ЛИДЕР ВО РЕГИОНОТ – НОВАТА ПОЛИТИКА НА ТУРЦИЈА

Turkey_flag ИСТОРИЈАТА НА ОВИЕ БАЛКАНСКИ ПРОСТОРИ, СЕПАК, ИЗГЛЕДА ДЕКА СЕ ПОВТОРУВА. БАЛКАНСКИТЕ ЗЕМЈИ, ПРЕД НЕШТО ПОВЕЌЕ ОД ЕДНА ГОДИНА ЈА ОДБЕЛЕЖАА СТОГОДИШНИНАТА ОД ПРВАТА БАЛКАНСКА ВОЈНА ВО КОЈА РЕЧИСИ СИТЕ БАЛКАНСКИ ЗЕМЈИ УЧЕСТВУВАА ВО ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА БАЛКАНОТ ОД ПОВЕЌЕВЕКОВНАТА ОСМАНЛИСКА ОКУПАЦИЈА КОГА ТУРЦИЈА СЕ ПОВЛЕЧЕ НА ЛИНИЈАТА ЕНОС-МИДИЈА. ИАКО КАКО ПОРАЗЕНА СТРАНА, СТОГОДИШНИНАТА ОД БАЛКАНСКАТА ВОЈНА ЈА ОДБЕЛЕЖА И ТУРЦИЈА, НО ОВОЈПАТ КАКО КАНДИДАТ ЗА ЛИДЕР ВО РЕГИОНОТ КОЈ ПОВТОРНО ЌЕ ГИ ОБЕДИНИ И ЌЕ ГИ ПОВРЗЕ БАЛКАНСКИТЕ ЗЕМЈИ. КАКО ШТО ПРЕД 100 ГОДИНИ ЦЕЛИОТ БАЛКАНСКИ ПОЛУОСТРОВ ВРИЕЛ ОД ПРЕВИРАЊА КОИ НАЈПРВО РЕЗУЛТИРАЛЕ СО БАЛКАНСКИТЕ ВОЈНИ, А ПОТОА И СО ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА, ЦЕЛ ВЕК ПОДОЦНА ТРУСНИОТ БАЛКАН ПОВТОРНО СЕ НАОЃА, СЕ ЧИНИ, ВО НОВ ЦИКЛУС НА ПОЛИТИЧКО И ОПШТЕСТВЕНО ПРЕКОМПОНИРАЊЕ

Гледајќи ја пошироката слика на Балканот се доаѓа до заклучок дека во регионот се испреплетени инетерсите на гоелмите сили: Европа, Русија и САД. На почетокот на новиот век, во прекомпонирањето на Балканот повторно доминантно влијание имаат двете некогаш големи сили, Германија и Турција, и повеќе од јасно е дека иднината на некојси „Нов Балкан“, со вооружена, материјална и think tank-поддршка од САД и од НАТО, ќе го креираат токму тие, Германија и Турција.
Своите интереси Европа ги искажува преку вклучувањето на земјите од Балканот во ЕУ, во Русија преку гасоводот „Јужен Поток“, а САД своите интереси на Балканот очигледно сака да ги оствари преку Турција. САД своите интереси во новата прекомпозиција на Балканот, најверојатно ги гледа во ренесансниот турски „ноосманизам“ од две причини. Првата причина е перманентната нестабилност и бурните случувања на Блискиот Исток, каде што Турција сè уште има мошне големо политичко и економско влијание, а како втора причина, според американското мислење, само Турција може да го забави и да го ограничи влијанието на Русија на Балканот.
После повеќе од три децении преговарања со ЕУ, очигледно е дека Турција нема да стане членка на ЕУ, па се чини дека бара алтернатива за својата растечка економија, поддржана со својот воен потенцијал. Како што е познато, покрај Франција и Австрија, Германија е една од западноевропските држави која најодлучно се спротивставува на полноправното членство на Турција во ЕУ и предлага мошне недефинирано „привилегирано партнерство“ со коешто Анкара не се согласува. Според некои истражувања 77 % од Германците не сакаат Турција да ја видат во ЕУ, иако во Германија живеат околу три милиони Турци. Сето тоа, односите помеѓу Турција и Германија ги прави многу осетливи. Германија на Турција на Балканот повеќе гледа како на ривал отколку како на партнер, што не значи дека одредени аранжмани кои се од интерес за двете страни не се можни помеѓу овие две моќни и прагматични држави. Ќе биде интересно да се следи „судирот“ на германските и турските концепции во БиХ, каде Берлин, како и секогаш, ги поддржува хрватските интереси, а Анкара интересите и барањата на Бошњаците. Иако може да биде и поинаку, сепак мислам дека се неосновани процените за премолчен договор околу препуштањето на Западен Балкан на Турција од страна на Германија или на ЕУ.
Од друга страна, Турција е многу значаен фактор за американските интереси во регионов. Веќе подолго време сме сведоци дека се намалува желбата на ЕУ за примање на останатите балкански држави во своите „прегратки“. Заради тоа, исто толку време во ЕУ е присутна и една идеја за формирање на т.н. Балканска унија на чело со Турција, како алтернатива за невлегувањето на Турција во ЕУ.
Дали случајно или не, во исто време кога Русија го покрена проектот „Јужен поток“, Турција го активираше своето присуство на Балканот. Тоа може да се протолкува дека Турција сака да покаже дека покрај Брисел и Москва, балканските земји имаат уште една алтернатива. Освен тоа, сметајќи дека Турција е под големо американско влијание, можно е со тоа да сакаат да се спречи зголеменото влијание на Русија во регионот.

КОРЕНИТЕ НА СОВРЕМЕНА ТУРЦИЈА
Корените на денешната Турска Република почнуваат од 01.11.1922 г. кога Големото народно собрание во Анкара одлучило да се укине Султановата канцеларија во Истанбул. На 17.11.1922 г. и последниот султан го напушта Истанбул. Тој настан го означува крајот на Османлиското Царство. Народното собрание на Турција на 13.10.1923 г. ја прогласува Турција за република, ја одредува Анкара за нејзин главен град, а Кемал-паша (Кемал Ататурк) за претседател на државата. Веќе во 1924 г. доаѓа до укинување на калифатот кој за време на османлиското царство претставувал главниот извор на верската моќ, доаѓа до забрана на посебните верски училишта и забрана за носење на фесот, забрана на многуженството и се воведува латиницата како службено писмо наместо арапското писмо. Се воведува рамнопавност на жените и нивно право на глас.
Од 1952 г. Турција е членка на НАТО, а во април 1987 г. и формално побарала прием за членство во ЕУ. Кога една таква земја со величина на Турција, со 75 милиони жители и висок БДП, случајно би се наоѓала во Средна Европа, со една или две реформи секако дека ќе станеше членка на ЕУ многу одамна. Но, Турција и после неколку децении на реформи и чекање на членство во ЕУ тргнува во дипломатска офанзива, не само на Балканот, туку и на Кавказ и на Блискиот Исток за зајакнување на своето политичко влијание.
Речиси 50 години турската армија ја контролирала политиката во Турција, организирала воени удари, симнувала влади, забранувала политички партии. Последниот обид беше обидот за забрана на АKP во 2007 г. (на турски Adalet ve Kalkinma Partisi) или Партија за правда и развој, која е и денес на власт, во 2007 г. заради загрозување на секуларното уредување на земјата, кога се обиде да го спречи поставувањето за претседател на г. Абдула Ѓул, кога владејачката партија едвај се извлече со одлука на Уставниот суд во сразмер шест наспрема пет.
Апсењето на голем број офицери, генерали, на крајот и на поранешниот началник на Генералштабот на турската армија, во рамките на истрагата за наводно подготвување на државен удар против демократски избраната власт, турската армија го изгуби статусот на „држава во држава“ и таа веќе не е способна делотворно да ја носи улогата на заштитник на кемализмот и секуларниот поредок на државата. За денешна Турција очевидни се три работи: прво, отстапувањето на турските власти од принципот на Кемал Ататурк, второ, нејзината реисламизација и трето, сè поголемото влијание на Турција на Балканот. Таквите денешни карактеристики покажуваат дека Турција во многу аспекти на животот ќе биде исламска но, сепак, искрено се надевам дека нема да стане втор Иран или Саудиска Арабија и никако дека сите придобивки на Ататурковата модерна револуција ќе бидат избришани. На Турција и претстои период на создавање на специфична синтеза на модернизмот и конзерватизмот, исламот и демократијата.

СТРАТЕГИСКИОТ ИНТЕРЕС НА ТУРЦИЈА
Како најголема и најбогата земја во непосредното опкружување на Балканот, Турција тежи да стане регионална сила и сака да има потполна доминација во регионов. Заради својата геополитичка положба, Анкара смета дека во наредниот период нејзината територија ќе стане најголемиот енергетски јазол и ќе претставува центар помеѓу трите континенти, Азија, Европа и Африка.
Силната економија, која секоја година бележи пораст, овозможи на Турција како членка на НАТО да создаде и најсилна армија во регионот. Влијанието на турската дипломатија на овие простори, покрај оживувањето на митот за Отоманската Империја, Западен Балкан го смета и за нејзина спона со Европа и настојува преку влијанието во регионов да создаде подобри услови за понатамошните преговори со Брисел за нејзиното приклучување кон ЕУ, иако желбата на нејзините жители за влез во ЕУ секоја година е сè помала. Според податоците на „Еуробарометар“, во 2004 г. пристапувањето на Турција кон ЕУ го поддржувале 62% од граѓаните, а во 2010 г. само 42% од населението сакале Турција да биде приклучена кон ЕУ.
Бидејќи балканските земји за Турција претставуваат „врата кон Европа“, стабилноста на Балканот за Турција е од пособен интерес. Како најголема економска и воена сила на Балканот, Турција настојува да создаде потполно влијание во земјите во регионот, првенствено преку дипломатијата, економијата и, секако, военото присуство. Таквата цел на Турција може да се согледа и од нејзината активна вклученост во сите спорови на Балканот, со влијанието врз земјите кои го немаат признато Косово, тоа да го направат и преку нудењето на турскиот премиер Ердоган за помош во разговорите помеѓу Белград и Приштина, со цел подобрување на односите, бидејќи тој смета дека тоа би придонело за поголема безбедност на Балканот.
Накратко, турската стратегија е содржана во неоосманската надворешна политика на AKP во која се главни три елементи:
1. Желбата Турција да се соочи со турското, муслиманското и османското наследство дома и надвор. Тоа не значи повик за воспоставување на исламска држава во Тур­ција ниту турска империја на Балканот и на Блискиот Исток. Тоа е залагање за по­малку милитантна верзија на турскиот секуларизам и „soft“ турско влијание на поранешните османлиски територии.
2. Чувство за величина и самоувереност во надворешната политика. Според овој елемент Турција себеси се гледа како регионална сила која го протежира своето влијание на географските простори на поранешната византиска и османлиска држава.
3. Прифаќање на Западот и на исламскиот свет т.е. отвореност и кон Западот и кон Истокот.

НОВАТА НАДВОРЕШНА „НЕООСМАНЛИСКА“ ПОЛИТИКА НА ТУРЦИЈА И НЕЈЗИНИОТ „ПРОДОР“ НА БАЛКАНОТ
Сè до 1980 г. турската надворешна поли­ти­ка се потпираше на два принципи, на прозападниот и на антиревизионистичкиот принцип, воспоставени уште за времето на Ататурк. По воениот удар во 1980 г. Турција почнува да се реисламизира, а со тоа почнува и промената на курсот на надворешната политика, и тука можат да се најдат причини за напуштање на политиката на добри односи со поранешна Југославија кон крајот на осумдесеттите години на 20 век, а посебно со Србија по избивањето на војните во 1990-тите години.
Турскиот „продор“ кон Балканот може да се подели на два периоди: пред 2000 г. и период после 2000 година. За време на избивањето на конфликтите на просторите на поранешна Југославија, турската активност беше насочена на давање помош на државите кои сакаа да се одделат од Југославија, посебно на Босна и Херцеговина, каде поддршката беше главно во вооружување на армијата на БиХ, нејзината обука и логистичката поддршка. Како членка на НАТО, Турција со свои авиони учествуваше и во бомбардирањето на позициите на босанските Срби во 1995 година.
По 2000 г. турската дипломатија го ин­тен­­зивира своето делување со цел вос­пос­тавување подобри односи со сите земји на Балканот. Тежиштето на своето делување го насочи преку дипломатски, економски, воени и културни активности во регионов.
Од 2009 г., дипломатската активност на сите турски државни претставници: премиерот Реџеп Ердоган, претстедателот Абдула Ѓул, министерот за надворешни работи Ахмет Давутоглу, како и високи воени претставници, е значајно зголемена. Почнувајќи од 2009 г., па сè до денес, тие повеќепати ги посетија речиси сите балкански држави: Албанија, Црна Гора, Романија, Босна и Херцеговина, Македонија и Косово. Посебен успех претставува потпишувањето на Истанбулската декларација помеѓу Турција, Србија и Босна и Херцеговина во 2010 г., што се смета за подобрување на односите на Турција со Србија, кои беа нарушени во 1999 г. заради учеството на турски авиони во бомбардирањето на Србија од страна на НАТО.

м-р Симеон Митрев

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail