачки со секира, што на римските магистрати им служел како симбол на власта.
Во 1910 година во Германија се формира­ла Националсоцијалистичка германска работничка партија. Неа ја формирале десничарските политички сили и незадоволните маси врз основа на националистичката идеологија и социјалната загрозеност. Всушност, тоа било антипарламентарно движење кое се залагало за цврста рака и за примена на сила заради што, веднаш по формирањето создало сопствени вооружени сили – јуришни баталјони. Основните поставки на ова движење на чие чело во 1933 година доаѓа Адолф Хитлер, биле: авторитарен режим, култ на водачот (фирерот), расизам и империјализам. Програмата на Хитлер предвидувала економска, политичка и воена активност за територијална експанзија на Германија.
Велика Британија, Франција и САД сметале дека Советскиот Сојуз и комунизмот се посериозни противници на приватниот капитал и на развојот на демократијата, па ценеле дека би можело да има војна помеѓу фашизмот и комунизмот како изразени то­талитарни режими. Со други зборови, појавата на идеологијата на фашизмот и на нацизмот, особено нивните реваншистички и ревизонистички стремежи, сè до почетокот на Втората светска војна не биле сериозно третирани во политиката на другите големи сили.

Дали причините за Втората светска војна се економски, или, пак, таа е предизвикана од идеолошките конфликти на големите сили?
– Втората светска војна настанала како последица на многубројните противречности и противставености меѓу победничките и по­разените сили во текот на Првата светска војна. Основните причини се стремежите за нова поделба на светот и големата економска криза, односно борбата за остварување нови економски извори. Значи, основните причини се економски, но истовремено и идеолошки. Германија, својата територијална експанзија ја насочила кон Европа, правенствено кон исток. Советскиот Сојуз претставувал основен економски извор за Германија, а покрај тоа, таа него го сметала за најголем идеолошки противник. Во контекст на ова, нападот на Германија на Советскиот Сојуз на 22 јуни 1941 година се смета за најголем идеолошки судир со воени средства во историјата на човештвото.

Втората светска војна, која започнала на 1 септември 1939 година, а завршила на 2 септември 1945 година, според својот обем, воените разузнувања и човечките жртви, претставува најголем вооружен судир во историјата на човештвото. Кои се последиците од оваа војна?
– Во Втората светска војна учестувале 61 држава со околу две милијарди луѓе, околу 115 милиони луѓе биле мобилизирани, од кои, околу 60 милиони загинале. До крајот на војната, во оперативните единици и во военозаднинските органи и служби, Македонија имала вкупно 152.925 борци и старешини, од кои 24.000 се загинати како борци на боиштата и жртви на фашистичкиот окупатор.
Материјалните штети што ги претрпе Македонија во текот на војната се огромни. Разурнати или опожарени биле повеќе од 10.000 домови и над 4.000 јавни објекти, евидентирани биле 83.000 случаи на ограбувања, над 300.000 грла на крупен и ситен добиток биле насила одземени или заклани. Целосно биле урнати 170 мостови и биле уништени 500 км железничка пруга.
Овие податоци мошне аргументирано говорат за катастрофалните последици на војната во светски размери, а истовремено и за историската величина на НОВ во Македонија.
Какви биле плановите на водачот на Третиот рајх за решавање на проблемот со малцинствата на Балканот, а во тие рамки и македонското прашање?
– Македонското прашање, непосредно пред почетокот на Втората светска вој­на, претставувало проблем околу кој се вкрстувале интерестие на сите соседни држави и на големите сили. За просторот на Македонија особен интерес покажувала Германија, во согласност со идејата за нејзин „пробив на Исток“, но и Италија, со оглед на идејата на Мусолини за проширување на Италија кон Балканот.
Македонија со Солун и нејзините етнички граници во плановите на Хитлер гравитирала како простор со кој ќе биде наградена онаа држава што ќе даде најголем придонес во воспоставувањаето на „новиот поредок“ на Балканот. Доколку балканските држави не сакале да пројават такви амбиции, Хитлер планирал да создаде нови независни држави, и во согласност со тој план, како резервна, постоела комбинација за создавање Македонска независна држава на чело со Иван Михајлов. Но, во разговорите со Хитлер, Иван Михајлов го поставувал македонското прашање како бугарски проблем, нагласувајќи дека околу два милиони Бугари се наоѓале под окупација на Србија и Грција. Многу е значајно да се знае дека Хитлер на тоа му одговорил дека во Србија имало српски Македонци, како што имало грчки во Грција и бугарски во Бугарија и дека тоа прашање ќе се решава откако ќе заврши војната. Всушност, Хитлер планирал македонското прашање да го решава во рамките на малцинскиот проблем во целиот Балкан.

Како изгледала новата поделба на Ма­ке­донија по нејзината окупација во ап­рил 1941 година, кога се анулирани границите воспоставени со Букурешкиот мировен договор од 1913 година и со Парискиот од 1919 година?
– На 18 април 1941 година, според при­вре­мените насоки на Хитлер, Врховната команда на ВЕРМАХТ ги поставила воените граници. Новата граница на север е повлечена до планинскиот венец меѓу Ниш и Пирот. Потоа следи окупацијата на Македонија до определената воена гра­ница што се протегала по линијата Пирот – Врање – Скопје и понатаму по долината на Вардар до грчката граница. Италијанските фашистички сили ја окупирале територијата западно од Брод-Битола, а од јули 1941 година овој дел бил анектиран кон Албанија, со што се создала голема Албанија според програмата на Призренската лига.
Со новата поделба на Македонија биле ану­лирани границите воспоставени со Букурешкиот мировен договор од 1913 година и со Парискиот од 1919 година. Најголемиот дел од Македонија  припаднал на Бугарија која, покрај другото, имала обврска да го задуши НОД и антифашистичката борба, како и да ја обезбеди потребната работна сила за рудниците на хромова руда кои работеле за Германија. На Бугарија  било ветено дека по извршувањето на овие задачи ќе ги добие Гостивар и Тетово.

Кои се основните карактеристики на политиката на окупаторите во Маке­донија и формите на бугарската и ита­лијанската окупаторска власт?
– На 18 април 1941 година во Македонија навлегла бугарската армија и веднаш почнала да ја воспоставува бугарската окупаторска власт. Организирањето и функционирањето на бугарскиот окупациски систем во Македонија, всушност претставувало преземање на природните, историските, културните и сите други богатства на територијата, а истовремено почнала асимилацијата на македонскиот народ. За кратко време „ослободителите“ воспоставиле воена, судска и законодавна, а потоа административна и политичка власт, како и црковна јурисдикција. Територијата на Македонија, воената власт ја прогласила за Петта армиска воена област со команда во Скопје. Бројната состојба на Петтата армија изнесувала 40.000 војници и старешини. Потоа била воспоставена и полициската власт (формирани се две обласни полициски управи со седишта во Скопје и во Битола). Во почетокот, полицијата располагала со 2.750 полицајци.
Меѓу првите акти што ги донело Народното собрание на Бугарија, по прогласувањето на „Обединетото Царство“, бил Законот за државјанство, со кој на севкупното население му се признало бугарско државјанство, а никој немал право да се изјасни како Македонец.
Есента 1941 година започнал да се воведува бугарскиот просветен систем во Македонија. За остварувањето на оваа задача се организирале курсеви за бугарски учители на кои биле вклучени 600 „благонадежни“ лица од Македонија, а 1508 биле донесени од Бугарија.
На економски план македонската те­ри­торија била експлоатирана на нај­безо­бѕи­рен начин, смислено и плански, без да се води грижа за македонското стопанство. Свесно се уништувале просветното и научното наследство, кулурните установи и историските споменици, за да се уништи сознанието за корените на македонскиот народ.
Италијанската и албанската проиталијанска власт применувале сурови мерки на екс­плоатација. Вршеле реквизиција на земјоделските производи, на добитокот и друго, а од 1942 година бил воведен данок наречен десеток, односно спахилак, кој не се разликувал од десетокот во времето на турското владеење.
Во областа на образованието, албанската окупаторска власт особено внимание посветувала на пропагирање на фашистичката идеологија. Наставата се изведувала на албански јазик, а македонскиот јазик бил забранет.

Што мислите Вие за придонесот на единиците на НОВ и ПОМ во осло­бодувањето на Македонија и во поразот на фашистичките окупаторски сили во завршните операци за ослободување на тогашна Југославија?
– Ослободувањето на Македонија, есента 1944 година, е целосна заслуга на единиците на македонската војска во четиригодишната борба со фашистичките окупатори и нивните квислиншки поддржувачи.
Во завршните операции за нејзиното ослободување, македонската народноослободителна војска ја сочинувале три корпуси (15., 16. и Брегалничко-струмичкиот), во чиј состав влегувале седум дивизии со 22 ударни бригади, четири артилериски, три инженериски и една коњичка бригада.
Единиците на македонската војска, само на територијата на вардарскиот дел на Македонија, за време на војната врзувале за себе над 60.000 окупаторски војници и полицајци.
По ослободувањето на Македонија, на 19 ноември 1944 година, македонските воени единици во составот на Народноослободителната војска на Југославија продолжиле со исто темпо и во текот на борбите за ослободување на Косово, а подоцна, по пробивот на Сремскиот фронт, и понатаму, до Загреб и Марибор, сè до конечното ослободување на Југославија.
Во завршните операции за ослободување на Југославија, македонскиот народ и националностите учествувале со околу 24.000 борци, формациски вклучени во составот на 15. македонски корпус, односно со 1/3 од сопствениот воен потенцијал. Во борбите за победата над фашизмот, само од територијата на вардарска Македонија загинале 33.000 борци и цивили, вклучително со над 7.000 македонски Евреи кои во 1943 година биле депортирани во концентрациониот логор во Треблинка.

И по 70 изминати години од победата над фашизмот и нацизмот, фашистичката идеологија сè уште е присутна во разни делови на светот. Сведоци сме на разни појавни облици низ кои се манифестира грозоморната фашистичка и неонацистичка идеологија кај поединци и групи кои се организирани дури и во политички партии. Колку тоа претставува сериозна опасност за човештвото и за демократските процеси во 21 век?
– Како што е познато, фашизмот исчезна на историската сцена со завршувањето на Втората светска војна но, за жал, за кратко време.
Поимот фашизам главно се користи како пежоративен термин со кој некој режим, институција или поединец се опишуваат како неоправдано репресивни. Фашизмот и нацизмот, историски гледано, претставуваат две идеологии кои се сродни, но и различни. Најзначајната нивна разлика произлегува од фактот што за италијанскиот фашизам државата е на прво место, а за нацистите тоа е германскиот народ, дефиниран со својата расна димензија. Според нив, германската раса е супериорна во однос на другите и како таква треба да се шири на штета на другите.
Значајно е да се истакне дека нацизмот не исчезна од политичката сцена како идеологија со поразот на Хитлер и на нацистите. Некои од нивните идеи продолжуваат да живеат. Политичките групи кои се обидуваат да го обноват тоа движење се дефинирани како неонацистички и неофашистички. Најмногу ги има во: Русија, САД, Австрија, Австралија, Велика Британија, Германија, Грција, скандинавските земји итн. Нивните заеднички карактеристсики се состојат во: величењето на Хитлер и на нацистите, негирање на Холокаустот, борба против мултикултурализмот, национализам, нетолеранција на други народи и групи (Евреи, муслимани, хомосексуалци).
Неонацизмот сè повеќе станува прифатлив како mainstream-политички правец кој, преку Интернет, неконтролирано ја шири својата пропаганда. Идеологијата на неонацизмот се стреми за обновување на националсоцијализмот и создавање на „Четвртиот рајх“. Во Европа се шири бран на екстремно десни и популистички партии кои се нарекуваат евронационалистички. Овие партии се општествено прифатени и учествуваат во политичкиот живот.
Ваквите појави претставуваат сериозна опасност за човештвото и за демократските процеси во 21 век. Глобализацијата како незапирлив процес сè повеќе ги нагласува општите заеднички вредности и правата и слободите на граѓаните, независно од нивната расна, верска и национална припадност. Спротивно на ова, неонацизмот како идеологија се залага за ограничување на правата и слободите на човекот како општествено, свесно и разумно битие, пропагира антисемитизам, расизам, национализам, етатизам, милитаризам и хомофобизам.
Причинитге за појавата на овие регресивни идеологии треба поцелосно социолошки да се истражуваат, а на национално ниво треба поинтезивно да се преземаат превентивни мерки во смисла на забрана на нивното организирање и дејствување, како и построго санкционирање. Меѓу­народната заедница, од своја страна треба да изгради јасни ставови по ова прашање, слично како за тероризмот, и да предложи конкретни мерки кои ќе ги координира.

Живко Трајановски

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail